“Жолтите елеци” против Макрон
Петта сабота по ред, насилнички настроени демонстранти се собираат во центарот на Париз и во разни градови низ Франција, за да протестираат. Тие не носат транспаренти и не се движат низ улиците како што е тоа вообичаено во оваа земја со силно синдикално движење и традиција на изливи на незадоволство од власта и нејзините одлуки, туку се препознаваат по тоа што мнозинството на себе имаат жолти елеци, како што носат работниците во градежниот или транспортниот систем, но најмногу и по спремноста да се пресметуваат со полицијата и со силите на редот. Потпалуваат автомобили, паркирани по улиците, подметнуваат пожари, уништуваат излози од продавници и најмногу од се – се тепаат со полицајците. Повеќе од 500 лица се досега уапсени, а дури околу 300 од нив се обвинети за подметнување пожари.
Нешто слично во Париз и во Франција се случуваше во 2005 година, но оваа земја од поодамна е позната во Европа по насилнички протести и по уличните пресметки со полициските сили. Некои веднаш побрзаа досегашните случувања да ги споредат со “револуционерната” 1968 година, кога студентите и главно младите левичари се нафрлија врз традиционалните вредности на Републиката и врз тогашниот претседател, остарениот генерал Шарл де Гол. Други, пак, прават споредби со француската револуција од 1789, или со средновековната селанска буна од 1358 година. Впечаток е дека сите вакви споредби со она што се случува изминатите ндели во земјата, сепак, се претерани, но поранешниот претседател Жак Ширак, во 1995 година, по едни вакви, жестоки протести, кога демонстрантите предизвикаа парализа на патиштата и на железницата, се откажа од пензиските реформи.
Бавна реакција на Елисејската Палата
Сегашните немири на “жолтите елеци” почнаа откако ваква толпа излезе да протестира на париските “Елисејски полиња”. Уште веднаш, десетината илјади демонстранти покажаа невообичаена жестина, оправдувајќи го протестот и насилството со незадоволството од одлуката на претседателот Емануел Макрон и на неговата влада да се воведе „зелен данок“ со кој се зголеми цената на дизел горивото. Ваквиот данок требаше да ги натера возачите помалку да ги користат автомобилите во градовите и посебно во Париз, за обезбедување почист и поздрав воздух. Еколошки замислениот данок, меѓутоа, значи поскапување на цената на дизелот, што е далеку најмногу користеното гориво во Франција. Неговата цена, само за една година, е поскапо за 24 отсто, што ги револтираше „ обичните луге“ на кои, како што се покажа, стандардот им е поважен од чистиот воздух. Со поскапувањето посебно се погодени сите оние кои секојдневно патуваат до работното место и назад до дома со своето возило, што значи дека трошат многу повеќе за гориво од другите, како и оние чија работа, или бизнис е поврзана со автомобилот, па на уличните протести и покрај нивната жестина, Французите почнаа да гледаат со симпатии и со разбирање.
Елисејската Палата и владата, на револтот реагираа забавено, па дури откако видоа што им се случува во Париз, прво понудија компромисно решение- зелениот данок да почне да се применува дури од пролет идната година, а кога тоа не го намали револтот- Макрон прифати да го повлече законот за екстра оданочување на дизелот, за некое друго време. Според француските аналитичари, ваквата попустливот дојде предоцна, затоа што во меѓувремено “жолтите елеци” – како што се нарекуваат демонстрантите- побараа и други социјални мерки од властите, како услов за да се повлечат од улиците, а пред се, да се повлечат сите закони и мерки кои, според нив, се во полза само на богатите Французи.
Извори на “Скопје/Глобал” од Париз објаснуваат дека поскапувањето на дизелот предизвика само да “пукне балонот” и трпението, затоа што незадоволството трае подолго време и е насочено против вкупната скапотија во земјата, растот на цените на низа основни производи за кои лугето секојдневно издвојуваат пари. “Франција станува скапа земја за живеење, за разлика од порано, поскапа од Германија и веќе ја има достигнато, традиционално скапата Британија “- вели овој извор, објаснувајќи дека причините за растот на цените лугето ги бараат и ги наоѓаат во даноците и во неуспехот на власта да се постигне фер даночен систем.
Претседател на богатите
За ваквата ситуација, “жолтите елеци” го обвинуваат, пред се, претседателот Макрон и како одминува времето, се е поочигледно дека револтот и протестите на улиците се насочени против него, па демонстрантите бараат тој да се повлече од функцијата. Го обвинуваат дека ги заборавил “обичните луге” и дека е индиферентен кон нивните проблеми и состојбите во кои живеат, па затоа го нарекуваат “претседател на богатите”.
Во француската јавност, од почетокот трае дилемата кои ги предводи овие протести и кој стои зад нив. Засега се знае дека тие не се продукт на, инаку, моќните синдикални организации, а крајната левица, како и крајната десница на Марин ле Пен, тврдат дека иако имаат разбирање за револтот, не се потикнати од нивните партиски структури. Ваквите оправдувања се примаат со резерва затоа што овие две крајности на француската политичка сцена, во крајна смисла, може да профитираат најмногу на следните избори за Европскиот Парламент, закажани за мај 2019 година. Факт е дека овие протести не се насочени против ЕУ и силната европска ориентација на Макрон, како што тоа побрзаа да го толкуваат делови од македонската националистичка, антиевропска и проруска јавност. Таа, во случувањата во Париз и Франција, видоа можност да ја користат тамошната ситуација како покритие за нивната анти ЕУ реторика ставена во служба на позициите на Москва- за слабеење на Унијата- кај овдешните гласачи, а против европскиот курс на актуелната македонска влада.
Анализите на француските политички експерти забележуваат дека “жолтите елеци” се надвор и од вообичаените норми за вакви случувања во оваа земја, затоа што за собирање и организирање ги користет само социјалните мрежи, преку кои ги најавуваат и своите барања. Истрагите што досега се направени, пак, откриваат дека сите меѓу нив не излегуваат на протест, потикнати од социјалните мотиви и дека во толпата секогаш се вовлекуваат екстремисти од крајната левица и десница, кои излегуваат на улиците, обично со покриено лице, само за да предизвикуваат насилство, да се тепаат со силите на редот и да прават штета, застрашувајќи ја целата јавност. Французите, засега, се на нивна страна, па дури 75 отсто сметаат дека барањето на “елеците” се оправдани, додека во истовреме, рејтингот на Макрон, кој пред 18 месеци, кога стапи на претседателската функција, изнесуваше над 60 отсто, сега е драстично намалена и изнесува околу 22-23 отсто.
Социјални незадоволници
Проценка е дека главнината од вистинските незадоволници се луге од семејства кои имаат просечни приходи, оние кои секој месец живеат според принципот- од први, до следниот први во месецот, како и оние со месечен буџет кој најчесто е блиску до “црвено” иако за нив не се вели дека се сиромашни. Сите ги обединува незадоволството од даночните реформи и политиката на даноците која ја спроведува Макрон, но анализите откриваат дека големо мнозинство од “жолтите елеци” не се негови политички истомисленици и дека не гласале за него во првиот круг на претседателските избори. Подршката му ја дале (оние кои тоа го направиле) дури кога Французите во вториот круг од гласањето, се определуваа меѓу Макрон и крајната десничарка Ле Пен.
Замислата на Емануел Макрон и на неговата екипа, уште во минатата година беше, да се трансформира земјата и на некој начин да се подготви за Европа и ЕУ, без Британија, која се повлекува, во обидот да ги направи Франција и Париз, она што се сега Британците и Лондон. Планот е земјата да се откаже од данок на богатството (на богатите), омилен кај оној дел од јавноста што сега бара од него да си даде оставка, потоа да се намали корпорацискиот данок, за да земјата стане уште попривлечна за странските инвеститори. Намерата на Елисејската Палата беше и се веува дека се уште е, да се увери финансискиот свет дека Франција не е земја која е против богатите и против создавањето пари, преку што, инаку, полза би имала и државата и луѓето, преку збогатената држава.
Изворот на “Скопје/Глобал” смета дека претседателот Макрон не успеа досега да и ја продаде на домашната јавност својата визија за една поинаква Франција, на која сепак и се потребни реформи во многу сектори, како во даночниот систем, така и во пензискиот и во системот на работни односи. Обидот на претседателот да отпочне со реформирањето во секторот на работните односи, предизвика протести и хаос во јавниот сообраќај, поради штрајковите на синдикатите. Сега се смета дека Макрон не успеа да промовира и нов даночен систем, што би бил поставен на фер односи, соочувајќи го со вистината дека лугето, обично, сакаат и подржуваат реформи во општеството, но не сакаат да се откажат од било која од привилегиите и придобивките кои ги имаат од не до крај реформираните системи.
(С.С.Г.)