Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Крајната десница и националистите против Маракеш

Alex_Ugalek/BigStock.com

Крајната десница и националистите против Маракеш

Околу пет илјади фламански националисти и припадници на крајната десница, протестираа во Брисел против Пактот за миграцијата на ОН, што беше потпишан минатата недела во Маракеш, во Мароко. Националистите и десничарите, не само белгиските, тврдат дека Пактот ќе предизвика зголемување на миграцијата во Европа, во земјите на ЕУ и посебно во Белгија. Во јули оваа година, 196 земји членки на ОН се согласија со глобалниот компакт за безбедна, уредена и регулирана миграција, откако сите активно учествуваа во подготовките за изготвувањето на текстот. Но на специјалната конференција во Маракеш, документот го потпишаа 164 држави- членки. Освен САД, кои единствени се повлекоа од целиот проект, уште на самиот почеток, сега од него се повлекоа и неколку членки на ЕУ, како Унгарија, Полска и Словачка, и Италија и Австрија. Во сите на власт се националистички и десничарски влади, како и коалиции во кои е вклучена и крајната десница. Пактот, меѓутоа, не носи правна обврска за секоја земја потписничка, затоа што според неговите одредби, секоја држава, самата определува какви закони и прописи за миграцијата ќе донесе и како ќе ја уредува целата таа сфера. Покрај десничарскиот протест, во Брисел се одржа и контра-протест на левицата и на либералните групи и организации. Анти десничарски протест беше организиран и во Виена, каде демонстрантите протестираа против крајната десница во тамошната влада.

Постигната спогодба за климатските промени

На меѓународната конференција во Катовице, во Полска, учесниците на собирот, во последен момент, успеаја да постигнат согласност околу текстот на завршниот документ и практично, да ја спасат конференцијата од неуспех. Оваа конференција беше организирана за да се одржи во живот глобалната спогодба од Париз за климатските промени и заштитата на Земјата. Сенка врз иднината на оваа спогодба падна, откако од неа се повлекоа САД, по критиките на американскиот претседател Доналд Трамп, за тоа дека парискиот документ е нефер и дека е неприфатлив за сегашната администрација во Вашингтон.

Путин законски ќе ја уредува рап музиката

Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека рап музиката нема да биде забранета, но дека таа ќе мора законски да се уреди . Ваквото решение било донесено откако во Русија биле откажани повеќе концерти со рап музика. Кога обидите да се издејствува забрана на ваквата музика се покажале како контрапродуктивни, било одлучено да се употреби старата советска пракса – рапот да може да живее, но да се контролира она што е дозволено . На руското министерство за култура веќе му бил даден налог да изнајде најдобар начин како да изгледа рапот во Русија. Изјавата на Путин дошла по апсењето на популарниот руски рапер Хаски. Тој бил уапсен во градот Краснодар, кога тамошните локални власти заклучиле дека неговиот настап и целиот рап концерт “претставуваат екстремизам”. Претходно, во неколку градови, во последен момент биле откажувани неговите концерти. Прашањето дошло до Кремљ, а рускиот претседатател ветил дека работите околу рапот ќе се разрешат со големо внимание. Тој притоа дал и свое видување за оваа музика, тврдејќи дека таа се потпира врз три работи – секс, дроги и протест.

Канбера го избра Ерусалим

Австралиската влада одлучи да го признеа западен Ерусалим како главен град на Израел и покрај силното противење на палестинските власти на Западниот брег. Досега официјална Канбера го признаваше Тел Авив како израелски главен град, каде се наоѓа и австралиската амбасада. Ваквата одлука доаѓа по решението на САД да ја префрлат својата дипломатска мисија во Ерусалим, што подоцна го следеа и неколку други земји. Главнината од државите, меѓутоа, засега не брзаат со тоа да имсе придружат на Американците, а некои ветуваат дека тоа никогаш нема да го направат. Палестинците кои сметаат дека Ерусалим треба да биде главен град на државата Палестина, во еден период од преговорите за мир на Блискиот Исток, се согласија градот да биде одново поделен, како до јунската војна во 1967 година, при што Источен Ерусалим би се користел како престолнина на палестинската држава.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе