Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Српски “доброволци” во Источна Украина

blinow61/BigStock.com

Српски “доброволци” во Источна Украина

Преку 370 српски државјани се бореле на страната на бунтовничките сили во украинските области Луганск и Донецк, од март 2014 година, кога Русија изврши анексија врз полуостровот Крим, а потоа и воена интервенција во Источна Украина, отворено помагајќи ги бунтовниците во нивните сепаратистички планови.

Москва веќе 4,5 години во овој “замрзнат сукоб” демантира дека имало руски војници во источните украински делови, тврдејќи дека станува збор за отпор на локалното население, како и за бројни “доброволци” од Русија, но и од други земји. Властите во Киев веруваат дека лугето кои од странство доаѓаат на фронтот за да пукаат врз украинските војници не се никакви “доброволци” туку платеници, но немаат прецизна бројка за колкав број странци станува збор. Тоа се однесува како на оние дојдените од територијата на Русија, така и на “доброволците” од Србија.

Вклученоста на српските државјани во редовите на бунтовничките сили, сите овие години претставува проблем кој сериозно ги обременува украинско-српските односи, особено што во Киев се незадоволни од односот на српските власти кон прашањето со “доброволците”. Украинскиот амбасадор во Белград ,Олександер Александрович, неодамна, одново го покрена ова прашање, откривајќи дека Киев редовно испраќа до властите во Србија спискови со државјани на Србија кои војуваат против украинската власт во источните делови на земјата, заедно со руските бунтовници. На средба со српските медиуми, амбасадорот рекол дека од оние 370 српски “доброволци”, за кои знаат тамошните власти, само половината од нив биле обвинети за своето војување во странска земја, дека од тоа српските судови им пресудиле на 28 лица, а дека во затвор се нашле само четворица.

Амбасадорот Александрович, како што пренесуваат белградските медиуми, не го криел своето разочарување дека 24 лица од оние на кои им се судело, поминале со условни казни, па затоа и најголемиот дел од оние против кои се водела некаква постапка, или не завршиле во затвор, одново се вратиле во Источна Украина да војуваат за “руската кауза” а против Украинците.

“Не разбираме, зашто сте постојано против. За нас е нејасно зашто и натаму гласате против Украина, во разни меѓународни форуми, кога ние секаде ве подржуваме. Украина не го има признаено Косово, не бараме од Србија да воведе санкции против Москва, иако би се радувале од една таква одлука. Неодамна гласавме и против приемот на Косово во Интерпол, а српската страна ни возврати со гласање против украинската резолуција поднесена во ОН” – рекол во Белград украинскиот амбасадор.

Владата во Киев е повредена од однесувањето на официјален Белград при гласањето за резолуцијата на Украина за милитаризацијата на Азовското Море и на Крим. Српскиот претставник во Светската организација, меѓутоа, гласал против резолуцијата. Украинците се разочарани што Србија во овој случај можела да остане воздржана, или да неучествува во гласањето (како што тоа го направиле низа земји), но таа се определила да ја демонстрира својата силна лојалност кон Москва. Резолуцијата на крајот, сепак, била усвоена, но останува незадоволството на Украинците од ваквото однесување на Србија за кое велат дека веќе станува постојана пракса.

За време на последната посета на Белград на украинскиот претседател Петро Порошенко, била договорена “џентламенска спогодба” – двете држави да не гласаат една, против друга во меѓународните организации и форуми, но според официјален Киев, на овој договор се придржува само Украина.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе