Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Екс претседателката Кирхнер на судење за корупција

Casa Rosada (Argentina Presidency of the Nation) https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Cristina_Fern%C3%A1ndez_de_Kirchner_y_Ban_Ki-Moon.jpg / CC by 2.0

Екс претседателката Кирхнер на судење за корупција

Поранешната претседателка на Аргентина Кристина Кирхнер (Cristina Fernández de Kirchner) ќе се појави на судење, обвинета за корупцја. Судот побарал таа да биде уапсена, но засега останува да се брани од слобода, затоа што и натаму е заштитена со имунитетот што и ја нуди Конгресот (Парламентот).

Во септември, судот во Буенос Ајрес пресуди дека таа е виновна, затоа што уште со својот, сега, починат сопруг Нестор Кирхнер, кој беше претседател од 2003 до 2007 година, имаат создадено еден корупциски систем, според кој директорите на компаниите им давале пари, во готовина, на владини функционери, за да добијат некоја државна зделка. Станува збор за милионски износи во американски долари.

Според домашните медиуми, аргентинскиот суд наредил и блокада и заплена на целиот имот на Кирхнер, кој е проценет на 38 милиони долари.

Поранешната прва дама на Аргентина, како сопруга на Нестор Кирхнер, потоа стана претседател на оваа голема јужноамериканска држава, откако тој непосредно пред смрта ја предложи за негов наследник, што партијата која ја предводеше го прифати. Кристина Кирхнер, потоа беше шеф на државата, во два едно по друго мандати, водејќи пролевичарска и популистичка политика.

По поразот на последните избори, во 2017 година таа се кандидираше и стана сенатор и член на Горниот дом на аргентинскиот Конгрес. Според законот, таа не може да биде уапсена и задржана во затвор додека трае судењето, поради имунитететот, но сепак, може да биде обвинета, да и биде судено и да биде и осудена. Ако на судењето што е најавено, биде осудена на затворска казна, Кирхнер ќе оди на отслужување на казната, само доколку мнозинството од сенаторите одлучат да и го симнат имунитетот.

Аферата избувна во август годинава, откако медиумите објавија делови од бележникот на возачот на заменикот министер за планирање во владата на Кирхнер. Тој внимателно ги бележел сите локации и објекти на кои директорите на големите градежни компании и на фирмите за изведување јавни работи, им ги оставеле парите, во специјални торбички, како поткуп на министрите и функционерите од владата на Кирхнер.

Таа, меѓутоа, продолжува да тврди дека сите овие обвинувања што доаѓаат во време на актуелната десно-центристичка влада во Буенос Ајрес, се “политички мотивирани” измислени и измонтирани, за пресметка со поранешната власт. Кристина Кирхнер, како и нејзиниот пријател и некогашен идеолошки сојузник Бразилецот Лула да Силва, кој е осуден на 12 години затвор за корупција и веќе ја издржува казната, им пркоси на судските власти, инсистирајќи на својата невиност. Таа и нејзините подржувачи продолжуваат да зборуваат дека Кирхнер и покрај се, ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат, на изборите во октомври 2019 година, исто како што тоа го правеше Лула во Бразил кој се пријави за годинешниве бразилски избори, но Врхвниот суд, на крајот, ја отфрли неговата кандидатура.

Кристина Кирхнер освен за ова кривично дело е обвинета во уште четири други истраги, сите поврзани со корупција и со перење пари. За сите нив, таа ќе треба да се појави на судења.

Одлуката на аргентинскиот суд, да и се суди на поранешната претседателка, доаѓа по обвинувањето за корупција на бившиот претседател на Перу, Ален Гарсија, кој кога разбра дека ке биде уапсен и ќе мора да одговара, избега во зградата на амбасадата на Уругвај, во Лима и побара азил. Во барањето за азил до уругвајските власти тој тврдел дека обвинувањата се политички мотивирани, но тамошните власти не ја прифатија молбата за азил, неприфаќајки дека обвинувањата против Гарсија за корупција, се “политички реваншизам”. Веднаш по излегувањето од зградата на амбасадата, тој исчезна во непознат правец.

(Д.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе