Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Британските банки бараат лиценци во ЕУ

Nessluop/BigStock.com

Британските банки бараат лиценци во ЕУ

Британската банка РБС (Royal Bank of Scotland) има побарано лиценца за работа во Германија за да може безбедно да продолжи со работа доколку Велика Британија ја напушти ЕУ без да постигне договор со Брисел. Со ваква лиценца банката сака да ги задржи своите клиенти на континентот и да спречи тие да почнат да извлекуваат пари.

Според лондонските медиуми, банката која во Британија е во државна сопственост, откако по кризата во 2008 година, беше спасувана од британската влада, во ноември, побара и доби нова лиценца за работа и во Холандија каде веќе има префрлено средства во бизнис вредност од 15 милијарди евра. Со новите лиценци, РБС ќе може слободно да работи во Европската Унија, давајќи финансиски услуги при што исплатите, претежно, ќе се извршуваат во евра, но банката која е основана и чие седиште е во Шкотска, настојува да ги задоволи потребите за заеми на локалните компании, во Холандија и во Германија.

Лојд Банкинг Груп бара лиценца за работа за три свои големи филијали, во Берлин, Франкфурт и во Луксембург, додека банката Барклис, со седиште во Лондон, веќе забрзано работи за проширување на својата досегашна подружница во Даблин да ја трансформира во комплетна филијала, оспособена за работа во ЕУ. Медиумите откриваат дека 37 финансиски институции кои сега имаат седиште во Британија, побарале од Европската централна банка (ЕЦБ) нови лиценци за работа, или дозволи за проширување на нивната дејност, пред Брегзит предвиден за 29 март 2019 година.

Од овие институции, 30 го одбрале Франкфурт како своја нова база за работа во ЕУ, со вкупна вредност на нивните расположиви средства од 800 милијарди евра, што се очекува да се префрлат пред британското излегување од Унијата.

Русија вмешана и во протестите во Франција?

Француските власти отвориле официјална истрага откако лондонски “Тајмс” откри дека социјалните медиуми, стационирани во Москва, дејствувале “подземно” во протестите на “жолтите елеци” во Франција, потпалувајќи ја атмосферата во јавноста и посебно, потикнувајќи незадоволство кај Французите од вкупната ситуација во земјата.

Европски медиуми ја пренесуваат изјавата на еден британски владин функционер за тоа дека немирите во Париз и во уште некои француски градови, биле “засилувани” од руските државни медиуми кои и онака водат постојана анти-ЕУ кампања. Анализата што ја има направено компанијата за кибер безбедност “Њу Нолиџ” (New Knowledge) покажува дека група од 200 твитер профили имаат произведено дневно по 1600 твита и уште толку ретвитови, промовирајќи насилство и хаос во Париз и низ француските елеци, во кои најчесто се пишува за “бруталноста на француската полиција” и се потикнува отпор кон властите.

Франција, Британија и неколку други земји од западот на ЕУ веќе пишуваа за руската вмешаност со ширење лажни вести и невистини, како и во создавање негативна запалива атмосфера за референдумот за Брегзит, но и за референдумот за шкотска независност (во септември 2014 година) како и за претседателските избори во САД, во 2016 година. Официјална Москва демантира дека имало хакинг и кибер интервенции и во Франција, а некои медиуми забележуваат дека веднаш по написот на “Тајмс” и најавената истрага, московските медиуми престанале да известуваат за француските настани, па се занимавале само со британскиот Брегзит.

Три децении од “Локерби”

Во Британија беше одбележана 30 годишнината од најголемиот терористички напад на британско тло- експлозијата на американскиот авион “Боинг 747” на компанијата “Пан Америкен” над Шкотска, во која, во авионот и на земјата, загинаа 270 лица.

Пред божикните празници во декември 1988 година, авионот полета од лондонскиот аеродром Хитроу, за Њујорк, во најголем број со Американци, пред се, воени лица од американските бази во Британија и Европа. Летајќи над шкотското место Локерби, авионот експлодира од бомба поставена во одделот за багаж, а делови од леталото паднаа врз местото, во чии разурнати домови загинаа петнаесетина жители

Истрагата заклучи дека станува збор за терористички напад, за што веднаш беа обвинети Либија, нејзината тајна служба и Моамер Гадафи. Беа уапсени двајца припадници на либиското разузнавање кои дејствувале на Малта, а по многу преговори, со посредство на ОН, Гадафи прифати да му се суди на еден од обвинетите, Абдел Басет ал Меграхи, на неутрален терен (во една воена база во Холандија, со шкотски судии) но, Триполи никогаш не прифати дека е виновен за нападот. Освен тоа, Гадафи се согласи за сите жртви да исплати по десет милиони американски долари како отштета. Меграхи, кој постојано тврдеше дека е невин, беше во затвор во Шкотска, но поради тешка болест, тамошните правосудни власти го ослободија. Тој се врати во Либија, во 2009 година, пречекан како херој, а почина кога Гадафи веќе беше соборен од власт.

На 30 годишнината од терористичкиот напад, некои британски медиуми објавија за прв пат, дека Либија и не била виновна за нападот, туку дека станува збор за дело на Иран, како одмазда за (по грешка) од Американците соборениот ирански патнички авион над Персискиот Залив. Наместо Меграхи, за извршители на нападот сега се посочуваат припадници на една палестинска терористичка група.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе