Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Два аршина за азил- уругвајски и унгарски

artursz/Bigstock.com

Два аршина за азил- уругвајски и унгарски

Во годината која изминува, повеќемина поранешни политички моќници, премиери или претседатели на држави, во разни делови од светот – од Латинска Америка, Африка и Азија, па се до Европа –  беа обвинети, уапсени и осудени поради корупција, примање поткуп и перење пари. Станува збор за година во која  правдата успеа да забележи силен напредок во нејзината пресметка со корумпираните политичари кои ја злоупотребуваат својата моќ, откако поранешни највисоки функционери од повеќето земји на Централна Америка, потоа на Бразил, Јужна Кореја, или поранешниот пакистански премиер, како последен таков случај, се најдоа во затвор како осуденици. Неколкумина други, меѓу кои екс претседателите на Јужна Африка и Аргентина, на пример, очекуваат да се појават на суд за да одговараат за случаи на корупција. Но има и такви кои успеваат да побегнат, да се скријат, или со помош од страна да побегнат од правдата – некои како осуденици, други како обвинети- барајќи политички азил во странска земја.

Транспаренси Интернешенел (ТИ) ги искористи ваквите случаи за да реагира и за да даде свое толкување за примерите кога моќниците без моќта која им ја давала власта, исплашени од тоа да поминат извесен број години во затворска ќелија, наместо да уживаат во дотогашниот луксуз што им го пружала највисоката функција во државата, но и доволно дрски да ги игнорираат редот и правниот поредок, бараат спас,  криејќи се зад правото на азил, оправдувајќи ја својата постапка со тврдењето дека се (наводни) жртви на политички прогон.

Гарсија и Груевски – бегалци од правдата

-Правото на политички азил е клучен елемент на универзалната декларација за човекови права. Нејзината цел е да се заштитат сите оние кои се во опасност да бидат обвинети поради нивното расно, верско, национално, политичко мислење, или поради припадност на определена социјална група. Оваа година (2018) се навршија 70 години од нејзиното донесување, но додека светот ја одбележува оваа значајна годишнина, моќни поединци се обидуваат да ги злоупотребат принципите на демократијата и на универзалните човекови права- пишува Патрисија Мореира, извршен директор на Транспаренси Интернешенел.

Таа посочува два такви случаи во 2018, со двајца поранешни највисоки политички функционери  (едниот, Ален Гарсија, екс претседател на Перу, а другиот Никола Груевски, поранешен премиер на Македонија) – кои побараа политички азил за да и избегаат на правдата, како и на две држави (Уругвај и Унгарија) кои сосема различно реагираа во овие ситуации.

„ Нема да му се даде политички азил на политичар кој се обидува да го одбегне обвинувањето за корупција, особено доколку судовите (во нивните земји) јасно и прецизно пресудиле врз основа на обвинувањето“ – вели Мореира.

Во ноември, Гарсија побегна во зградата на амбасадата на Уругвај во перуанскот глевен град Лима и побара азил, откако неколку часа пред тоа беше службено обвинет за барање и примање поткуп од компанијата „Одебрехт“ (најголема градежна компанија во Бразил и Јужна Америка) за изградбата на една линија на метрото во главниот град на Перу. Гарсија тврди дека обвинувањето е „политички мотивирано“ и дека не им верува на судовите во својата земја. Уругвајскиот суд, меѓутоа, кој го разгледувал барањето на Гарсија за азил, ги отфрлил тврдењата на одбегнатиот перуански политичар, заклучувајќи дека тој едноствано сака да и побегне на правдата и да одбегне судење.

Според Мореира, властите во Уругвај постапиле врз основа на принципите определени од ОН за сите демократски влади во светот, кога станува збор за пресметката со корупцијата.

Во истовреме, пишува Мореира, во Европа, во Македонија, поранешниот премиер Груевски, побара азил во Унгарија, откако избега од земјата за да не оди во затвор, осуден правосилно за корупција. Во Будимпешта, тој доби азил од тамошнит премиер Виктор Орбан, со кого е и лично близок. Груевски се повлече од функцијата во 2016 година, по откривањето за прислушување на десетици илјади македонски граѓани, што е едно од четирите судења (покрај ова за корупција) на кои тој треба да се појави. Но тој и неговата партија, како и нивните приврзаници, сметаат дека поранешниот премиер бил „жртва на политички прогон“  па затоа „било опасно за него ако остане во Македонија или пак се врати“.

Будимпешта го игнорира меѓународното право

Во написот на Транспаренси Интернешенел се вели дека владата на Орбан го прифати како точно и валидно ваквото тврдење на Груевски, иако Македонија уште од порано е означена како демократски безбедна земја. Властите во Будимпешта не се придржуваа ниту на своите строги анти-азил прописи и позиции, па за помалку од една недела го решија случајот со поранешниот македонски премиер.

ТИ потсетува дека во Унгарија до 2017 година постоеше шемата за т.н. „златна виза“  со која им се овозможуваше виза и дозвола за престој во Унгарија на илјадници лица кои не се државјани на ЕУ, доколку внесат големи износи од пари, или инвестираат во домашната економија, без никаква проверка за кого станува збор, ниту за потеклото или патот на парите што се внесуваат.

Јозеф Петер Мартин, извршен директор на ТИ во Будимпешта, пишува- „Кога еден политичар  е обвинет, или осуден од независен суд, ниту една влада не може да му овозможи тој да побегне за да не биде казнет“. Но, со давањето азил за Груевски, унгарската влада продолжува со загрижувачкиот тренд да им дава засолниште на луѓе кои се обвинети, или се под истрага, во некоја странска земја. Освен тоа, унгарската влада ги игнорира  и меѓународните правни стандарди, како што е Европската конвенција за екстрадиција, во која како потписници се јавуваат и Унгарија и Македонија.

Транспаренси Интернешенел инсистира дека за ефикасна борба со корупцијата е потребно државите од целиот свет да ги извршуваат своите обврски и да ги применуваат одредбите на спогодбите кои ги имаат потпишано.

Унгарија е еден загрижувачки пример, за тоа што се случува кога една земја не се придржува кон своите меѓународни обврски, се вели во написот објавен на интернет страницата на ТИ, во кој се инсистира дека меѓународната соработка и силните, непартиски правни системи се единствениот начин да се спречи неказнувањето , а корупцијата да се стави под контрола.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе