Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

И екс пакистанскиот премиер оди во затвор

creativei/BigStock.com

И екс пакистанскиот премиер оди во затвор

Антикорупцискиот суд во Пакистан го осуди поранешниот премиер Наваз Шариф (Nawaz Sharif) на седум години затвор, за корупција, предизвикувајќи задоволство меѓу приврзениците за почитување на еднаквоста пред законите и на правниот поредок, но и гнев и протести меѓу неговите политички приврзеници и партиски активисти.

Минатата година тој беше сменет од функцијата, откако беше осомничен за поседување имот за кој не можеше да докаже од каде му се средствата за неговото купување. Набргу потоа беше уапсен под обвинување за корупција. Во јули годинава беше осуден на десет години затвор, затоа што како премиер има купено скап стан во Лондон, во Британија. Неговите адвокати вложија жалба до Врховниот суд кој во септември ја укина пресудата, ослободувајќи го од затвор со висока кауција. Со него од затвор, за истиот случај беа ослободени и неговата ќерка и затот кои се вмешани во набавката на имотот во британскиот главен град.

По изрекувањето на пресудата на специјалниот антикорупциски суд, Шариф одново беше уапсен и вратен во затвор. Судот уште пресуди, тој да плати и 25 милиони американски долари, како парична казна за стореното дело. Шариф кој постојано се брани дека “не сторил ништо лошо и спротивно на законите”, обвинувајќи ја актуелната власт дека му суди “од политички причини и како одмазда” тврди дека нема имот во странство, а дека станот за кој се водеше процесот е на неговите двајца синови кои живеат во Британија. Судот меѓутоа, кога сакаше да ги испраша синовите и да сведочат, не можеше да дојде до нив, па ги прогласи за недостапни.

Станува збор за два случаи и за две кривични дела против екс премиерот, за што обвинителството подигна две обвинувања кои се слични затоа што се однесуваат на поседување имот во странска земја и за кои се тврди дека се нелегално набавени, со незаконски обезбедени средства. Според медиумите во Пакистан, двата случаи против Шариф се покренати благодарејќи на откритијата од т.н. Панамски документи кои се појавија во светската јавност.

Ќерката на екс премиерот, Мирјам Наваз ја критикуваше пресудата на нејзиниот татко, нарекувајќи ја дело на “мрачните сили” во земјата, мислејќи на моќните армиски сили во Пакистан кои управувале со земјата во половината од изминатите 70 години пакистанска независност.

Така или не, Пакистанецот Шариф е најновиот пример за успешната пресметка на правдата и на судовите, во разни земји во светот, против корупцијата на политичарите, земањето поткуп и перењето пари.

Во Европа, на две години затвор беше осуден поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски кој откако дозна дека неговата пресуда е правосилна и мора да оди на издржување на казната, со помош на своите сојузници на Истокот и со содејство на унгарската тајна служба, потпомогната од неколку балкански разузнавачки служби, корумпираниот политичар беше извлечен од земјата и сместен во Будимпешта, откако од својот личен пријател, премиерот на Унгарија Виктор Орбан доби специјален азил. Тој и поранешниот перуански претседател Ален Гарсија, се единствените кои (засега) им избегаа на правдата. Перуанецот побегна во зградата на уругвајската амбасада во Лима, кога Обвинителство на Перу формално го обвини за корупција, но замиа од таму, без трага, кога судот во Уругвај и шефот на таа држава одбија да му се даде азил. И обајцата бегалци тврдат дека се обвинети врз “монтирани докази” и до “политички мотиви” тврдејќи како и Наваз Шариф дека се невини. Овој од Македонија своето бегање уште го оправдува и со тоа дека, наводно, животот му бил загрозен.

Така се бранат и сите обвинети и веќе осудени, неколкумина поранешни претседатели на државите во Централна Америка, сите во затвор за корупција и перење пари.

Екс претседателот на Бразил и едно време најпопуларниот латиноамерикански политичар, Лула да Силва се уште не верува дека мора да остане 12 години во затвор, па дури се обидуваше да учествува и во бразилските избори, минатиот месец, но тој не побегна. Не побегна ниту поранешната претседателка на Јужна Кореја која доби 20 години затворска казна, иако тврдеше дека е невина и дека во нејзиниот случај нема корупција, а не бега ниту поранешниот претседател на Јужна Африка, Џејкоб Зума кого го чека судење за корупција. Со исто такво обвинување се соочува и поранешната претседателка на Аргентина Кристина Кирхнер, на која ќе и се суди за поткуп и перење пари. Таа исто така се брани дека е обвинета од “политички мотиви”.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе