Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мајкл Флин може и да не оди во затвор

'Michael Flynn' by Gage Skidmore available at https://www.flickr.com/photos/gageskidmore/30020745053. CC BY-SA 2.0

Мајкл Флин може и да не оди во затвор

Поранешниот советник за национална безбедност на САД, Мајкл Флин (Michael Flynn), веќе осуден за попречување на правдата и за лажно сведочење во текот на сослушувањето на ФБИ, би можел и да не оди во затвор, доколку, како што навестуваат некои американски медиуми, успее да се спогоди со судот.

Ваквата можност почна да се споменува откако федерален судија одлучи да го одложи за до пролет, изрекувањето на неговата казна. Ваквото решение на судијата било донесено затоа што Флин “значително помага” во истрагата за т.н. руска врска, односно за тајните средби и договарања на високи функционери од изборниот тим на тогашниот републикански кандидат, сега претседател на САД, Доналд Трамп, со високи претставници на Русија, во текот на неговата кампања за влез во Белата куќа, во 2016 година.

Истрагата ја води специјалниот истражител Роберт Малер (Robert Mueller) кој за домашните медиуми има изјавено дека Флин “понудил докази од прва рака” за контактите што луѓето на Трамп ги имале во тоа време со Руси и преку нив со Кремљ. Малер рекол дека тој не се придружил кон барањето на поранешниот висок функционер на администрацијата на Трамп, да му се изрече казна. Определувањето на казната требаше да се случи на 18 декември.

– Роберт Малер

Во истрагата Флин има признаено дека уште пред Трамп да ја преземе претседателската функција, имал разговори со (тогашниот) руски амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак (Sergey Kislyak), како и дека околу тоа го излажал потпретседателот на САД, Мајк Пенс (Mike Pence), едноставно, сокривајќи од него што правел. Според истражителот Малер, Флин помага околу голем број прашања, вклучувајќи ги и оние за врските меѓу поединци од тимот на Трамп за транзиција и Русија.

Американските закони не дозволуваат тимот за транзиција на Белата куќа (кога дотогашниот претседател си заминува, а новиот се подготвува да ја преземе функцијата) да има контакти, а уште помалку да преговара со странски официјални лица околу било кое прашање, особено не за работи поврзани со надворешната политика на САД, пред новоизбраниот претседател и неговата админстрација формално да ја преземат функцијата.

– Сергеј Кисљак

Поранешниот советник Флин бил повикан и учествувал во дури 19 сослушувања од тимот на Малер чии членови рекле дека тој има дадено докази за “најмалку три истраги кои се во тек”.

Мајкл Флин (60) е поранешен генерал на војската на САД. Беше дел од екипата на Трамп во текот на изборната кампања, во која меѓудругите беше и сега сменетиот државен обвинител и министер за правда Џеф Сешенс (Jeff Sessions). На значајната позиција советник за национална безбеднст остана само 30 денови, затоа што мораше да се повлече кога се разбра дека “ја сокрил вистината” од потпретседателот Пенс. Флин има централна улога во истрагата околу попречувањето на правдата, во случаите во кои се врзува и претседателот.

Сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми (James Comey) има напишано дека претседателот Трамп барал од него да ја прекине истрагата за комуникацијата што ја имал Флин со рускиот амбасадор Кисљак, оправдувајќи го тоа со опасноста поранешниот советник да стане цел на уценување.

– Џејмс Коми

Околу најавите дека Флин би можело да не оди во затвор, канцеларијата на Малер има издадено соопштение во кое се вели дека за она што има направено – тој би требало да биде затворен, но дека сепак “заслужува да му се даде кредит, затоа што ја прифати одговорноста и затоа што значајно помагаше”.

Белата куќа досега нема никаков коментар за ваквата можност околу затворањето на случајот со Мајкл Флин. Претседателот Доналд Трамп од почетокот ги отфрла сите сомнежи и обвинувања за постоењето на “руска врска” во текот на изборната кампања во 2016 година и за комуникација со Москва. Трамп од поодамна бара и да се запре истрагата тврдејќи дека непотребно се трошат пари, па откако тогашниот министер Сешенс не реагираше на ваквите барања на претседателот, падна во немилост во Белата куќа, за да на крајот биде и јавно повикан да си оди од функцијата, оставајќи го да се чувствува понижен пред домашната и меѓународната јавност.

– Доналд Трамп

Трамп од поодамна смета дека целата истрага претставува обичен “лов на вештерки” покренат од американските демократи кои не може да го прифатат поразот на нивниот кандидат во изборите Хилари Клинтон. Сега настојува да најде начин како да ја запре работата на специјалниот истражител Малер, но развојот на настаните, сепак, навестуваат матни времиња за претседателот Трамп. Некои аналитичари сметаат дека тој и неговата екипа се повеќе се заплеткува во случајот со “руската врска” и сето тоа почнува да наликува на состојбите како во дамнешната афера “Вотергејт” поради која тогашниот преседател Ричард Никсон поднесе оставка, за да не се соочи со импичмент.

Директорот на изборната кампања на Трамп, Пол Манафорт (Paul Manafort) е осуден и се наоѓа во затвор, осуден е и адвокатот на претседателот Мајкл Коен (Michael Cohen) кој призна дека лажно сведочел околу плановите на Трамп да гради своја филијала (“Трамп Билдинг”) во Москва. Сега во затвор треба да оди уште еден човек од транзицискиот тим, екс генаралот и советник Флин, затоа што ја измами истрагата (а со Русите било преговарано за укинување на американските санкции кон Москва). Но ако тој сепак, се испазари со судијата и со истрагата, па остане на слобода, тогаш ќе стане јасно дека за тоа ги открил сите најважни работи, кои досега беа тајна, а за кои се верува, дека не би можеле да го остават претседателот мирен и рамнодушен. Се претпоставува дека најважната тајна би била – дали Трамп знаел за сите овие активности на своите веќе осудени соработници, а особено – дали тој ги потикнал да даваат лажни изјави, а подоцна и лажно да сведочат.

Тогаш, навистина, би можело да се зборува дури и за повторување на ситуацијата како со Никсон од пред повеќе од четири децении и за можноста и од импичмент против Трамп.

Меѓутоа, како сега стојат работите, мали се шансите тоа навистина да се случи. Демократите навистина, од Нова година, го имаат Конгресот под своја контрола, но републиканците имаат засилени позиции во Сенатот, а без подршка и на републиканските конгресмени и сенатори, постапката за импичмент не би можела ниту да започне. Освен тоа, демократите по поразот на претседателските избори, се уште трагаат по својот нов идентитет и по кандидат за претседателските избори во 2020 година, а се уште немаат вистинска личност, што би можела да и се наметне на целата јавност во САД. Веројатно сето тоа го прави претседателот Трамп, пред Божикните празници, мирно да изјави дека воопшто не стравува од можноста за импичмент против него.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе