Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Пожарникари го прскаат Њу Делхи со вода за почист воздух

EcoShot/BigStock.com

Пожарникари го прскаат Њу Делхи со вода за почист воздух

Властите во Индија им наредиле на пожарникарите во Њу Делхи да прскаат вода од сите високи згради и облакодери, за да помогнат за намалувањето на големата прашина во воздухот над индискиот главен град. На ваков начин, властите одлучиле да се борат и против огновите на бројните отворени ѓубришта кои горат со денови.

Правот и чадот од ѓубриштата предизвикуваат повеќе милионскиот град да делува како да е постојано во густа магла, а воздухот во сите 24 часови опасно загаден по здравјето на лугето кои живеат во Њу Делхи. Во изминатиот викенд, во главниот град на Индија била регистрирана најголема загаденост на воздухот во текот на 2018 гoдина. Ситуацијата малку се подобрила кога почнал да дува ветер.

Во деновите пред последниот викенд во оваа година, индексот на загаденост бил дури 13 пати повисок од нивото што го има пропишано Светската здравствена организација (СЗО) како безбедно за здравјето. Индиската влада, засега, не може да се справи со загаденоста на големите градови, а посебно на Њу Делхи. Она што постојано го прави е да ги советува луѓето во време кога воопшто нема ветер над градот, да не излегуваат пеш, никако да не трчаат и задолжително да носат заштитни маски.

Главниот град е преоптоварен и со милионски број од моторни возила, најголемиот број од нив стари и по правило загадувачи, кои придонесуваат дополнително за нечистиот и нездрав воздух, од кои нивните сопственици и корисници и не помислуваат да се откажат, пишуваат локалните медиуми.

Нова средба на “тројката за Сирија” – Русија, Иран и Турција

– AlexLMX/BigStock.com

Во почеткот на јануари ќе се одржи нова средба на лидерите на Русија, Иран и на Турција, посветен на состојбата во Сирија, соопштено е во Москва. Русија овојпат е домаќин на “тројката за Сирија” која ќе се одржи во услови кога САД веќе соопштија дека се повлекуваат од сирискиот фронт.

Американските медиуми во деновите пред тамошниот Божиќ објавија дека претседателот Доналд Трамп уште на 14 декември му се јавил на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, порачувајќи му дека САД ја завршиле својата работа во Сирија, а дека сега останува на Турција да ја дозаврши. Претходниот Самит се одржа во Техеран.

Ваквите средби на врвот на овие три земји се дел од мировниот процес од Астана, започнат во јануари 2017 година, но без Американците. На мировната конференција во Астана учествуваа и власта во Дамаск, како и сириската опозиција. Но, целиот процес, како и самите средби, засега, не бележат напредок.

“Тројката” се среќава во определени циклуси, преку кои се уште не може да се надминат разликите – Русија и Иран се на страната на режимот на сирискиот претседател Башир ал Асад, додека Турција е на страната на опозициските бунтовници и постојано настојува да ги неутрализира сириските Курди.

Путин по патеката на српските бегалци од Хрватска

– www.kremlin.ru CC BY 4.0

Рускиот претседател Владимир Путин на 17 јануари ќе престојува во Белград и притоа ќе им одаде почит на “српските жртви во операцијата Олуја” од 1995 година, пишува белградскиот весник „”Данас”. Весникот тврди дека планот за посетата се уште не е детално направен, како и дека за тоа, бројната руска екипа ќе допатува во српскиот главен град пет денови пред да дојде Путин.

Повикувајќи се на “дипломатски извори” овој весник, сепак, тврди дека рускиот претседател и неговиот домаќин Александар Вучиќ ќе поминат по патеката по која Србите од Хрватска, во летото 1995 година, се движеа кон Србија, бегајќи од воените дејствија на хрватските воени сили во текот на операцијата “Олуја”. Официјален Белград и тогаш и сега тврди дека целата операција во која загинаа и цивили, била спроведена во областа на хрватска Краина, само за да се изврши етничко чистење, односно за да се протера српското население од територијата на Хрватска.

Според истиот извор на весникот, доколку Путин навистина им одаде почит на “српските жртви” на овој начин, тогаш односите меѓу Москва и Загреб не се добри, како што тоа го тврди хрватската страна.

Метју Палмер ќе се вклучи во српско-косовските преговори

Американскиот заменик државен секретар Метју Палмер ќе се вклучи во преговарачкиот процес меѓу Србија и Косово и е предвидено да има клучна улога во целиот процес. Ваквата информација ја пренесуваат некои косовски и белградски медиуми, но тие признаваат дека се уште не се знае кој ќе биде главниот американски преговарач во следната етапа од дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во октомври, САД објавија дека кога ќе дојде до преговорите “нема да има бланко чекови или црвени линии” како и дека договорот меѓу Србија и Косово ќе треба да се постигне во што е можно пократок рок.

“Она што го сакаме е целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а тоа е комплексен предизвик”

…стоеше во тогашното американско соопштение.

Палмер важи за дипломат кој добро го познава Западен Балкан, откако има работено како директор во Стејт департментот за Југоисточна Европа, а на неколкупати бил ангажиран во амбасадата на САД во Белград.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе