“Преспа” најзначајното постигнување на Балканот
Годината 2о18 беше најавена како година на Западен Балкан, кога станува збор за неговото приближување кон европските интеграции, внатрешните реформи, стабилизацијата на регионот, и подобрувањето на доброседските односи. Не само што Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, како и Косово, ја најавија својата спремност да работат во таа насока, туку и Брисел, Европската комисија и ЕУ, по подолго време – откако една деценија потрошија за разрешување на нивните внатрешни состојби и проблеми околу спасувањето на еврото, еврозоната и некои од нејзините членки – се одлучија одново да се свртат кон овој дел од европскиот континент, сега означен како Западен Балкан.
Не само што најголемите “играчи” во Унијата во повеќе наврати се среќаваа со балканските лидери, во одвоени средби, туку беше покренат и процес за нивни почести, заеднички средби и разговори, каква што инаку од поодамна практикуваат европските држави, членки на ЕУ.
И тоа се покажа како добра и корисна новина, особено што претходно, средбите ако и ги имаше, не ретко се организираа за правење “сојузи” против некој трет, или за барање партнери за подршка за некои нерасчистени сметки од минатото во регионот. Наместо пријателство и добрососедство, на тој начин, само се градеше недоверба и се продолжуваше со практиката – да се користи историјата, со сите проблеми што минатото му ги има оставено на Балканот, за дневно политички потреби, за градење патриотски рејтинг и за форсирање национализам во сопствените општества.
За разлика од европејците, западнобалканците продолжија и натаму, на традиционалните “family photo” сесии да останат намуртени на фотографиите, но најважното е дека, сепак, се собираа, секогаш околу некој од високите претставници на ЕУ, а најчесто со “шефот на европската дипломатија” Федерика Могерини (Federica Mogherini) и еврокомесарот за проширување на Унијата – Јоханес Хан (Johannes Hahn).
– Federica Mogherini by Cabinet of Ukraine/CC-BY-4.0
На последниот таков неформален состанок во 2018 година, во Брисел, ЕУ (конечно) успеа да обезбеди “досега најсилна подршка за македонско – грчкиот договор од Преспа” како и подршка за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Европските партнери од Западен Балкан, како што Брисел ја означува регионалната “шесторка” се согласија заеднички да работата “повеќе од било кога досега” за унапредување на нивната заедничка цел, а тоа е интеграцијата во ЕУ, зацврснувањето на мирот и безбедноста и за потребата од поголемо вложување во регионалната соработка, во духот на добрососедството и помирувањето, што е во интерес, пред се, на лугето кои овде живеат.
Впечаток е дека овие состаноци кои се одржуваа и во текот на летото, во никој случај не беа бесползени, меѓутоа, за независните балкански посматрачи, во 2018 година, единствената светла точка се Македонија и договорот од Преспа за користењето на името “Македонија”, за што се спогодија владите во Скопје и во Атина, откако безмалку 30 години беа во спор, а Грција исто толку време го блокираше сите македонски евроатлански аспирации.
Не само што со “Преспа” – се надминува спорот кој на Македонија не и дозволуваше да оди напред, да излезе од балканските меѓи и да остане затворена, изолирана и на милост и немилост на соседите, водени од некои стари империјални амбиции од 19 и од почетокот на 20 век – туку овие две соседни земи, за прв пат во историјата, се на патот да градат добрососедски односи, да бидат пријатели кои во НАТО ќе бидат сојузници, а во ЕУ – партнери.
Иако договорот треба да биде ратификуван во парламентите и на двете земји, а на тој пат се уште има силни пречки – пред се националистите и крајната десница во Грција и во Македонија, лажните македонски патриоти и отвореното мешање на Русија и во двете земји – со цел договорот да не помине, неговиот дух на разбирање и толеранција, за надминување на историските предрасуди, за договарање со правање компромиси, за да се обезбеди мир и стабилност и за да се затворат темните страници од историјата, ја направи грчко-македонската спогодба од Преспа – “договор за пример” за целиот регион на Западен Балкан, каде се уште има отворени прашања и каде се уште правењето компромис, најчесто, се врзува за “предавство” на националната кауза.
Могерини на една европска меѓународна конференција во текот на летото, го означи документот како “без сомневање, најзначајното постигнување и на ЕУ во изминатите неколку децении”.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, при посетата на Белград, го промовираше договорот во српската јавност, прикажувајќи го како значајно постигнување на Атина и Скопје, но и како добар за целиот регион.
Тој е првиот премиер на Грција, по осамостојувањето на Македонија кој ја врза земјата за комуникациската трансферзала Југ-Север, правејќи (за прв пат) од Скопје партнер на Атина и на Белград и порачувајќи дека токму “Преспа” прави Македонија да не биде ѕидот, туку мостот на Балканот, кога се во прашање овие две држави.
Ципрас на почетокот на деќември таква промоција има направено и во Москва, при неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, но засега не се знае каков ефект би можело да се очекува од таа посета, со оглед на мешањето на Москва на Балканот.
– vverve/BigStock.com
За промоцијата на Македонија како позитивен пример во правењето помак во балканските состојби, придонесува и нејзиното подобрување на односите со Бугарија, по потпишувањето на договорот за пријателство, на почетокот од август 2017 година, како и одржувањето добри односи со сите земји од западнобалканската “шесторка”, иако односите со Србија знаеја да одат по принципот – топло, студено- особено што официјален Белград, дури пред крајот од годината го прифати преспанскиот договор како нешто што е добро, не само за Грција и за Македонија, туку и за целиот регион.
Освен со Скопје, српскиот политички врв често успеваше да се најде во судир, или поточно, во типично балканска расправија и со другите соседи – еднаш со Загреб, па со Сараево со муслиманските политичари во БиХ, а потоа и со Подгорица.
Таквата ситуација предизвика дури и во Белград, некои тамошни посматрачи да забележат дека Србија одново се претвора во “создавач на проблеми” во регионот што од српска страна постојано беше грубо отфрлано.
Многу напнатост и национално-политичка тензија во билатераните хрватско-српски односи предизвика пренагласеното одбележувањето во Хрватска на операцијата “Олуја” во август 1995 година. Во Загреб тоа се славеше како годишнина од конечното ослободување на земјата, а во Белград таквото славје беше означено како славење на “етничкото чистење” и прогонот на Србите од Хрватска.
Со БиХ тензиите со Белград се движеа на релацијата меѓу поранешниот (муслимански) член на Претседателството на БиХ, Бакија Изетбеговиќ, неговата постојана расправија со водството на Република Српска и посебно со барањето Србија да признае геноцид врз муслиманите, за масакрот во Сребреница. Во БиХ, меѓутоа, есента имаше и избори кои завршија како и во сите претходни две децении – со гласање во националните табори, при што Србите гласааат само за своите кандидат, Хрватите за нивните, додека Муслиманите за муслиманските кандидати за пратеници, што одново ја остави оваа поранешна југословенска република длабоко поделена и непроменета. Изборот на босански Хрват за член на Претседателството, со помош и на муслиманските гласови, претставуваше зачеток на изградбата на државата врз граѓанскиот концепт. Но тоа предизвика тревога во Загреб. Хрватскиот политички врв го оцени поразот на кандидатот кој беше силно подржуван од Загреб, како повреда на воспоставениот национален баланс во земјата и како загрозување на Хрватите и нивниот идентитет во БиХ.
Во 2018 година, Црна Гора која е веќе член на НАТО, а има и најдалеку отидено во отворањето на поглавјата за влез во ЕУ, од Брисел постојано добиваше поволни оценки за својот европски курс. Сепак, земјата и натаму останува длабоко поделена по националната линија, меѓу Црногорците и локалните Срби кои се политичка опозиција на власта, но кои и натаму се противат на членството на земјата во НАТО, заговарајќи блиски врски со Русија и со Србија.
– U.S. Army photo by Spc. Craig Jensen
Дополнителна тензија предизвика бегството на една од обвинетите за учество во обидот за пуч во Црна Гора, од октомври 2016 година, која од судот во Подгорица наместо во определената локација (за неа немаше притвор) побегна во амбасадата на Србија во црногорскиот главен град, одбивајќи повеќе да се јавува на судењето. Обвинетата има српско државјанство и во Белград се оправдуваат дека персоналот на мисијата не можел да и затвори врата на своја државјанка. Црногорските власти, пак, кои после тоа имаат издадено потерница и налог за апсење, бараат таа самата да излезе од амбасадата и да се предаде. Српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, пред Нова Година, топката им ја префрли на Црногорците барајќи да најдат “взаемно прифатливо” решение и отфрлајќи, како што рекол, Белград да биде “дежурен виновник за сите во регионот”.
Изминатите 12 месеци овие две екс Ју републики, што некогаш беа означувани како “две очи во една глава” поради идентичното мислење и однесување при распадот на бившата федерација, влегуваа во расправии околу јазикот, историјата, третманот на Србите, статусот на црногорската црква и арогантното однесување на Српската православна црква која на Црна Гора гледа како на “српска земја” но и околу “предавството” на Подгорица со признавањето на независноста на Косово.
Околу тоа прашање, официјален Белград знаеше да “распали” и по Македонија, каде веќе го нема Никола Груевски за премиер кој инаку имаше специјално блиски односи со Александар Вучиќ, иако токму осудениот, а сега одведен во Унгарија поранешен македонски премиер, ја има признаено косовската независност. А Косово, во секој случај, беше и остана прашање што само Србија може да го разреши со властите во Приштина, низ преговори, низ постигнат договор и низ правење компромиси и од двете страни, за што, впечаток е дека во Белград, се уште нема спремност.
Таму се уште се живее во уверувањето дека Србија треба да ги диктира условите, што косовската страна треба да ги прифати, надевајќи се дека Русија, пред се, а сега и САД, ќе ги натераат косовските Албанци да прифатат одново да имаат само автономија во рамките на Република Србија.
Годината 2018 почна со продолжување на повремените српско-косовски средби во Брисел во потрага по решение. Веќе беше јасно дека за Србија да влезе во ЕУ ќе мора со Косово да постигне правно обврзувачки договор за нивната граница. Тоа не значеше признание на косовската независност, но со определувањето гранична линија, Белград де факто ќе прифатеше дека Косово е посебна држава. Приштина, пак, требаше да го реализира договорот за создавање заедница на српските општини во Косово. Тамошните власти почнаа да одолговлекуваат со тоа, откако стана јасно дека онака како што е замислена, таа заедница ќе доведе до формирање на “република Српска” на косовската територија.
Работите почнаа да се движат во друга насока, кога Македонија и Грција се договорија околу името. Тогаш, среде лето, од Белград беше пуштена како пробен балон идејата за “разграничување” на Србите и косовските Албанци, што потоа се прошири во исцртување нова граница, на тој начин што северна Митровица и уште четири српски општини во северно Косово би се приклучиле на Србија, додека на Косово би му било дадено Прешево и околината, кои се со албанско доминантно население.
Регионалната и меѓународната јавност останаа затечени од ваквото свртување. Германија и Британија, веднаш беа против, стравувајќи од можниот домино ефект во регионот, но и на други локации во Европа, но САД овојпат реагираа поинаку – со изјавата дека сите опции се можни и отворени, па зашто да не и новите граници. Работите, потоа, малку се примирија откако стана јасно дека Русија би имала најмногу полза од една таква солуција – формулата за Косово, би се применила и за Украина и за Грузија, па сите би биле задоволни. Во Косово, претседателот Хашим Тачи покажа дека се согласува со ваков вид на компромис, па тој во Париз, каде беше поканет на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, имаше средби и со американскиот претседател Доналд Трамп, но и со рускиот претседател Владимир Путин.
Белград остана збунет и разочаран, од пробивот на косовската дипломатија, па српската страна возврати со успешна блокада на кандидатурата на Косово за членство во Интерпол.
Одговорот од Приштина го објави премиерот Рамуш Харадинај, политички противник на Тачи кој воведе екстра такси на увозот на српските производи на косовската територија, ставајќи ги во тоа и лиценцните производи кои се произведуваат на српска територија. Белград сега тврди дека нема никакви преговори додека на сила се таксите, а Харадинај порачува дека тие ќе се укинат кога Србија ќе престане да го блокира независниот пат на Косово. Пред крајот на годината, Приштина изврши и трансформација на своите безбедносни сили во војска, што на теренот ништо битно не менува, освен што армиските сили за косовците се уште еден атрибут за нивната независност.
Така излезе, наместо некакво придвижување во решавање на косовската криза, да дојде до целосна блокада за која српскиот претседател Вучиќ вели дека нема никакви шанси да биде подигната во скоро време. Странските аналитичари, меѓутоа, сметаат дека станува збор за создадена криза и дека е подигната врева само за јавноста и во двете земји. Тие сметаат дека покрај ваквата, навидум, нервозна атмосфера, длабоко во сенка се работи на постигнување договор, кој би требало да се случи во текот на 2019 година.
Веќе нема јавно цртање на нови карти, но Путин би требало на 17 јануари да дојде во Белград, каде сигурно ќе се зборува за косовската разрешница, а подиректен околу тоа е Трамп кој со писмата до Тачи и до Вучиќ, практично, навестува дека веќе има преговори, охрабрувајќи ги двете страни да дојдат до компромисно решение. Наместо во мало место, како што е Преспа, покрај грчко- македонската граница, косовскиот договор, се најавува дека би се потпишал во Вашингтон, директно надгледуван од големите сили, или по една меѓународна конференција.
(С.С.Г.)