Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Кина не се откажува од Тајван

Keitma-st/BigStock.com

Кина не се откажува од Тајван

Официјален Пекинг одново порача дека не се откажува од Тајван, па дури и се закани дека е подготвен да употреби и (воена) сила против “сепаратистите” како што ја оквалификува тајванската власт, повикувајќи ги властите во Тајпеј да прифатат повторно обединување на островот со матичната територија. Во пораката на кинескиот претседател Си Јингпинг (Xi Jinping) се навестува решеноста да се заврши 70 годишното несогласување на НР Кина со Тајван кој официјално се нарекува Република Кина. Во Тајван нема големо расположение за прифаќање на концептот “една држава – два система” врз основа на кој Хонг Конг е посебна самоуправна територија, туку има повеќе наклонетост кон прогласувањето на формална независност, со ново официјално име – Тајван. Но во Пекинг, каде на островот се гледа само како на дел од кинеската територија, се инсистира на обединување и се зборува дека “се работи на тоа“. Во 1999 година, на 50 годишнината од создавањето на НР Кина, беше извршен силен притисок врз Тајван за обединување, проследен дури и со воен притисок, што властите во Тајпеј успеаја да го издржат и да го одбијат. Оваа година, се навршуваат 70 години од постоењето на Кина, па во тие рамки се гледа и на обновениот притисок врз тајванските власти. По победата на комунистите, предводени од Мао Цетунг (Mao Zedong) во граѓанската војна, над националистите од движењето Куоминтанг, под водството на Чанг Кај Шек, над два милиони приврзеници на националистите и антикомунисти, пребегаа на островот Тајван, наспроти кинескиот брег, кој до 1945 година, половина век беше под јапонска окупација. Во Тајпеј, Куоминтангот прогласи продолжување на постоењето на Република Кина сега само на островот Тајван, познат и како Формоза, отфрлајќи ја новата комунистичка власт во Пекинг. САД и Западот застана на страната на Чанг Кај Шек (Chiang Kai-shek) прифаќајки дека само Тајван е претставник на кинескиот народ, но кога Вашингтон, по посетата на претседателот Ричард Никсон (Richard Nixon) на Пекинг, во декември 1978 година ја призна НР Кина, ги прекина дипломатските врски со Тајван. Од тогаш САД и тајванските власти одржуваат квази-официјални односи преку разни агенции, а Тајван продолжи да опстојува како фактички независна држава, иако не е членка на ОН и одржува дипломатски односи само со 15 земји во светот. Во меѓувреме, иако Пекинг на Тајпеј гледа како на “отпадници и сепаратисти” економските врски меѓу двете земји постојано се унапредуваат. Тајван израсна во една од најсилните економии во светот и редовно се наоѓа меѓу првите десет земји, според извозот на капитал.

Болсонаро инаугуриран за претседател на Бразил

Во Бразил, Жаир Болсонаро (Jair Bolsonaro), десничар и популист беше инаугуриран за претседател на најголемата држава во Латинска Америка. Овој 63 годишник е поранешен капетан на бразилската армија. Во домашната политичка јавност беше означуван како маргинален и често исмеван конгресмен, но тој успеа да израсне во десничарски лидер кој војува со либарлизмот во неговата земја. Од него, сега како претседател на државата, се очекува да ја сузбие длабоко раширената корупција, како и насилството по градовите. На десничарските гласачи им има ветено либерализација на контролата во личното вооружување, означувајќи го тоа како една од мерките за сузбивање на насилството. За претседател беше избран по вториот изборен круг, победувајќи го левичарот Фернанд Хадад чија Работничка партија четирипати, едно по друго, победуваше на изборите во Бразил. Претседатели со по два мандати беа избрани Лула да Силва и Далма Русеф, но првиот сега е во затвор, обвинет за земање поткуп и перење пари, а неговата наследничка Русеф, на почетокот од вториот мандат беше сменета со импичмент.

Тројца мигранти добија грчко државјанство

Еден албански мигрант и други двајца од Египет, беа наградени со државјанство на Грција, за нивната пожртвуваност при спасувањето Грци за време на катастрофалниот пожар што во јули зафати делови од полуостраовот Атика, во близината на Атина. На посебна свеченост, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос (Prokopis Pavlopoulos) им се заблагодари на тројцата имигранти кои работат во Грција како рибари, за нивната хуманост и храброст, спасувајќи десетици луге од огнената стихија.

“Вие сте сега и европски државјани и ќе можете да ги учите своите блиски и своите партнери на работните места кои не ги разбираат вредностите на Европа, за да и тие тргнат по тој пат”

…рекол грчкиот претседател. Во големиот пожар загинаа најмалку 90 лица, а огнот уништи дел од полуостровот Атика како и малото место Мати, кое беше најтешко погодено. Сведоци зборуваа дека стотици луге бегајќи од огнот се фрлале во морето или навлегувале во него, за да не изгорат живи, откако се најдоа заробени меѓу огнената стихија и морскиот брег. Грција беше епицентарот на мигрантската криза на ЕУ во 2015 и делумно во 2016 година, кога околу еден милион бегалци и мигранти, на пат за Германија и европскиот Запад минуваа по т.н. балканска патека. Во Грција и сега има мигранти, распределени по кампови и прифатилишта, во очекување да им се овозможи да продолжат понатаму, или да се вратат во своите земји.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе