Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Вакцините не се поврзани со аутизмот

andrianocz/BigStock.com

Вакцините не се поврзани со аутизмот

Десетина години по стивнувањето на бранот против вакцините во Западна Европа, на другиот крај од континентот, млади родители под влијание на кампањата против имунизацијата, и натаму упорно одбиваат да ги вакцинираат своите деца. До нив речиси не допираат информациите дека науката нема докажано поврзаност меѓу вакцините и аутизмот, ризик од кој како што тврдат најмногу се плашат.

Не им значат ниту уверувањата од медицински лица дека за менталниот развој на нивните деца многу поголема опасност претставува евентуалната инфекција со мали сипаници, отколку вакцината. Остануваат глуви на бројките за рекорден број (вкупно 37 во Европа) смртни случаи од мали сипаници минатата година, главно во Србија, Романија, Украина и Грција, како и на фактот дека најголемиот број од заболените и починатите биле невакцинирани лица.

Според светската здравствена организација, во Европа само во првите шест месеци во 2018 година биле забележани рекорден број заразени со мали сипаници, вкупно 41.000 регистрирани пациенти. Претходната, 2017 биле регистрирани 29.000 случаи, додека во 2016 – само 5.273 заболени. Овој осумкратен скок на бројот на инфицирани лица, за само две години, според експертите се должи токму на антивакциналната кампања, односно на одбивањето на родителите да ги имунизираат своите деца, длабоко верувајќи дека вакцините прават повеќе штета врз здравјето (!?) и дека главно се мотивирани од желбата за заработка на фармацевтските компании. Некои одат дури и подалеку, верувајќи во мрачни теории на заговор за онеспособување на поедини земји во светот и “контрола” на бројот на населението.

Во вакви околности болеста и натаму се шири низ Европа, а последните податоци од СЗО за покриеноста со вакцини на национално ниво, со првата и втората доза, покажуваат дека само четири земји од ЕУ – Португалија, Словачка, Шведска и Унгарија, за 2017 година, известиле дека била постигната препорачаната стапка од 95 отсто вакцинирано население. Во останатите земји, некаде повеќе, некаде помалку, треба уште многу да се работи на подигање на свеста кај населението за потребата од вакцинирање, на децата, но и на возрасните, кои од разни причини останале без имунизација, до постигнување на целта – елиминирање на ризикот од морбили и ширење на болеста во поголеми размери.

Епидемија во Скопје

Неколкуте случаи на инфицирани со мали сипаници, главно деца, во Скопје, непосредно пред новогодишните празници, кога беше прогласена и епидемија на локално ниво, го подигнаа степенот на будност кај домашните здравствени власти. Алармот успеа да покрене дел од родителите кои претходно одбивале вакцинирање на децата, да го променат ставот, така што за само неколку дена се вакцинирани преку 1000 деца.

Но во главниот град на Македонија се смета дека и натаму остануваат околу 14 илјади невакцинирани деца. Тоа значи дека вкупниот процент на имунизација на населението е далеку под препорачаните 95 отсто (во некои скопски општини дури и под 70 отсто ) што значи дека инфекцијата не им се заканува само на невакцинираните лица, туку ги доведува во поголем ризик и луѓето кои некогаш примиле вакцина, а од одредени причини (најчесто други болести, како канцер или ХИВ) имаат намален имунитет.

Др. Недрет Емироглу, од СЗО предупредува дека секое недоволно имунизирано лице останува подложно на болеста, без оглед каде живее. Поради тоа, нагласува дека секоја земја мора да продолжи со напорите за зголемување на покриеноста со вакцини. Но луѓето кои се категорично против, во секоја ваква препорака „читаат“ скриена намера, додавајќи дека никој и со ништо не може да ги разувери дека нивните деца се побезбедни без имунизација.

Страв од аутизам?

“Стравот кај младите родители ме загрижува и ме разочарува, бидејќи веќе постојат солидни научни докази дека не постои врска меѓу вакцината за мали сипаници (морбилите) и аутизам. Тоа верување потекнува од пред 20 години, од една мала научна студија, водена од Др. Веjкфилд, кој тогаш постави хипотеза за можната корелација меѓу вакцината и аутизмот. Меѓутоа, се откри дека резултатите од студијата беа невалидни.

Подоцна беа направени големи научни студии и во Велика Британија, во кои што беа изнесени многу солидни докази и сознанија дека не постои врска меѓу вакцината и аутизмот” – уверува д-р. Весна Јорданова, специјалист психијатар во болницата Кингс Колеџ (King’s College Hospital) во Лондон, во разговор за ТВ Клан Македонија.

Др. Јорданова, лекар со 20 годишно искуство и шеф на одделот за неуроразвојни проблеми во болницата, меѓу другото работи и со лица со аутизам, состојба за која вели дека во голема мера е причинета од генетскиот фактор, или од други причини, но не како последица од вакцините. Таа додава дека за интелектуалниот, когнитивниот и психолошкиот развој на децата многу поголем ризик претставува евентуалната инфекција со морбили, затоа што може да предизвика воспаление на мозокот и застој во развојот на децата.

Иако се смета дека поголемиот број од лицата што ќе се заразат со морбили, без особени последици ќе ја надминат болеста, сепак, во некои случаи можни се компликации со менингитис, фебрилни конвулзии, пневмонија или хепатитис.

“Ризикот се јавува не поради вакцината од мали сипаници, туку поради невакцинирањето”

…инсистира др. Јорданова.

Пред 10-15 години антивакциналната кампања беше силна и во Британија, но тоа предизвика во оваа висок развена земја да се врати болести за кои претходно се сметаше дека се искоренети, како што се, туберкулозата, малите сипаници, големата сипаница, полио и други. Но, стравот од тешките последици, особено кај ранливите групи од населението, лицата со послаб имунитет и бремените жени, натераа многу од сомничавите луѓе, сепак, да се вакцинираат – самите, или да ги вакцинираат своите деца. Здравствените власти препорачуваат првата доза од вакцината ММР, да се прими околу првиот роденден, а втората пред тргање на училиште.

Затворени градинки во Македонија

Здравствените власти во Македонија се обидуваат на разни начини да ги натераат родителите да ги вакцинираат децата, преку воведената забрана за неимунизираните деца да посетуваат детски градинки и училишта, со парични казни, но и со соопштенија од Министерството за здравство за квалитетот и потеклото на вакцините. Сепак, тие што се против, не отстапуваат од својот став. Се повикуваат на примери од земји каде што вакцинацијата не е задолжителна, на човекови права кои ги толкуваат во своја полза, па дури се закануваат и со тужби и граѓанска непослушност преку организирање “алтернативни” градинки. Во групите на социјалните мрежи, каде се јавуваат луѓето кои со години агитираат против вакцините, веќе се појавија предлози за ангажирање баби и дедовци во приватни станови, кои би ги чувале децата без вакцина, за кои во моментов вратите во државните градинки остануваат затворени.

Епидемија во источна Европа

Од земјите во Источна Европа, малите сипаници во 2018 најмногу се раширија во Србија и во Украина, предизвикувајќи и најголема регистрирана смртност на континентот, дури и меѓу возрасни лица, по што следат Грузија, Романија и Грција. Во западноевропските држави бројот на заболените е далеку помал, но се уште се регистрираат случаи во Франција и Италија, главно кај пациенти кои претходно имале комуникација со лица во источно европските земји.

Во очај од раширената епидемија со стотици заразени деца, Молдавија посегна и по „виши сили“ во борбата со заразната болест. Во интерен допис, поглаварот на Православната црква во земјата од свештениците неодамна побарал со молитви во сите цркви да побараат спас од заразата.

“Ова е состојба без преседан, со многу сериозни последици во изминатата деценија, особено кај децата” се вели во дописот во кој од свештениците се бара да се молат “на колена и со жешки солзи за милост од Бога и излекување на болните”.

Во меѓувреме, на британскиот лекар Андрју Вејкфилд, кој пред две децении ја покрена кампањата против вакцините, му беше забрането да работи во здравството. Специјално формирана комисија за анализа на неговиот текст во кој пишуваше за наводнаа поврзаност на ММР вакцината со аутизам, утврди дека тој постапувал нечесно, спротивно од интересите на пациентите и „потфрлил во неговата работа како одговорен специјалист“. 

(Б.Џ.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе