Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сириските Курди ги скараа САД и Турција

fabioberti.it/BigStock.com

Сириските Курди ги скараа САД и Турција

Американско-турските односи се мислеше дека би можеле да се стабилизираат, откако претседателот на САД Доналд Трамп објави дека ги повлекува американските војници од територијата на Сирија.

Повод за една таква проценка даде самиот Трамп по соопштението дека тој и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имале срдечен телефонски разговор, во врска со решението за заминување на Американците. Во него беше посочено дека Трамп му рекол на Ердоган оти САД ја завршиле својата мисија со поразот на џихадистите од Исламска држава (ИД), па дека сега останува работите да ги истера до крај Турција, за нивното конечно протерување.

Сопштението се појави веднаш по демонстративната оставка на американскиот министер за одбрана Џим Матис кој остро се спротивставувал на повлекувањето на САД од сирискиот фронт. Според тамошните медиуми, Матис како поранешен генерал на американската копнена војска инсистирал кај претседателот Трамп да не се објавува едно такво решение, означувајќи го тоа како преурането, но и како лош пример за сојузниците и пријателите на САД.

Станува збор за стравувањето што го покажал Матис за припадниците на оружените формации на сириските Курди кои војуваа против ИД заедно со американските сили и според американски воени извори, во тие борби на неколку фронтови, токму курдските борци ја одиграле клучната улога во елиминацијата на џихадистите.

Проценките на Матис наидоа на целосно подршка кај најголемиот број американски и други воени и политички аналитичари. Според нив, не само што Курдите со набрзина донесената одлука за повлекувањето на САД остануваат сами на фронтот каде работите се уште не се завршени, туку со пораката на Трамп до Ердоган – турската армија да продолжи онаму до каде стигнаа Американците – курдските борци, практично, се оставаат на милост и немилост на непријателски настроениот турски претседател.

Анкара веќе подолго време најавува дека се прават темелни подготовки за “завршната операција” на армијата во совладување на “сите терористички сили” на северот од Сирија, што Турција го смета за витален по безбедноста на земјата.

Сите независни воени и безбедносни анализи, притоа, предупредуваат дека во една таква турска офанзива, во реон каде инаку постојат бунтовнички, анти-Асад сили кои Турција ги подржува и воено ги помага и ги смета за свои сојузници, курдските народни милиции кои војуваа само против џихадистите, многу веројатно ќе бидат цел на турските напади- исто како што тоа и досега се случуваше.

Само три недели по објавувањето на одлуката за американско повлекување од Сирија и по очекуваната стабилизација на односите меѓу овие две земји, Турција и САД се најдоа во вербална пресметка на јавната сцена, токму поради сириските Курди. Зборовите за американско-турско партнерство и сојузништво, што за момент се слушнаа, брзо избледија откако Вашингтон навести дека Американците од сирискиот фронт нема да брзаат со своето заминување, туку дека сето тоа ќе се одвива постепено, со водење сметка за ситуацијата на теренот.

Меѓутоа, кавгата ескалира по изјавата на американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, дека САД бараат безбедносни гаранции од Турција за своите курдски сојузници на сирискиот фронт.

Според Болтон, САД бараат гаранции дека припадниците на курдската милиција, предводена од борците на Единицата за народна заштита (ЈПГ), која војуваше покрај Американците, ќе бидат безбедни и по американското повлекување.

Ердоган кој и онака беше гневен на Вашингтон што ги избра Курдите за свои сојузници во борбата со ИД, а потоа не престана да бара од Американците – кога ќе заминуваат од Сирија претходно да им го одземат целото оружје што им го имаат дадено на Курдите – ваквото барање го означи како целосно неприфатливо.

“Не можам ниту да го прифатам, а ниту да го проголтам барањето на Болтон. Американците не знаат кои се сите тие курдски борци, па ако сега уште ги сметаат и за курдски браќа, тогаш се во сериозна заблуда” – порача грубо и во својот кавгаџиски стил Ердоган.

Пораката до САД, а тоа значи и до Трамп, кој го прати својот главен советник за безбедносни прашања во Анкара, за да ги убеди Турците, Ердоган ја испрати од неговата средба со пратениците од владеачката АК партија, откако претходно одби да се сретне со Болтон, правдајќи се дека е зафатен со кампањата за турските локални избори.

За него ЈПГ и нејзините припадници се само продолжена рака на, во Турција, забранетата Курдска работничка партија (ПКК) која повеќе од триесетина години се бори за малцинските права на турските Курди и за автономија во рамките на турската држава. Според турскиот претседател, ЈПГ како и ПКК се само “терористички организации” а нивните припадници “терористи исти како и џихадистите на ИД”.

Групата ЈПГ и порано и сега тврди дека нејзините припадници се сириски Курди  кои немаат никакви врски со ПКК која дејствува на турска територија, ниту пак се организациски меѓусебно се поврзани.

Во 2014 година исламските милитанти, набрзина, успеаја да запоседнат голема територија од околу 100 илјади километри квадратни, од Сирија и Ирак, на неа да формираат т.н калифат и да стават под своја контрола и брутална власт над осум милиони луѓе. Воени и безбедносни експерти во САД и во Британија не се согласуваат со изјавата на претседателот Доналд Трамп дека џихадистите на ИД се конечно поразени.

Навистина, тие сега имаат под контрола само еден отсто од територијата што ја имаа во свои раце пред пет години, но анализите на американскиот Пентагон, од август 2018 година, покажуваат дека се уште во Сирија има 14 илјади, а во Ирак други 17 илјади џихадисти.

Администрацијата на поранешниот претседател на САД Барак Обама, во 2015 година испрати прво, поголема група воени советници, а потоа и војници во северните делови од Сирија, во курдските зони.

На почетокот за да ги обучуваат за пресметката со џихадистите, а подоцна ги претворија во свои сојузници во воените операции,обезбедувајќи им оружје и опрема и за пошироки воени дејствија. Во момементот кога Трамп објави дека ќе ги повлече Американцте, на сирискиот фронт имаше две илјади војници на САД.

(Д.Т.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе