Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Светот во “сенката” на Трамп

D.Linchevskiy/BigStock.com

Светот во “сенката” на Трамп

Новата година во САД почна онака како што заврши старата – со блокирана сметка за дел од државната администрација, со расправии околу “ѕидот на Доналд Трамп” (на границата со Мексико), со истрагата околу “руската врска” и со длабока политичка поделба – каква ретко кога имало досега.

Во секој случај, сите тие состојби се американски и се однесуваат на приликите во тамошната политика, но во една ваква слична атмосфера, главно, протече и целата измината 2018 година, а и годината пред тоа, па состојбите во и околу администрацијата на актуелниот американски претседател, имаат влијание и врз односите на САД со меѓународната заедница, со американските сојузници и противници на глобалната политичка сцена, а преку тоа и со светот.

Сите овие внатрешни состојби, целосно ја врзуваат администрацијата во Вашингтон, па на самиот старт од оваа година, претседателот Трамп веќе го откажа учеството на Форумот во Давос, а со тоа и можноста од средби со други светски лидери, откако стана јасно дека неможе да се спогоди со Конгресот и со демократските лидери за буџетот.

Трамп инсистира во него да се најдат средства за ѕидот на американско-мексиканската граница, што сега ќе биде метален, додека демократите кои од 1 јануари управуваат со Претставничкиот дом на Конгресот, се противат. Претседателот тврди дека ѕидот е потребен од безбедносни и хуманитарни причини, но демократите уверуваат дека таквото објаснување е невистинито и дека во прашање е само ставот на Трамп кон мигрантите и неговото ветување дадено на неговите гласачи.

Товарот на “руската врска”

Првично тој уверуваше дека “ѕидот ќе го изгради Мексико” што од таму категорично се отфрла, па сега излегува дека изградбата треба да падне на товар на домашните даночни обврзници, што противниците во Америка го сметаат како непотребно трошење пари, што може да се употребат за други намени.

Во ваквата атмосфера, веќе никој не знае до кога може да трае блокадата на буџетот, особено што самиот претседател порачува дека ако треба, ќе остане и цела година. Исто така, не се знае ниту дали тврдото разногласие околу “ѕидот- ограда” е вратка на Белата куќа за истрагата околу “руската врска” на трамповиот изборен тим, во текот на изборната кампања.

Но веќе две години над актуелниот претседател “висат” истрагата на специјалниот истражител Роберт Малер која се уште не е завршена, како и постојаните откритија на американските медиуми за “блискоста” и на самиот Трамп со Русија, како и за тоа дали тој знаел за постапките на свите изборни советници.

По последниот неуспех да се најде решение за буџетската блокада, во медиумите се појави сомнение за тоа зошто Белата куќа нема ништо обелоденето за што Трамп и Путин имаат два часа разговарано на Самитот во Хелсинки, во јули 2018, само со присуство на нивните двајца преведувачи. Карл Бернстин, еден од двајцата новинари кои ја открија аферата “Вотергејт” поради која тогашниот републикански претседател Ричард Никсон поднесе оставка, за да не се покрене импичмент, тврди дека Трамп “му помогнал на Владимир Путин да ја дестабилизира САД“. Претседателот на својот Твитер веднаш ги означи сите вакви обвинувања како “fake news” но и категорично демантираше дека работи против интересите на САД.

Во секој случај, овие случувања во првите две недели од 2019 година, ја отсликуваат нервозата која се чувствуваше во Вашингтон и во текот на минатата година, посебно низ, како што велат американските медиуми, недовербата на Трамп во луѓето со кои работи во Белата куќа и во владата.

Со тоа, најчесто, се објаснуваат честите смени и оставките на неговите соработници – околу дваесетина во изминатите две години. Во тоа се најдоа дури двајца советници за национална безбедност, двајца шефови на персоналот во Белата куќа, министерот за правда и државен обвинител, амбасадорот на САД во ОН, како и министрите за надворешни работи и за одбрана.

Рекс Тилерсон разбра дека е сменет од функцијата државен секретар преку вест на Твитер, испратена од претседателот. Џим Матис демонстративно замина од Пентагон, спротивставувајќи се на “избрзаната и штетна” одлука на Трамп за повлекување на Американците од Сирија. Според овој поранешен генерал, американските сојузници во борбата против џихадистите на Исламска држава (ИД) – сириските Курди ќе се најдат оставени без заштита и на милост и немилост на Турција и нејзната армија која се подготвува за “завршна офанзива” на сирискиот фронт, во која курдските милиции ќе се најдат на удар како и преостанатите вооружени исламисти.

– Џим Матис

Самит Трамп – Ким

Американските аналитичари, но и оние низ светот, ваквата ситуација во админстрацијата на САД му ја препишуваат на Трамп, инсистирајќи дека секој претседателот мора да се консултира со шефот на дипломатијата и на одбраната, како најважни за интересите на државата, пред донесувањето на крупни одлуки, а не само со своите советници, без разлика што конечната одлука останува во неговите раце.

Со тргањето на Тилерсон и на Матис, кои самиот тој ги има избрано за дел од неговиот најблизок тим, се смета дека Вашингтон има испратено лоша слика за себе, затоа што таа создава недоверба кај меѓународната јавност околу тоа на која политика да и се верува – на онаа што ја промовираат главните министерства, или на решенијата што се носат во Белата куќа.

Во 2018 година, светот остана во неверување од тоа дека може да има самит на еден претседател на САД и на севернокорејскиот диктатор, но Трамп и Ким Јонг Ун се сретнаа и разговараа во Сингапур, а нивната средба која предизвика разногласие и во американската политичка јавност, беше означена како историски самит и настан на годината во меѓународните односи.

Малку кој се осмелува да прогнозира што ќе се случува натаму (се подготвва и втора средба на двајцата лидери) но никој не може да го оспорува и фактот дека по сингапурските рзговори, Ким Јонг Ун запре со своите воени игри, со атомските проби и со лансирањето ракети преку јапонската територија. Во крајна смисла, тоа се покажа како успех на Трамп, за разлика од царинската војна што ја покрена со Кина, која му се припишува како грешка.

Пекинг возврати со иста мерка по што и двете страни трпат штета, па сега и Кина и САД се обидуваат да најдат начин како да излезат од “воената” ситуацијата, а да притоа никој не излезе победник, или поразен. Засега, успеаја само да се договорат за примирје во оваа војна со царините, до крајот на март.

Корекции на Обама политиката

Смирувајќи ја ситуацијата околу Корејскиот полуостров, Трамп, меѓутоа, ја заостри ситуацијата со Иран. Прво, одлучи да излезе од нуклеарниот договор што го постигнаа Техеран и меѓународната шесторка (САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија и Германија), при што другите потписници останаа верни на договорот, а потоа ги врати сите санкции кон иранските власти, посебно за нафтата, гасот и за финансискиот сектор и го обвини Иран дека претставуваат “најголемо зло и закана” на Блискиот Исток, а посебно во Сирија.

Сето тоа, се верува дека е направено како дел од настојувањето на актуелниот американски претседател да ги откаже, или да ги преправи меѓународните договори што ги има постигнато претходниот претседател, настојувајќи да ги увери своите гласачи дека се придржува за изборното ветување – “Америка на прво место“.

Во тие рамки е и растурањето на договорот НАФТА, па потоа правењето нов меѓу САД, Канада и Мексико, на практично истите појдовни основи, па преселувањето на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, како и одбивањето на Трамповата администрациа да се вклучи во правењето на глобалната спогодба на ОН за миграцијата.

Спогодбата нема обврзувачки карактер, па Вашингтон единствено што успеа беше да им послужи како изговор на десетина други држави, а пред се, на националистичките и популистичките влади во Централна и Источна Европа, иако сите земји членки на ОН, претходно, застанаа зад овој документ.

“Војната” што претседателот Трамп ја водеше во текот на 2018 година со демократите и потезите што ги влечеше, беа во функција на, во САД, важните избори на средината на мандатот на секој претседател, за Претставничкиот дом и Сенатот на Конгресот. По изборите, сите тврдеа дека победиле, но факт е дека претседателот не беше поразен.

Тој навистина ја загуби контролата што ја имаше во Долниот дом, кој сега е под контрола на демократите кои ја имаат и третата највисока функција во американската политика – Спикерот во Конгресот (Ненси Пелоси) – но ги засили позициите во Сенатот. Тоа ја прави практично невозможна евентуалната постапка за импичмент (по соопштување на резултатите од истрагата за Малер) затоа што за тоа треба да се добие подршката и на значителен број републиканци.

Подршка на конзервативните гласачи

Овие избори покажаа и дека Трамп и покрај бројните контроверзи на неговото претседателствување и релативно понискиот рејтинг од неговите претходници, сепак, ја одржува подршката на неговото гласачко тело – конзервативниот дел од Американците и десничарскиот блок, кои во него ја видоа онаа Америка каква што тие ја замислуваат и ја сакаат. Изборните анкети открија дека оние кои во 2016 гласаа за Трамп и натаму гласаат за него. Тоа веројатно го правеше и го прави да биде истраен на својата определба и политика, што ја најавуваше во изборната кампања, затоа што верува дека таа му носи резултати.

Со неа не ја губи подршката кај своите, а тоа го прави сигурен за да може да побара и да добие и втор претседателски мандат. Тука може да се бара и објаснувањето за неговата тврдост кон демократите, кога станува збор за изградбата на пограничниот ѕид, како заштита од напливот бегалци од Мексико и другте латиноамерикански држави, но и кога се во прашање односите со светот.

Преку остриот, често кавгаџиски однос кон меѓународната заедница, градејќи притоа повеќе непријатели, отколку пријатели, Трамп настојува да покаже дека САД под неговото водство е првата и најмоќната сила во светот, која сама носи одлуки за себе и не се повинува на меѓународни договори и обврски, што кај конзервативците во Америка го прави “вистинскиот претседател”.

– mikeledray/BigStock.com

Другите играчи во меѓународната политика, со една таква САД, во текот на 2018 година, се снаоѓаа секој на свој начин, но впечаток е дека не пострадаа.

Москва и Пекинг на Западен Балкан

Русија продолжи да се однесува како Советскиот Сојуз во времето на “студената војна” – копајќи по ЕУ, настојувајќи да предизвика криза во единството на Унијата и помагајќи ги и потикнувајќи ги крајната десница во Европа, тамошните националисти и популисти да создаваат криза на континентот.

Москва е посебно ангажирана во дестабилизацијата на Западен Балкан, посебно роварејќи во Македонија, со силната подршка за локалните националисти, казнувајќи ја земјата што сака да влезе во НАТО и во ЕУ, а од Кремљ сметаат дека тоа треба да се случи тогаш кога Русија ќе извлече нешто за себе од Западот, кога станува збор за Украина и за Грузија – и двете земји жртви на руската агресивна политика.

Кина и во минатата година, а се очекува и оваа, во која одбележува 60 годишнина од постоењето на НР Кина и победата на комунистичката револуција, сите свои потези вешто ги одржува сокриени од главните рефлектори на меѓународната сцена, иако Пекинг премногу не се разликува од однесувањето и постапките на Русија.

Но додека Москва се обидува да ги увери сите, посебно во Европа, дека е светска сила која бара парче од континентот (и од светот) за себе, Пекинг тоа го прави низ својата силна инвестициска актвност.

Таа пак, бидејќи се изведува под државна контрола, ги става сите примачи на кредити и инвестиции, посебно оние кои се надвор од ЕУ, во земји во кои Кина има и ке има влијание. Западниот Балкан е едно од тие подрачја, каде може да се случи токму Кинезите да ги имаат под контрола главните комуникациски правци.

Бразил од оваа година е со десничар и популист, поранешен капетан на бразилската армија, како претседател. Неговите настапи и конзервативизмот што го заговара, уште на стартот од мандатот му дадоа прекар на “латински Трамп”. Турција, на другиот крај од светот, продолжува да делува според принципот “топло- студено” во однсите со САД, користејќи ја тамошната ситуација за да се однесува како “голема сила” во регионот. На турската сцена, пак, Реџеп Таип Ердоган се однесува како незаменлив, а неговиот збор како закон.

Австралија, продолжува да живее во благосостојбата на земја која немала рецесија кога сите другите ја имаа, Јапонија стравуваше лани, а таа ке биде и годинава, од опасноста да остане во сенката на Кина, но со Јужна Кореја (подржани од САД) се обидуваат да го одржат балансот на силите на Далечниот Исток.

Африка изгледа дека беше и останува помалку настрана од главните светски текови, ако не се корупцијата и тероризмот на исламските ексремисти – од источниот и од западниот брег од континетот, на кој Кина и Индија се имаат добро сместено, а каде одново навлегува и Русија, сега нудејќи им на африканските режими и свои платеници.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе