Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брегзит како “театар на апсурдот”

tanaonte/Bigstock.com

Брегзит како “театар на апсурдот”

Британското излегување од ЕУ што најтврдите брегзитери  пред домашната евроскпетична јавност го прикажуваа како „ лесен и едноставан процес“ – на околу 90 денови до  „разводот“ меѓу Лондон и Брисел , се претвори во смешно- тажна циркуска претстава. Смешна поради сето она што се случува во Британија и посебно во нејзната политика, изминатите две години, откако отпочна преговарачакиот процес со ЕУ за Брегзит, а тажна, затоа што сето тоа и се случува на една држава каква што е Велика Британија. Па , сега, наместо уредно напуштање на Унијата,  какво од Лондон се најавуваше и какво се очекуваше,  што би требало да им доликува на Британците и на нивната илјада годишна државност, Европа и светот присуствуваат како гледачи на еден вистински „ театар на апсурдот“ кој ни го приредуваат британската влада, премиерот Тереза Меј и двете главни политичките партии -десноцентристички конзервативци и левичарската Лабуристичка партија.

Првите, ја замешаа целата работа, покренувајќи ги Брегзит и избрзаниот и непотребен  референдум , а потоа, по хистеричната капања за „ разводот со Европа“ и за „ враќање на независноста“ , кога требаше мирно да се работи за правична разделба ,  покренаа „ граѓанска војна “ во  сопствената Конзревтативната партија, користејќи  ги ЕУ, Европа, референдумот и англискиот национализам , како оружје за лични и партиски потреби. Вторите, пак, каде огромното мнозинство од приврзеници, активисти и гласачи се проевропски определени, наместо од почетокт да се постават како „ разумот на Британија“ и во кампањата за референдумот да дејствуваат против антиевропската хистерија на десничарите, по сугестија на ( тогаш) новиот лидер, левичарот Џереми Корбин,  се определија да стојат настрана, чекајќи го поразот на тогашниот премиер Дејвид Камерон, за ситни, политикански потреби на новиот лидер на лабуристите.

Политикански игри

Брегзитерите победија тесно со 52 : 48 отсто од гласовите, при мала излезност од едвај 52 отсто, главно, со гласовите на возрасните Англичани, англиските пензионери, рибарите и сточарите , но и на дел од работниците во североисточна Англија кои поверуваа во приказните на десницата дека – работниците,  мигранти од земјите на ЕУ , ќе им ја земат работата доколку Британија и натаму остане во ЕУ , а тие продолжат слободно да доаѓаат.

После , безмалку двегодишни преговори со Брисел и тројца министри за Брегзит кои се изменија на таа функција , во ноември, Британија и ЕУ се согласија за договор околу разводот, што членките на Унијата го прифатија, на посебен Самит. Требаше договорот да го ратификува  и британскиот Парламент, но веднаш започнаа политиканските игри на британската десница и левица, претворајќи ја цеката британска политичка сцена, двете стари партии и Парламентот во сцена на апсурдни потези по што –   и во Брисел и во ЕУ, но и во самата Британија , не се знаеше што , всушност, Лондон навистина сака. Договорот на Меј беше отфрлен како – „ лош, антибритански и полош не може да биде“ , па под притисок на тврдата партиска антиевропска десница уследија низа оставки во владата и во владината адмнистрација, за да се изврши притисок врз неа ,  по што беше изнудено  и гласање за (не)доверба за лидерот на конзервативците, премиерот Меј.

Лабуристите чекаа да ја видат разврската, решени по секоја цена, да изнудат основа за предвремени избори, верувајќи дека во овој хаос што е создаден околу Брегзт, ќе може да заработат изборна победа која во нормални прилики не би била можна, поради непопуларноста на Корбин и неговото старомодно левичарење. Меј закажа гласање за договорот со ЕУ за 11 декември, но кога сфати дека гласањето , всушност, е своевидна местенка од  нејзините противници во сопствената партија , користејќи ги лабуристите кои и онака најавија дека ке гласаат против – за да биде тргната од премиерската функција- го откажа гласањето,  префрлајќи го за средината на јануари.

Меј одбива да се повлече

Во тој момент, беше сигурна дека не може да ги разувери опозициските лабуристи, посебно не Корбин, чија единствена цел е да собори уште еден ториевски премиер, но се надеваше дека ке може да ги среди редовите во сопствената партија, откако успеа да победи во партискиот пуч и ја доби довербата , како лидер на Конзервативната партија.

Сега , меѓутоа,  е сосема јасно дека не успеа да ја добие нивната доверба и за договорот со Брисел, па оние кои ја спасија за  да  не биде тргната од лидерската позиција ( а тоа значи и од премиерската) , при гласањето на 15 јануари и го свртија грбот и помогнаа  во Парламентот во Вестминстер, Тереза Меј да го доживее најтешкиот пораз што една влада и еден премиер  го имаат доживеано во последните 100 години , отфрлајќи го договорот со рекордни 432 гласови против и само 202 „ за“. Дури 118 конзервативни пратеници гласаа против својот партиски лидер, подржувајќи ја целата опозиција, предводена од 248 лабуристички пратеници. Само тројца лабуристи гласаа за договорот на премиерот, но против неа беа и сите десет пратеници  од Демократската унионистичка партија (ДУП) , од Северна Ирска, каде гласачите, на референдумот, во големо мнозинство беа против Брезит.

Во нормални прилики во Британија, по ваквиот понижувачки пораз во Парламентот, би требало премиерот да поднесе оставка. Но во време на апсурди и на политички циркус во кој се наоѓа земјата , по соопштувањето на резултатот од гласањето на пратениците, Меј одби да се повлече . Само кусо рече дека владата го слушнала мислењето на Парламентот, па сега ќе ја продолжи врз работата за да се испорача Брегзит.

Ториевците не сакаат избори

Доследен на себе и на своето инаетџиство, Корбин веднаш побара Долниот дом на Парламентот да гласа за доверба на владата. Според него, владата треба да си оди затоа што неуспеала да изготви добар договор со ЕУ и затоа што нема сили за таа работа, нудејќи , па тој се заложи една друга влада , низ нови преговори со ЕУ, да обезбеди подобар договор со Брисел. Но, со ваквиот потег на опозицијата, целиот тој веќе создаден „ театар на апсурдот“ само продолжува да се надградува.

Прво, затоа што , без разлика на дебаклот со договорот со ЕУ, на гласањето за доверба, конзервативците ( и ДУП) сложно, ја спасија и владата и Меј да не паднат. Тоа го објаснија со потребата да им се овозможи да ја завршат работата, што ќе рече , да обезбедат излегување на Британија од ЕУ, но зад ваквата наводна принципиелност се крие стравот од предвремени избори, што ториевците не ги сакаат. Второ,  Корбин кој овојпат не успеа во својата политиканска игра ,  сега би можел да си ја искомпликува позицијата во Лабуристичката партија. Тој и друштвото на тврди левичари околу него, никогаш досега не понудија некое свое решение за Брегзит и за излегување од хаосот  , задоволувајќи се само со  критикување на владата и на ториевците. Корбин постојано избегнува да се изјасни  и за тоа дали е за евентуален втор референдум, додека големо мнозинство од  лабуристичката база и партиското гласачко тело  бара нов референдум , уверувајќи дека расположението на Британците е изменето после јуни 2016 година.

Високи лабуристички функционери, веднаш по гласањето за договорот, јавно порачаа дека лабуристите сега треба да застанат цврсто зад потребата од уште еден референдум, како единствено решение за излез од сегашната ситуација. За нов референдум се и либерал-демократите на Винс Кејбл и шкотските националисти од СНП, на Никола Старџен. По добиената доверба на нејзината влада, Меј изјави дека до крајот на неделата ќе има средби со сите парламентарни партии, сакајќи да ги слушне и нивните позиции, а на 20 јануари  ќе патува  ( уште еднаш) во Брисел за да бара подршка за доработка на отфрлениот договор со ЕУ, сега ставен во форма на некаков „ план Б“.

Планот А“ станува „ План Б“

Досега, меѓутоа, никој не споменуваше таков план и се отфрлаше било каков резервен план за британското излегување од Унијата , па независните посматрачи во Лондон прашуваат- што може да направи една тешко „ ранета“ политичарка, како Меј во сегашниот момент. Таа  нема целосна подршка во својата партија, против неа се прават партиски пучеви и мора да се бори со опозиција, која не сака да се определи  дали е за  излегување, или за останување во ЕУ . Во таква ситуација, сосема е нејасно што може да постигне  во следните недели, за да на 29 март, се случи Брегзит. Меј , секако, заслужува почит за нејзината упорност и цврстината да ги издржи сите удари, прикажувајќи го тоа како „ потреба да се задоволи волјата на народот“ , односно на гласачите на референдумот ,  а работејќи против опцијата за „ развод“ без постигнување договор. Но, британскиот премиер сноси одговорност што во изминатото време до постигнувањето на договорт со ЕУ во ноември, а и после него, настојуваше цело време само да им угодуваа на разните струи кај ториевците.

Песимистите сметаат дека над владата и над Британија сега виси заканата од излегување од Унијата без никаков договор. Солуцијата „ No Deal ”  сите разумни во Британија , како и домашниот и светскиот бизнис  ја сметаат за најлоша  за земјата, затоа што може да ги погоди и обичните Британци. За неа се залагаат само крајната десница на конзервативците и тврдите брегзитери, кои уверуваат дека , наводно,  тоа била пораката од референдумот- излезете од ЕУ и нема што со никого да преговараме, ние сме Британија. Едно такво уверување  продолжува да живее во ториевските редови и меѓу нивните националистички настроени , инаку традиционални гласачи во Англија. Затоа, не е мал бројот на оние во Лондон кои сметаат дека договорот што се покажа дека никој не го сака, сепак, останува единственото можно решение. Особено што веќе никој не знае што може да понуди владата на Меј, освен нешто во стилот – исто, ама различно- во временскиот теснец што и останува, за да тоа биде прифатливо за Брисел и над се,  за да може да добие мнозинство во британскиот Парламент.

Брисел чека на Лондон

Од Брисел веќе порачаа дека не може да има одново преговори за нов договор. Целата мешаница ја предизвика Британија и  како што  изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер,  Британија „ треба да ги разјасни своите намери “, предупредувајќи дека се зголемува ризикот од „ развод без договор“. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск , пак, јавно праша – ако спогодба не е можна и никој не сака да има некаква спогодба, кој е тој што ќе има храброст да каже кое решение е позитивно“. Конзервативците, а и лабуристите во Лондон , продолжуваат ( по старо) да тврдат дека може да се најде прифатлива солуција и бараат од ЕУ да бидат помеки кон Британија ! Европскиот Парламент, од своја страна, меѓутоа, немаше разбирање за ваквите барања , па во последната дебатата околу Брегзит , одново побара од Британците „ сложно да се договорат“ што сакаат- да си заминат од ЕУ и на кој начин,  да го одложат применувањето на член 50 од Лисабонската спогодба, за еден период, или да се откажат од Брегзит.

Проблемот на Британците, а од таму и апсурдноста на целата ситуација е во тоа што – барем како сега стојат работите-  ниту една опција, или солуција, понудена во некаков „ план Б“ , не може да постигнат мнозинство во Вестминстер. Излезот од ЕУ без договор не може да добие мнозинство, затоа што добар дел од ториевските пратеници се против тоа. Одлагањето на членот 50 нема да подржат сите конзервативци, а и северноирската ДУП. За нов референдум би можела да се согласи целата опозиција, иако ниту тоа не е сигурно, но владеачкото мнозинство е остро против, сметајќи дека е „понижувачко“ за нив, а тие сложно се противат и на нови избори.

Останува вината за британското „ пукање во сопственото колено“ како што се објаснува одлуката за излегување од ЕУ ,  да му се припише на бившиот премиер Дејвид Камерон. Тој овие денови призна дека кога се определил за референдум, длабоко верувал дека Британците ќе го отфрлат Брегзит. Тешко погреши , а таа негова лоша проценка предизвика политички хаос во Велика Британија, каков немала повеќе од еден век и длабока поделба во општеството за која ( велат) ќе треба многу време за да се надмине.

( Д. Л.)

Допис од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе