Поврзете се со нас

Skopje Global

Политика на две столчиња

Западен Балкан

Политика на две столчиња

ivicaNS/BigStock.com; belish/BigStock.com; vverve/BigStock.com

Политика на две столчиња

Рускиот претседател Владимир Путин својата осмочасовна посета на Србија ја започна со 1,5 час задоцнување на неговиот авион, потоа доживеа еуфоричен прием, како знак за “историското српско-руско пријателство”, одржа политички разговори со својот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, кому му додели орден, доби како подарок куче-шарпланинец и се врати во Москва, не прифаќајки го инсистирањето на српските домаќини да им зборува на насобраните луѓе во Белград.

За доцнењето, колку што се знае немало објаснување – велат тоа била вообичаена работа за Путин. На комеморацијата во Париз, на пример, во ноември, по повод 100 гдишнината од крајот на Првата светска војна, рускиот претседател стигна последен, откако сите гости и домаќинот Емануел Макрон беа на своите места. Орденот “Александар Невски” што му го додели на Вучиќ е првиот што му се дава на еден српски државник, по 100 години. Но и за прв пат во поново време му е доделен на еден странски политички лидер, затоа што досега го добивале претседателите на земјите излезени од некогашниот Советски Сојуз, кои важат за лојални кон Москва.

Остана само да се нагаѓа зашто токму малечок шарланинец требало да му се подари на рускиот претседател, а за необраќањето пред белградската црква “Свети Сава” објаснил самиот Путин. Тоа не го прави кога е во посети во странство, а се сомнева и оти лугето би го разбрале кога ќе зборува на руски јазик, па барањата на домаќините ги задоволил испорачувајќи само едно – “ви благодарам” – на луѓето кои со 1300 автобуси биле донесени од внатрешноста на Србија.

Стратешки партнер

Пред да допатува во Белград тој порача дека Русија има на Балканот повеќе пријатели, но дека само Србија е нејзиниот “стратешки партнер” и клучен сојузник. За Путин е многу важно што Србија ја одржува својата неутралност, што ќе рече дека не брза со зачленувањето во ЕУ, а и не покажува интерес за НАТО. Во интервју за два белградски весници, тој ги обвини САД и Западот дека го “дестабилизираат Балканот” со тоа што сакале да постигнат доминација во регионот. Всушност, Путин ја осудува политиката за ширење на НАТО во регионот, што за рускиот претседател е работа наследена од времето на “студената војна”, означувајќи ја како погрешна, бидејќи предизвикувала само обнова на  некогашната линија на поделба на Европа.

Во Белград, рускиот претседател, во својот единствен јавен настап, на заедничка прес конференција со српскиот претседател, сепак, зборуваше главно за Косово, потврдувајќи на тој начин дека тоа е и главната цел на посетата што се случи на самиот почеток од оваа година, во која се навестува дека би можело да се изнајде трајно решение за косовската ситуација. Путин притоа, уште еднаш потврди дека Москва целосно ја подржува Србија во постигнувањето компромис, но и дека продолжува да ја брани Резолуцијата 1244, во која Косово се третира како автономна покраина во српската територија.

“Ние (Русија) се залагаме за заеднички прифатливо решение за Косово, врз основите на резолуцијата на ОН”

…порачувајќи дека во сегашната ситуација, Москва е на страната на Србија. Тоа, едноставно, значи дека за руската страна, косовската независност е забранета тема, а руското инсистирање на резолуцијата 1244, значи дека решение нема да има, бидејќи Москва не ни сака тоа да се случи сега и брзо.

Вучиќ кој од оваа посета настојува да обезбеди поени на домашната политичка сцена, посебно кај националистите и конзервативците и кај силно инсталираното русофилство во државата и во општеството, за кои се знае дека силно дејствуваат против вртењето на земјата кон Западот, пред посетата на Путин јавно призна дека редовно се консултира со рускиот претседател и дека ги прифаќа неговите совети, а подоцна, на заедничката прес конференција рече дека “нема и не може да има решение (за Косово) без Русија”.

Смирување на русофилите

Ваквата негова изјава дојде само два дена по средбата што ја имаше во Белград со амбасадорите на земјите членки на ЕУ на кои им има речено дека Србија “цврсто останува на својот курс кон ЕУ” и само една недела по интервјуто на Вучиќ за “Фајненшл Тајмс” во кое тој се прикажува себе си како прозападен политичар кој за тоа е подготвен да го реши и косовското прашање.

Националистичко-русофилскиот блок во Србија, редовно го обвинува дека ги “продава Косово, српските национални интереси и пријателството со Русија” за српскиот влез во ЕУ. Тој ги отфрла ваквите обвинувања, тврдејќи дека влезот во Унијата е стратешка определба и рационален избор во интерес на луѓето, а дека тоа не го прави затоа што Брисел го уценува со потребата од правно и меѓународно важечки договор со Приштина.

Во Белград дури се верува и дека еуфоричниот прием на рускиот претседател во неговите осум часа во српскиот главен град, имал за цел да им покаже на конзервативците и националистите дека Србија не се откажува од Русија, за сметка на дружбата со Западот, но дека јавно изразената блискост со Москва, особено за Косово, треба да биде порака и за ЕУ дека српската лојалност треба да се награди – со прием во Унијата до 2025 година.

Ако е така, претседателот на Србија, со помош и одобрување од Москва и во присуство на Путин, неговата посета на Белград ја искористи за промовирање на својата политика на “две столчиња” – едното Западот, другото Истокот, а тоа значи Русија – што засега (изгледа) ја толерираат и двете страни, иако и едните и другите бараат од Белград да се определи, каде сака да оди.

Пред околу две години, еден висок американски дипломат му порача на Вучиќ дека “седењето на две столчиња не може да трае до недоглед”.

Западни експерти забележуваат дека ако во Белград мислат дека ова е некоја нова варијанта на некогашната неврзана полтика од времето на Тито и екс ЈУ, сериозно грешат, бидејќи споредбите се депласирани. Уште е помалку веројатно тоа да го промовира политичар како Вучиќ со неговото политичко минато како српски радикал, антикомунист и националист, без разлика на неговата сегашна политичка трансформација.

Косово – руски “џокер”

Московскиот весник “Комерсант” кој важи за близок на Кремљ, од своја страна, открива дека и на источниот блок не му се допаѓа седењето на “две столчиња”. Пред посетата на Путин објави дека белградските разговори треба да одговорат на прашањето – дали Србија е подготвена да биде клучниот сојузник на Русија, или пак ке продолжи да се зближува со ЕУ и со НАТО.

Весникот тврди дека Москва е скептична кон спогодба меѓу Белград и Приштина, онака како тоа го бара ЕУ, затоа што се плаши дека тогаш Косово ќе стане протекторат на НАТО.

Москва затоа и не брза да подржи разграничувањето со Косово, бидејќи тоа, практично, би значело признание на независноста на Косово.

Според “Комерсант”, меѓу двете страни постои и недоразбирање околу “хуманитарниот центар” крај Ниш, што западни безбедносни експерти го сметаат како “руска база”, како и тоа што во последниве години, иако Србија се смета за “клучниот сојузник на Балканот” земјата има направено “низа чекори кон НАТО”.

Московските аналитичари, престојот на Путин во Белград го анализираат низ косовското прашање, затоа што се смета дека неговото решавање е важен фактор за руското влијание и за присуството во регионот на Западен Балкан. Тие сметаат дека посетата има сериозно значење за формулирање на идната руска политика на Балканот.

Максим Самориков од московскиот Карнеги центар не очекува некаков напредок по посетата на рускиот претседател, затоа што, како што вели, Косово е “главниот руски џокер за односите со Србија”. Според Самориков – доколку се разреши косовското прашање, зашто тогаш на Белград би му била потребна Русија, додавајќи дека ќе останат и натаму енергетските врски, економската соработка, железницата, но тие не се и не може да бидат тој витален џокер во билатералните односи.

Тридецениска верност

Анализите во Москва тргнуваат од тоа дека очекувањта на Белград се претерани, затоа што Русија нема да го решава прашањето на Косово, доколку тоа не се прави заеднички. Но од српските политичари се бара Србија да остане надвор од НАТО, потоа јасно да се определат дека енергетски земјата се врзува за Русија и над се, на власт во Белград, во следните 30 години, да се наоѓаат политичари кои ако не се проруски определени, тоа барем да ја имаат Русија за втор, или најдалеку за трет клучен партнер.

Белградските анализи, пак, делуваат и натаму нејани околу тоа што сакаат за во иднина. Впечаток е дека повеќето сметаат дека политиката на “две столчиња” е она што на Србија (сега, а и за извесен период години) единствено и одговара. Проценката е дека таа, за разлика од нејзините соседи – републиките од поранешна ЈУ – но и другите, таа не може, а и нема сили да и сврти грб на Русија и кога би сакала.

Проевропските аналитичари, меѓутоа, предупредуваат дека во тој случај земјата ќе остане пред вратата на ЕУ, долго време, без разлика што има отворен процес на пристапни преговори и веќе отворено десетина поглавја. Едноставно, затоа што во Белград сите се согласуваат дека Србија не ќе може да го отвори и затвори поглавјето 31 за заедничка европска политика.

Иако практично преговара со ЕУ, Србија е една од ретките во Европа што не воведе и нема намера да воведе санкции против Русија, за Крим и за Украина, а се има дистанцирано себе си од низа одлуки на ЕУ и на Европскиот Парламент кога станува збор за Русија и нејзините потези на меѓународната и на внатрешната сцена.

А без тоа, секако, Србија никако не би можела да биде дел од ЕУ.

ЕУ против специјални врски

Особено кога Владимир Путин го обвинува Западот, а пред се, САД дека (наводно) го дестабилизираат Балканот со тоа што сакаат да доминираат на него, а тоа за Москва значи таа да биде истисната од таму, илустрирајќи го таквото обвинување со “привлекувањето на Црна Гора во НАТО и со доведувањето на Македонија во западната воена алијанса”.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, велат, му ја пеел “Каљинка” на Путин, а овој само него го има загрлено при поздравувањето на пречекот во Белград. Шефот на делегацијата на ЕУ во Белград, меѓутоа, 48 часови по српско-руската дружба, потсетил на обврските што Србија ги има преземено.

Сем Фабрици за еден белградски весник рекол дека очекува Србија “да развива односи со Русија како и со секоја друга земја која не е членка на ЕУ, што треба да биде во склад со српските европски цели”. Тоа преведено на недипломатски јазник значи дека не може да се седи на две столчиња и да има “специјални односи” со Русија и да се зборува за определеност кон ЕУ.

Шефот на мисијата на ЕУ, Фабрици притоа, потсетил дека Вучиќ и премиерот Ана Брнабиќ, пред посетата на Путин, му “ја потврдиле недвосмислената посветеност на Србија да го продолжи патот за пристапување кон ЕУ”.

(С.С.Г)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе