Предупредување од Лондондери
Експлозија пред зградата на судот во Лондондери , доцна во ноќта, во саботата на 19 јануари, ги вознемири жителите на овој град, на крајниот запад од Северна Ирска и покрена низа прашања во покраината и во Велика Британија. Експлодира автомобил- бомба која освен што целосно го уништило возило, нема предизвикано друга штета, а нема ниту загинати или повредени лица. Останува ( засега) без одговор прашањето – кој стои зад оваа диверзија и со каква цел таа е изведена.
Северноирската полиција веднаш има покренато опсежна истрага , а безбедносните сили тргнаа да испитаат дали станува збор за терористички напад во кој ( за среќа ?) нема потешки последици, па се доби впечаток дека експлозијата во центарот на Лондондери ќе остане регистрирана само како изолиран инцидент, какви повремено има во покраината, по мировната спогодба од Велики Петок од април 1998 година. Но , два дена подоцна, на 21 јануари, властите прогласија безбедносна тревога во градот, откако означија како сомнителни, низа паркирани , или напуштени авомобили по градските улици и паркиралишта. Веднаш побараа од граѓаните да не им приоѓаат на возилата кои подолго стојат неупотребени . Во еден автомобил беше откриен и експлозив , па тој беше уништен со контролирана експлозија.
Во стилот на ИРА
Тревогата на безбедносните власти покажа дека тие се сомневаат оти експлозијата пред судот, сепак, е акт на тероризам, а дека зад диверзијата со автомобилот- бомба се наоѓа некоја од одметнатите паравоени групи на некогашната ИРА ( Ирската републиканска армија). Специјалност на оваа милитантна организација на ирските католици- републиканци беше тероризмот, со користење на автомобили наполнети со експлозив. Во најголемиот досега изведен напад, во август 1998 година, во градчето Ома, со автомобил-бомба оставен паркиран подолго време во главната улица, беа убиени 29 негови жители. За нападот беа обвинети приврзеници на т.н. „ Вистинска“ ИРА, но и по повеќе од 20 години , никој досега не е изведен на судење и никој не е осуден за смрта на толку многу невини цивили.
Кога станува збор за последниот бомбашки инцидент, од пред зградата на судот во Лондондери, властите велат дека , барем од безбедносен аспект, не треба да се создава страв или паника, но познавачите на состојбите во покраината сметаат дека би било неодговорно доколку преку ова се помине без подлабока анализа – зошто експлозијата се случи токму сега и зошто во овој град.
Лондондери важи за најкатолички град во Северна Ирска, заедно со главниот град на покраината, Белфаст, затоа што во него има најбројна заедница на северноирски католици. Во минатото, во времето на тридецениските судирања на припадниците на двете верски заедници, градот што католиците го викаат Дери, беше силно упориште на католиците- милитанти , со најголем број приврзеници на ИРА и за насилен отпор против британската „ окупација“. И сега, без разлика на драстично изменатата ситуација, католиците од овој град, посебно младите, се незадоволни од својот статус во северноирското општество , а не е мал бројот на оние кои сметаат дека Алстер ( Северна Ирска) треба „ да се врати кон матицата- кон Република Ирска“.
Страв од Брегзит
Експлозијата се случи во време на финиширањето на процесот за Брегзит и тоа во неговата најхаотична фаза, кога никој не знае како ќе се случи излегувањето на Британија од ЕУ. Со договор со Брисел, без никаков договор, дали излегувањето ќе се пролонгира, дали воопшто ќе има Брегзит, или пак ќе се оди на нов референдум. Северноирците , на референдумското изјаснување од јуни 2016 година, во големо мнозинство се изјаснија против напуштањето на ЕУ. Тоа беше сосема разбирливо, прво , затоа што Репблика Ирска, на југот од островот е во ЕУ и останува и како членка на еврозоната, а второ, затоа што историскиот договор од 1998 година е направен според принципите што сега се основата на Европската Унија- слободното движење на стоката и на лугето и работната сила. Излегувањето на Британија од ЕУ, значи дека и Северна Ирска ќе ја напушти Унијата, па единството на островот, што го донесе спогодбата од Велики петок, сега по две децении, ќе се укине, а Ирците од двете страни на островот, одново ќе бидат поделени.
Токму тоа прашање , за тоа каква да биде границата меѓу Републиката на југот и покраината на северот, по Брегзит е можеби најспорниот момент во преговарањето меѓу Брисел и Лондон, кое и сега прашање околу кое не може да се постигне консензус во британскиот Парламент. Ниту ЕУ, а нити Британија не сакаат „ тврда“ граница , што значи враќање на пграничната и на царинската контрола и обезбедување на граничната линија со британски војници, а тоа пак носи безбедносен ризик на островот. Но , „ меката“ граница или , практично, задржувањето на досегашната состојба на слободно минување од Северот кон Југот и обратно, создава проблеми за ЕУ. Тоа ќе биде единствената копнена гранична линија на Унијата и Британија , па разбирливо, во Брисел не сакаат таа да остане отворена, затоа што тогаш, преку неа ке има отворен пат за шверц на стока, но и на луге и неконтролиран наплив на мигранти. Двете преговарачки страни определија “бекстоп“ ( backstop) како привремено решение, во времето на транзицијата и до склучувањето на трговски догвор меѓу Лондон и Брисел, според кое северноирската територија би останала времено во европската слободна царинска унија, но не и остатокот на Британија.
Ирците против „ тврда“ граница
Таквото решене грубо го отфрлија тврдите брегзитери во британската влада и конзерватиците кои инаку заговараат излез без договор, со него не се согласуваат ни опозициските лабуристи ( кои не се грижат за ништо освен да падне владата, да има избори и тие да победат и да формираат влада), но против се и северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) која е многу блиска до британските конзервативци и заговара Брегзит.
Во една ваква замешана ситуација, излегува дека експлозијата во Лондондери е предупредување за политичарите во Лондон и за оние во Белфаст кои навиваат за Брегзит , а не прифакаат бекстоп. Градот каде се случи експлозијата , исто така, не е случајно избран, а уништениот автомобил, со очигледно мала доза експлозив, за да не се предизвика голема штета и да нема жртви , треба да прати порака за тоа што би можело да се случува ако излегувањето без договор создаде „ тврда“ граница на ирскиот остров. Границата е долга околу 550 км. на неа има над 250 обележани премини, но само еден , оној на автопатот меѓу Белфаст и Даблин е главен и уреден по меѓународните стандарди. Сепак, досега Ирците од двете страни минуваа слободно на низа локации, некои велат и по 40 пати во текот на денот, за наједноставни потреби, понекогаш дури и за пијачка во паб.
Уште пред референдумот од пред 2,5 години, поранешноте британски премиери Тони Блер и Џон Мејџор предупредуваа на заканата од растурање на спогодбата од Велики Петок и за опасноста да се обноват непријателствата во Северна Ирска, доколку Британија излезе од ЕУ. Некои тврди брегзитери во Лондон сега заговараат дека ако треба ќе се измени и наново ќе се состави мировната спогодба од пред 20 години, но поразумните стравуваат од криза во односите меѓу двете верски заедници што би ескалирала со насилство.
Европски аналитичари, затоа, сметаат дека експлозијата од Лондондери и Брегзит се поврзани. Особено што како извршител се споменува некаква „ Нова„ ИРА за која се тврди дека е активна во овој северноирски град. Така, меѓутоа, не мислат во Даунинг стрит 10 , каде се отфрла ваквата поврзаност. Министерот за Северна Ирска Карен Бредли изјави дека експлозијата и безбедносната тревога не се поврзани со процесот на Брегзит. Според неа, станува збор за истите оние луге кои од порано се занимаваат со „ вакви работи“ и дека експлозивот и целиот план биле замислени и поставени од порано.
(Д.Л.)
Допис од Лондон