Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Комунистичко “Oхи” на пријателството

BalkansCut/Bigstock.com

Комунистичко “Oхи” на пријателството

Во напливот на  десничарење, национализам и квази-патриотизам во грчката политичка јавност, поврзан со договорот од Преспа и посебно со  неговата ратификација во Парламентот на Грција, се огласи и крајнолевичарската Комунистичка партија (ККЕ). Идеолошката логика налага грчките комунисти да застанеа цврсто зад своите „чеда“ од Сириза, не само затоа што партијата на Алексис Ципрас претставува водечка сила на тамошната левица, туку е и владеачка партија во земја каде идеолошката поделба е силно изразено. Уште повеќе, настаните од поновата грчка историја и улогата на ККЕ во т.н. славо-македонско прашање, во годините по Втората светска војна, претпоставуваа  силна комунистичка подршка на еден меѓудржавен договор затоа што тој , за прв пат,  ги надминува старите грчко-македонски недоразбирања и недовербата, заговарајќи мир и пријателство, добрососедство и нова клима на целиот Балкан, но над се, затоа што го затвора токму тоа прашање.

Наместо  подршка и разбирање за еден ваков документ, грчките комунисти застанаа рамо до рамо со крајната десница и со националистичкиот блок против „Преспа“, против владата и премиерот Ципрас, против неговата Сириза, практично прифаќајки ги десничарските обвинувања за наводно предавство на грчката кауза и на грчките државни интереси. ККЕ која со децении наназад – уште во времето на поделена Европа и на студената војна, а и потоа по паѓањето на Берлинскиот ѕид – зборуваше за мир, разбирање и солидарност на Балканот, сега се определи против сопствените принципи  и го покажа своето вистинско лице- хипокризија и национализам.

Транспаренти на Акропол

Во Грција, во Македонија, на Балканот, национализмот од секогаш бил на цена, а посебно кај политичарите и политичките партии, затоа што секогаш може да повлече со себе заблудена маса луге , а притоа ништо да не се вложува и ветува , освен  продавањето историја и митови за лечење на колективните фрустрации. Во случајот на ККЕ  тоа тешко може да се прифати како објаснување и оправдување, затоа што, едноставно,  не и е потребно, онака како што им треба на еден Киријакос Мицотакис од Нова Демократија , или на Панос Каменос и неговата Анел партија. И со продавањето на национализмот и со негирањето на цел еден народ и неговата посебност, кој за Грција не е никаква безбедносна закана, партијата на комунистите ќе остане на маргините на грчката политичка сцена, освојувајќи гласови на изборите колку за да биде дел од пратеничкиот состав.

ККЕ , меѓутоа, не само што заигра на картата на националистите, туку изведе и претстава- испраќајќи свои активисти и приврзеници на атинскиот Акропол за да го истакнат знамето на комунизмот –  овојпат  против еден договор, за кој сите добронамерни во земјата и во Европа и САД е најдоброто нешто што им се случило на Балканот и на ЕУ. Покрај бројните црвени знамиња, приврзениците на партијата истакнаа и два големи транспаренти, на грчки и на англиски јазик. На едниот тие порачаа едно големо „ Охи“ ( Не, на македонски) на договорот Ципрас-Заев, на плановите на САД , НАТО и ЕУ и на иредентизмот и национализмот ( чиј не кажаа, но од вкупното однесување се мисли  само на македонскиот) . На другиот транспарент и тој двојазичен, порачаа едно „Не“ , што ќе рече „ Да “,  на македонски јазик  на „ пријателството и солидарноста и на заедничката борба“ ( во духот на нивните антиимперијалистички, пролетерски и интернационалистички пароли ) , неспоменувајќи дали тоа се однесува и за грчкиот и македонскиот народ. Тоа само го потврдува национализмот со кој е зафатена партијата , негирајќи  и понатаму еден цел народ, што инаку би требало да е спротивно на нивните идеолошки принципи.

Корисно и за двете страни

Инцидентот и демонстрацијата на лажниот патриотизам од Акропол се случија непосредно пред круцијалното гласање во Парламентот во Атина за ратификацијата на договорот од Преспа. Сега станува и појасно кому и зашто му беше потребно , по митинзи да се носи длабоко остарениот композитор и комунист Микис Теодоракис, чија музика ја сакаа и ја сакаат и Македонците, за да порача ( кому ?) дека „ Македонија е грчка“ и дека договорот што го направил Ципрас со Скопје е штетен и не треба да се прифати. Во таа кампања на ККЕ беше вовлечен дури и 96 годишниот Манолис Глезос, во Грција познат како последниот жив херој од Втората светска војна , чиј авторски текст во еден атински весник ( ако воопшто беше напишан од него) ги имаше во себе истите пораки кои се најдоа и на двата големи транспаренти . Во 1941 година, тој истиот Глезос, тогаш на 19 години,  има направено навистина херојски подвиг, кога се искачил на Акропол кој бил обезбедуван од германските окупаторски војници и го симнал од јарболот подигнатото нацистичко знаме, издигнувајќи  го грчкото.

Но, 78 години подоцна „ херојското“ искачување на ККЕ на Акропол беше искористено за да се бара поништување на едно добро дело на политичките лидери од двете соседни земји, што за Ципрас е „ историски исчекор“ ( за Грција и Македонија) , како и „ историски ден за Балканот“. Државата што досега , формално, се нарекуваше ФИРОМ , во ОН, ЕУ, НАТО, во Светска банка , во ЕБРД, во меѓународните организации , па и во Евровизија, ФИФА и УЕФА, на пример, сега официјално ќе се нарекува Република Северна Македонија ( Republic of North Macedonia , на англиски јазик, или Voria Makedonia, на грчки ) .  Таквиот дил не и наштетува , туку е полезен  за  самата Грција, зашто затвора едно мачно поглавје од нејзината понова историја и затоа што се зголемува нејзиниот углед и престиж  во регионални рамки. За Македонија , пак,  која прифати компромис – да додаде географска одредница на името на државата, но да го задржи својот национален идентитет, македонската националност и јазикот- македонски – конечно излегува од блокадата и од заканата да остане заробеник на балканските состојби и стратешките игри на големите.

Кому служи ККЕ ?

Според грчкиот професор Димитрис Христопулос , од атинскиот Универзитет Пантеион, кој инаку го подржува договорот Ципрас-Заев, сите  националисти не се од ист формат. Во изјава за британскиот Би-Би-Си, тој рекол дека оние кои заговараат дека „ Македонија е само грчка“ се тврди националисти, затоа што тоа што го зборуваат, не е точно ниту географски. Според неговото мислење , поголемиот број политичари и речиси целата тамошна опозиција, имаат проблем со грчкото признавање на националноста и јазикот, како македонски, а не како северномакедонски.

Таква позиција , очигледно, има и ККЕ. Прашање е зашто оваа партија почувствува потреба со својот став да се огласи дури од Акропол. Веројатно , не сакаше со тоа да направи споредба со дамнешниот потег на тогаш младиот Глезос, но пораките од транспарентите покажуваат и нешто друго. Ако се тргнат настрана паролите од времето на комунизмот во Европа, тука се и идеолошкиот антиамериканизам, спротивставувањето на НАТО, но и на ЕУ и нејзината стратегија за ширење ( сега) кон Западен Балкан, што е сосемо истоветно со позицијата на Русија.  Околу „ Преспа“ Русија го покажа своето вистинско лице, дестабилизирајќи ја Македонија и мешајќи се во внатрешните работи на Грција, со највалканите методи на тајната служба, со лажни информации, со ширење омраза и меѓунационални кавги и со подмитување луѓе за „ купување на нивните души“. Дали тоа значи дека ККЕ и  грчките комунисти кои до крај останаа најсоветската комунистичка партија во времето на поделена Европа и никогаш не прифатија ( а против се и сега) да се модернизираат, барем според теркот на некогашниот италијански евро-комунизам ,  и пред крајот на втората деценија од 21 век продолжуваат да и се лојални на Москва.

Непристрасни европски историчари, при истражувањето на годините по Вторатат светска војна во Грција и периодот на грчката граѓанска војна, тврдат дека судирот е последица на поствоениот конфликт на вооружените формации на комунистите ( Хелас) и на монархистите (ЕДА) кои иако сојузници во текот на војната против нацистите, се сукобија околу тоа дали земјата да стане комунистичка, или да остане монархија. Но , овие истражувања откриваат и советско мешање, односно дека токму тогашниот лидер на СССР Сталин, ги потикнал грчките комунисти на сила, со оружје да ја преземат контролата со земјата. Според овие извори ,  на Сталин тоа му требало за да го тестира Западот и тоа дали би интервенирал , за да ја спасува Грција, која по Јалта остана во западната зона на политичко и воено влијание. Затоа и им наложил на трите северни грчки соседки – Албанија, Југославија и Бугарија- на секаков начин  да им помагаат на грчките комунистички партизани, пред се, со оружје и отворајќи ги и своите граници за влегување и излегување на комунистичките борци.

„Балканска федерација“

Во тој период, кога борбените формации на Хелас се реорганизираат во Демократска армија на Грција (ДАГ) со цел во фронтовска битка да освојуваат и градови, на комунистите им се приклучуваат и припадници на заедницата на етничките Славомакедонци , на кои комунистите на тогашниот лидер Никос Захаријадис и командантот Маркос Вафијадис им ветуваат дека ќе им го признаат нивниот посебен, словенски (македонски)  идентитет . Тоа е времето кога комунистичките борци кои од Втората светска војна излегле силно вооружени и обучени како припадници на единиците на Хелас, имаат успеси во воените судирања со монархистите, посебно на северот од Грција. Работите се менуваат откако Сталин, во 1948 година, одлучи да се пресмета со Тито и со Југославија, исклучувајќи ја од семејството на комунистичките земји , обвинувајќи ја ревизионизам. Грчките комунисти, комунистичките партизани кои дотогаш беа обилно помагани од Југославија, застануваат на страната на Сталин, а против Тито, по што секнала и југословенската подршка за ДАГ.

Британскиот историчар Дејвид Бруер во својата книга „ Грција – деценија војување“  ( 1939-1949) , го обработува и времето на грчката граѓанска војна и на судирите на комунистите и монархистите за тоа кој ќе ја преземе власта. Во книгата, авторот го споменува состанокот на високи претставници на Албанија, Југославија и Бугарија, на Блед ( Словенија) во август 1947 година, на кој било договорено уште повеќе да се интензивира помошта  за грчките комунистички борци. Но историчарот Бруер открива дека во тајна клаузула од бледскиот состанок било договорено и создавање на „ Балканска федерација“ во која би била вклучена и грчка Македонија и грчка Тракија, која би ја добила Бугарија, за да излезе на Егејското Море. Авторот тврди дека кога подоцна се разбрало дека ККЕ била  зад една ваква федерација, што за сите другите во грчката политика , значи дека комунистите прифатиле отцепување на делови од грчката територија, за да им се дадат на соседите од северот, партијата забрзано ја губела подршката што ја имала во тие години.

Старо-нови заблуди

Игрите на грчките комунисти во кои биле вовлечени и Славомакедонците од северна Грција, ги направило припадниците на оваа етничка заедница да бидат означени како националисти и сепаратисти и на нив да се гледа како на непријатели на Грција. Захаријадис и Вафијадис побегнаа во Советскиот Сојуз,  по поразот во граѓанската војна, од каде се вратија во својата земја  по помирувањето што беше прогласено во седумдесетите години на 20 век. Грчката пропаганда и тврдите националисти уште од воените времиња, почнаа на секое истакнување на словенската, македонска национална посебност да гледаат како на „ предавство“ . Кога , пак,  од разни причини и побуди  ќе се покренеше прашањето за македонско малцинство во северна Грција, особено кога во Скопје се зборува дека тука е „ матицата“ на некаква „обединета“ држава,  што историски никогаш не се ни случило, на грчката страна на тоа се гледаше како на  иредентизам и како територијални претензии кон грчкиот дел од областа Македонија.

Ваквите работи и  последиците од граѓанската војна што се уште се чувствуваат на разни начини, сигурно, им  се позанати на лугето кои ја водат денешната ККЕ. Тие ниту сега немаат храброст да се соочат со минатото,  со нивните комунистички заблуди и со нивните грешки,  кога верувале дека некој друг ќе им помогне да ја преземат власта , па сега , преку транспаренти и после 70 години од крајот на граѓанската војна и поразот што го имаат доживеано,  се обидуваат да се оправдуваат, нудејќи национализам , обвинувајќи други за национализам и иредентизам, но се чини,  уште еднаш служејќи за туѓи интереси.

(С.С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе