Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сорос против кинескиот “Белт енд Роуд”

Photo https://www.flickr.com/photos/15237218@N00/5393262055 by Michael Wuertenberg / https://creativecommons.org/licenses/by/2.0/

Сорос против кинескиот “Белт енд Роуд”

Американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос на годинешниот настап на Светскиот економски форум во Давос, предупредил на заканата што доаѓа од Кина и од нејзиниот, како што рекол, тоталитарен режим, за отвореното општество, но и од кинескиот контроверзен инвестиционен план “Белт енд Роуд” (Belt and Road). Со овој план Пекинг плаќа за изградбата на патишта и патна мрежа, за изградба на железнички коридори и поморски врски, што го објаснува со потребата да се потикне трговијата со светот.

Но, Сорос тврди дека планот е дел од кинескиот долгорочен проект чија главна цел е промовирање на интересите на Кина, а не на државите каде спроведуваат ваквите инвестициски зафати. Она што, според американскиот милијардер е најзагрижувачко е тоа што “Белт енд Роуд” се реализира низ кинески заеми, а не преку грантови.

Сорос предупредил дека многу често, странските политичари и функционери во земјите каде се има вакви кинески проекти, се поткупуваат за да дадат согласност за влез на Кина во некои од инвестициските планови.

Сорос не е првиот кој предупредува на заканите од обемниот кинески проект “Белт енд Роуд” затоа што зад инвестициите од планот, не се крие само добивката и профитот, туку политичките интереси и стратегијата на Пекинг за влез на европскиот континент и во земјите на ЕУ.

За разлика од Русија која настапува политички, со цел да го растури единството на Унијата и нејзините стратешки цели, дестабилизирајќи држави, или региони, како и со финансиска подршка на крајната десница на европскиот континент и на популистите во политиката на ЕУ, Кина има поинаква тактика.

Таа во основа делува безопасно, а на земјите им нуди кредити со поволни услови, иако цените се обично повисоки, но зад инвестициите се крие, практично, истатата стратегија, како и онаа на Москва. Повеќемина европски политички лидери веке имаат укажувано на забрзаното инфилтрирање на Кинезите на тлото на ЕУ, а за тоа минатото лето има зборувано и германскиот канцелар Ангела Меркел.

Таа има предупредено дека Кина, последниве години, е особено активна користејќи ги внатрешните проблеми во Унијата. На тоа предупредила и во Давос, каде во својот говор на еден од организираните форуми, ја истакнала потребата од преземање мерки забрзано реформирање на ЕУ за да може да им се одговори на ваквите предизвици од надвор.

Балканот, а посебно регионот кој сега политички се означува како Западен Балкан, е една од европските локации каде се покренати низа инвестициски проекти, но за кои постојат основани сомнежи дека во нив има и корупција, затоа што се правени зделки со давање пари на локални политички лидери.

Во Македонија, на пример, тоа се откри со обелоденувањето на прислушуваните разговори во кои поранешниот премиер, сега осуденик- бегалец во Унгарија, разговара со свој министер по телефон околу тоа колку (пари) да им се побараат на Кинезите (на снимениот разговор тие се означени како “жолтите”).

Џорџ Сорос во Давос, меѓутоа, укажува и на кинеската закана од вештачката интелигенција и паметните машини ставени во функција на тоталитарната контрола во Кина.

“Оваа земја не е само авторитарен режим во светот, туку и најбогатиот, најсилниот и технолошки најнапредниот”

…рекол Сорос, забележувајќи дека тоа го прави кинескиот претседател Си Јингпинг “најопасниот противник на отвореното општество“, бидејќи властите можат да ја искористат најновата, напредна технологија со која веќе располагаат за уште поголема контрола врз своите граѓани.

Тој побарал од Вашингтон да ги блокира влезовите за кинеските технолошки компании, како што се “Хуавеи” и ЗТФ за кои Сорос во својот говор рекол дека претставуваат “неприфатлив безбедносен ризик за остатокот од светот“.

Сорос (88) е роден во Унгарија и е Евреин по потекло кој ги преживеал нацистичката окупација во Европа и нацизмот во неговата родна земја, со помош на лажни лични документи. Познат во светот стана по неговите шпекулативни потези на светските берзи, но тој е многу повеќе познат како филантроп и политички активист кои има потрошено милијарди долари свои пари за финансирање проекти за заштита на човековите права и за истакнување на вредностите на либералната демократија низ светот.

Поради тоа стана цел на нападите на крајнодесничарските групи, организации и партии, како и на авторитарните власти, пред се на европскиот континенет и на Балканот, на кои им пречи неговата подршка на либералните вредности во општеството.

(Д.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе