Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Каква е заканата од “Хуавеи”

Veja/BigStock.com

Каква е заканата од “Хуавеи”

Американските власти поднесоа кривични пријави против кинескиот технолошки гигант “Хуавеи” обвинувајќи го за банкарска измама, за кражба на технологија и за попречување на правдата.

Според Обвинителството на САД, две филијали на кинеската компанија, на американска територија, го измамиле банкарскиот свет за тоа дека работеле со Иран, откако Вашингтон ги обнови санкциите кон оваа земја, што посебно се остри кон иранскиот нафтен и банкарскиот сектор и финансиите. “Хуавеи” е обвинет и за грабеж на технологија од телеком компанијата “Т. Мобиле”.

Кинеската компанија, во посебно соопштение, ги отфрла сите обвинувања, тврдејќи дека нема сторено ништо нелегално и уверува дека спорот околу технологијата со “Т.Мобиле” веќе бил разрешен. “Хуавеи” ги отфрла и обвинувањата против нивниот финански директор Менг Ванжу, инаку ќерка на основачот на компанијата, која на 1 декември 2018 година беше уапсена на аеродромот во Ванкувер, во Канада.

Овој случај силно ги влоши канадско-кинеските односи, а сега се очекува дека обвинувањето во САД ќе предизвика натамошно влошување на и онака пореметените односи на Вашингтон и Пекинг, по избувнувањето на “трговската војна”.

“Случајот” со кинескиот гигант не од сега. Во почетокот на 2018 година компаниите “Веризон” и АТ&T соопштија дека нема да набавуваат телефони и опрема од “Хуавеи” тврдејќи дека тие се безбедносна закана. Веќе следниот месец, трите главни американски разузнавачки агенции, препорачаа повеќе да не се користи опрема од оваа кинеска компанија.

Во август минатата година, претседателот Доналд Трамп потпиша забрана вработените во американската администрација, како и оние вклучени со разни договори, да користат мобилни телефони на “Хуавеи”.

Безбедносна закана

Обележувањето на оваа компанија како “безбедносно опасна” не е само во САД, па во јули 2018 британската влада објави посебен протокол во кој се изнесуваат резерви кон телефоните и опремата на Кинезите.

Веднаш потоа, владата на Австралија забрани да се набавува технологија и опрема за австралиската 5G мрежа од “Хуавеи” и од другата кинеска компанија ЗТЕ. Есента, слична мерка донесе и новозеландската влада.

На почетокот од оваа година, американски разузнавачки и безбедносни експерти предупредија дека “на подолг рок Кина е поопасна и од Русија”. Официјален Пекинг, меѓутоа, бара од САД да се престане со како што се вели – “неразумната пресметка”со “Хуавеи”.

Компанијата е создадена во 1987 година од Рен Женгфен, син на учители во Шензен во југоисточна Кина. Во неговата службена биографија стои дека неговите родители биле затворени во логор во текот на кинеската Културна револуција, затоа што како млади биле симпатизери на Куоминтангот (националистичко движење на Чанг Кај Шек, кој по победата на комунистите во есента 1949 година побегна на Тајван).

Но синот Рен, сепак, бил примен во кинеската народна армија, иако велат дека не го примиле и во комунистичката партија. Малку необично за кинеските прилики во тоа време, му било дозволено брзо да напредува, па подоцна бил поставен за директор на Академијата за информациски инженеринг во кинеската армија и одговорен за телеком истражувања за потребите на војската.

На почетокот од осумдесетите години од 20 век, бил повикан во кинеската КП. Не се знае каква била неговата улога во партиските структури, но четири години по неговото излегување од армијата, ја создал компанијата “Хуавеи”. Нема податоци како можело, во тоа време да се формира компанија, уште и технолошка, кога Кина се уште се опоравуваше од Културната револуција и од внатрешните пресметки во комунистичката партија.

Познато е само дека почнала да работи со земски, класични телефони, по што уследил – како што биографите запишале – “извонредно брз растеж”, па во 1995 фирмата веќе имала продажба од 180 милиони долари, за да во 2000 година формирала свој развоен центар во Стокхолм, со 100 милиони долари од меѓународниот финансиски пазар.

Втора во светот

Во 2004 година бил произведен првиот мобилен телефон, а 14 години подоцна “Хуавеи” е вториот по големина производител во светот, зад јужнокорејскиот “Самсунг” а пред “Ејпл” кој падна на третата позиција. Кинеската компанија сега продава 10 отсто од сите “мобилки” во светот.

Експертите велат дека телефоните имаат извонреден квалитет, посебно нивната најнова серија, но тие нема да се појават на пазарот во САД, поради сомнежот дека кинеската држава е вклучена во раководењето на компанијата, како и дека таа била и останала поврзана со кинеската армија.

Раководството на компанијата, како и оние кои ја подржуваат, инсистираат дека “Хуавеи” се сомничи само поради врските на основачот Рен со кинеската војска. Настојуваат да ја одбранат, но и да ја рехабилитираат од ваквите обвинувања.

Независни истражувачи, сепак, се согласуваат дека кинеската народна армија останува значаен купувач на нејзините производи и што е уште позначајно – војската и сега и служи на компанијата како “патрон и партнер во развојот”, поради што аналитичарите на американската “РАНД корпорејшн” уверуваат дека не треба да се верува во демантите и во одбраната на “Хуавеи”.

Според сознанијата што аналитичарите ги имаат, за кинескиот гигант се знае дека продолжува да прима нарачки од војската на Кина, за да развива и унапредува најсовремена технологија. Во јануари 2018 година, има примено нарачка да работи на развојот на 5G мрежа со воени апликации, исклучиво за воени потреби. Станува збор за една програма за унапредување на технолошките капацитети на војската во која освен “Хуавеи” се вклучени и други фирми кои имаат обврска да работат и за армиските потреби.

Владино-партиска контрола

Безбедносни експерти од порано предупредуваа дека стравувањето од кинескиот гигант, не е без основа. Тие укажуваат на кинеските прописи, според кои државата има право да бара од домашните технолошки компании да и предаваат корисни информации и да и овозможат слободен пристап до комуникациите и технологијата што, на пример, “Хуавеи” ги поседува, но и оние кои ги продава низ светот.

Тие информации, владата и нејзините овластени служби, потоа, може да ги користат за разузнавачки операции, или пак за кибер напади, преку технологијата на оваа компанија.

Разузнавачки експерти објаснуваат дека на тој начин, преку мобилниот телефон на кинеската компанија, тамошните разузнавачки агенции може полесно и побезболно да се инфилтрираат.

Критичарите на “Хуавеи” и оние кои ја сметаат за “сомнителна” прифаќаат дека (барем јавно) засега, не се споменуваат откритија од ваков облик, но тие посочуваат дека компанијата упорно ги чува во тајност кои се нејзините први, десет најголеми акционери. Само тврди дека тоа не е кинеската влада, во што на Западот малкумина веруваат.

Претпоставката е дека малку е веројатно оти владата во Пекинг дигнала раце од една толку голема и сега веќе моќна компанија, во земја каква што е Кина. Особено што во оваа земја, целиот бизнис, посебно приватниот, е врзан со државата и со нејзините интереси. За “Хуавеи” уште се вели дека е постојано под силна контрола и на кинеската КП, која по стариот кинески обичај, ги определува насоките на државните стратешки цели – за неа и за другите компании, што тие се должни да ги спроведуваат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе