Поврзете се со нас

Skopje Global

САД за Гуаидо, а Русија за Мадуро

Свет

САД за Гуаидо, а Русија за Мадуро

Golden Brown/Bigstock.com

САД за Гуаидо, а Русија за Мадуро

Најмалку 40 лица се убиени , а стотици други се уапсени во судирите на демонстрантите со безбедносните сили и војската во Венецуела, во првите две недели откако претседателот Николас Мадуро , на 10 јануари го почна својот втор, едно по друго мандат како шеф на државата. Протестите избувнаа затоа што демократската опозиција и противниците на режимот не ги прифаќаат резултатите од претседателските избори , одржани пред крајот на минатаа година, на кои победи Мадуро. Меѓународни посматрачи, како и  јужноамериканската  и светската јавност ги оценија изборите како нефер и недемократски, затоа што власта ја блокираше опозицијата- со елиминирање на кандидатурите на опозициски лидери, недозволувајќи им тие воопшто да се кандидираат и со апсење и судење на другите.

Во таквата ситуација, Хуан Гуаидо, лидер на венецуелскиот Парламент , во кој мнозинтвото се уште го има опозицијата,  објави дека се прогласува за привремен претседател на земјата, неприфаќајќи го вториот мандат на Мадуро. Власта го оцени неговиот потег како повреда на Уставот и предизвикување хаос во државата, но Гуаидо тврди дека не направил ништо противуставно. Според неговото објаснување, по Уставот тој има право , како претседател на Парламентот, привремено да ја преземе контролата врз земјата, кога претседателот дејствува нелегитимно.

На работ од расцеп

САД , Велика Британија и низа други држави во светот одлучија да го признаваат Гуаидо како претеседател, а не Мадуро, а ЕУ му определи рок од осум денови да распише нови, демократски претседателски избори. Доколку тоа не го стори, во Брисел соопштија дека Унијата ќе го признава лидерот на Парламентот за шеф на државата Венецуела. Претседателот кој и досега ја имаше власта ( на тоа место тој е уште додека како потпретседател го заменувапе тешко заболениот, сега починат левичарски претседател Хуго Чавез) се закани дека нема да толерира двовластие во државата и побара од САД, кои ги обвинува дека стојат зад „ пучот“ да не дозволат Венецуела да се претвори во „ Виетнам во Латинска Америка). Другиот претседател, зад кого е опозицијата , тврди дека Мадуро и неговите имаат воспоставено диктатура, остро пресметувајќи се со политичките противници и применувајќи тортура.

Венецуела е на работ на целосен расцеп, сериозно заканувајќи се длабоката поделба и поларизација во општеството, да се претвори во судир со употреба на воена сила. Американските држави од т.н. Група Лима, во која покрај латиномариканските држави е и Канада, побараа венецуелската криза , колку и да е сложена, да се разреши низ дијалог и со мирни средства.

Мадуро како свои сојузници ги има крајно-левичарските држави и тамошните режими, предводени од Куба и Никарагва, која и самата има внатрешна криза, но на страната на власта во Каракас , застана Русија, а потоа и Турција. Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со Мадуро, додека турскиот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган , бранејќи ја позицијата на старо-новиот претседател, го нарекол Мадуро „ брат“.

Чекор до апсење

Какви совети му имаат дадено Путин и Ердоган кои и обајцата имаат проблеми со вистинската демократија, не е познато, но државниот обвинител на Венецуела, по налог на Врховниот суд , му забрани на Гуаидо да ја напушти земјата, блокирајќи му го имотот и неговите банкарски сметки. Ваквата мерка , се смета дека е само на чекор до апсењето на опозицискиот политичар. Како лидер на Парламентот тој има имунитет од апсење, но тоа може да биде тргнато, ако така одлучи највисокиот суд во државата, а тој , според тврдењето на опозицијата , е под контрола на Мадуро и на неговиот режим, како што е и се друго во оваа јужноамериканска земја.

Гуаидо уште претходно ја повика армијата и пред се нејзините челници, да му ја откажат довербата на Мадуро за , како што рекол – „ спасување на Венецуела“ –  но засега војската му останува лојална. Од Вашингтон во меѓувреме предупредија дека „ ќе има сериозни последици за оние кои би го повредиле Гуаидо“ , додека медиумите во САД и низ светот, открија дека ( како) случајно фоторепортерите го „ уловиле“ нотесот на советникот за  национална безбедност Џон Болтон, на кој јасно се гледа напишаната реченица – пет илјади војници ( американски) во Колумбија- земја сосед на Венецуела.

Не е познато ни тоа што значи, затоа што никој ништо не демантираше, но неколку годишната криза во оваа држава сега го достигна својот врв, сериозно заканувајќи  се да се претвори во регионална. Причините за нејзиното настанување се повеќеслојни, но тие почнаа откако некогашниот венецуелски капетан и еднаш пучист против локалната десница Чавез,  беше избран за претседател на државата.

Уништувачки популизам

Победата ја освои врз основите на своето левичарско политичко определување, но брзо покажа дека амбициите му се многу поголеми. Преку прокламираниот популизам тој брзо и лесно ги „ купи“ гласовите на најсиромашните слоеви на венецуелското, длабоко класно, поделено општество, па трошејќи без контрола за низа популистички мерки , за да се задоволи неговата гласачка маса, тој си обезбеди да победува секогаш кога ке има потреба и на тој начин го отвори патот да  може да владее без ограничен мандат и да изградува комунизам од кубански тип, по угледот на Фидел Кастро.

Чавез, како и неговиот  ученик Мадуро,  веруваа дека таквата „ техника“ за владеење може да се спроведува без поголеми бранувања, благодарејќи на нафтата со која располага земјата во изобилство. Но, наместо да биде богата,  расфрлањето со разните „ комунистички проекти“ и падот на цената на суровата нафта, предизвикаа Венецуела да остане  без пари. Така се случи, земјата со резерви нафта, поголеми од оние на Ирак , да нема пари за  да ги наполни продавниците со најосновите прехранбени производи и со секојдневните потреби на населението, за лекови и за плати на лугето кои веруваат во нивната левичарска пропаганда и им ги даваат гласовите на изборите. Кризата , сепак, трае предолго , лугето бегаат од земјата за да преживеат, или одат во соседна Колумбија за да се снабдат со основните потреби, гледајќи дека левичарскиот експеримент, измислен како и од сите популисти,  само за да може подолго да се остане на власт, предизвика Америка да стравува од она што може да се случи во Венецуела.

Николас Мадуро преку руски медиуми порача дека е подготвен да разговара со опозицијата, но отфрли секаква можност за нови претседателски избори. На домашната опозиција само и порача дека може да има избори- но само парламентарни, веројатно за да го ослободи Парламентот од своите политички противници.

(Д.А.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе