Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

ЕУ изморена од Брегзит

ilolab/Bigstock.com

ЕУ изморена од Брегзит

На помалку од два месеци до Брегзит, Британија се уште не знае како сака да излезе од ЕУ – без никаков договор со Унијата во која членува 45 години , или со правно уредена разделба , како што и долкува на најстарата европска демократија и како што тоа  Лондон го најавуваше, пред референдумот и по него.

Двеипол години траат британските политикански игри околу договорањето со Брисел за „ историскиот развод“ со Европа. Тие не престанаа  и откако во ноември беше постигнат договор меѓу владата на премиерот Тереза Меј и ЕУ, што 27-те земји- членки го прифатија , а кој во британскиот Парламент доживеа дебакла при обидот да се ратифицира . Политичката логика налагаше , после тоа да се одбере „ no deal” варијантата , која и онака е популарна меѓу екстремните англиски евроскептици од владеачката Конзервативна партија и тврдите брегзитери . Но кога сите страни меѓу поделените ториевци и „ изгубената “ лабуристичка опозиција , конечно, сфатија дека таа варијанта и носи хаос на Британија , во Парламентот во Лондон се определија – за повторно преговарање !?

Едноставно, топката и одговорноста ја префрлија врз ЕУ и Брисел, во нескриеното настојување – вината за неуспехот да им се припише на Европејците- со што сите политички страни во Британија би имале алиби пред своите гласачи за проблемите со кои Британците би се соочиле при евентуалниот „ развод“ без договор и „ тврд“ Брегзит. И додека Парламентот во Лондон „ славеше“ дека партиите постигнале консензус за да нема излегување од Унијате без договор, а британските весници тоа го означуваа како „ победа “ , од европскиот табор побрзо отколку што се очекуваше,  возвратија со сложно спротивставување на играта на лондонските политичари.

Англиска ароганција

Германскиот канцелар  Ангела Меркел во Давос, францускиот претседател Емануел Макрон на Кипар, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во Брисел, уште пред британското славење на „ победата“  јасно порачаа  дека не може одново да се преговара за Брегзит. ЕУ овојпат не ја крие својата измореност од Британија, од Британците и нивното излегување од Унијата, кое според впечатокот на европската страна ,  треба да биде уредено по британски терк, како тоа ним им одговара, па од „ разводот“ да излезат како победници кои уште и заработиле . Затоа и се чини дека членките на ЕУ се едногласни во своето спротивставување на политиканските игри во Лондон, како ретко кога досега.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск одново порача дека „ постигнатиот договор е најдоброто и единственото можно решение“ , додека главниот европски преговарач Мишел Барније предупреди оти „ стравува дека овие преговори би можеле да предизвикаат компромитација на иднината на ЕУ“. Сложни во критиките и во острината се и западноеврпските медиуми кои ја осудуваат, како што велат,  англиската ароганција во текот на целиот преговарачки процес и посебно сега , откако усвоениот договор излезе дека не им е по ќефот на десничарите и европскпетиците во британската владеачка партија , забележувајќи им притоа на тамошните политичари дека со своето однесување  , ги осрамотија Вестминстер како „ мајката на сите парламенти“ и осумвековната традиција на британската демократија.

Весниците од ЕУ потсетуваат дека  Британците самите се одлучија за Брегзит, несакајќи ги државјаните на ЕУ на својата територија,  ( посебно оние од Истокот на Европа) иако тие во огромен број таму се отидени да работат, притоа плаќаат данок и придонесуваат за развојот на Британија, рамноправо со сите другите. Британците, самите сакаа брз и правно уреден Брегзит, а сега го користат целиот процес по референдумот , за внатрепартиски цели.

Гневна европска реакција

Торивците водат своја „ граѓанска војна“ за да му обезбедат  ( велат) на екс шефот на дипломатијата Борис Џонсон да стане партиски лидер и премиер. Лабуристичката опозиција , предводена од левичарот Џереми Корбин , со едната нога се во ЕУ, а со другата сакаат да си обезбедат лабуристичка влада и пред крајот на политичката кариера, да му овозможат на својот лидер да биде британски премиер . Конзервативната, унионистичка ДУП од Северна Ирска, пак, се спротивставуваат на постигнатиот договор со ЕУ, продавајќи им на северноирските унионистички и протестантски гласачи патриотизам, во настојувањето да извлечат од владата во Лондон уште милијарди финансиска интервенција за покраината, за да може да останат прва партија во тој дел од Обединетото кралство.

Посебно гневни коментари има во холандските, италијанските и шпанските весници кои предупредуваат дека овие британски „ игри без граница“ може да завршат штетно за Британија. Весниците тврдат дека доколку се поништи постигнатиот договор, европските држави ќе побараат забрана за британско ловење риба во нивните територијални води, преиспитување на квотите во аграрот, контрола на движењето на британските граѓани, а од Мадрид се предупредува дека  Шпанија ќе го отвори прашањето на Гибралтар и неговиот суверенитет, доколку Британија сака да си замине без да се спогоди со другите во ЕУ.

Брегзит кој почна поради , наводно, енормниот наплив од Европејци на британската територија, за да ги уживаат благодетите на тамошниот социјален систем, како и за „ ослободување “ на британскиот правен систем кој , божем, бил  „ заробен“ од европскиот, сега се врти околу гранцата на островот Ирска, која ќе биде единствената копнена граница меѓу ЕУ и Обединетото кралство.

Што со backstop

Никој не сака да се постави цврста граница и ( повторно) да има физичко разделување на Северна и Република Ирска, најмногу , за да не се поткопа историскиот мировен договор од Велики петок во 1998 година. Тоа не го сака ниту ЕУ, па затоа во постигнатиот договор постои клаузулата за BACKSTOP. Со неа,  Северна Ирска , а и Британија , би останале уште извесен период, во царинската унија на ЕУ,  за да во тоа меѓувреме нема рампи, царинска контрола и царини на Островот. На ЕУ бекстоп и е важно и како обезбедување за неа, за да преку таа граница , илегално во Унијата не навлегуваат  стоки и луге и се што не треба. Но,  токму околу тоа во Лондон имаше и има најголемо несогласување, па сега од Тереза Меј се бара во Брисел да испреговара нова варијанта за ирската граница . Освен во Брисел и  владата во Даблин инсистира ништо повеќе да не се менува,  обвинувајќи го Лондон дека не може до недоглед да се бараат постојано нови работи, за да се задоволи една британска партија ( ториевската).

Прашање е , меѓутоа,  што сега и како понатаму . Одговор, засега , нема. Барем го нема во јавноста. Британски дипломатски извори за „ Скопје/Глобал“ признаваат дека сепак,  забрзано се трага по одговор и по некакво решение. Со договор, или излез без него и натаму се опциите кои стојат пред двете страни. Сега се навестува и  можноста да се одложи Брегзит ( излегувањето) од ЕУ, наместо на 29 март, да биде за некој месец подоцна, додека се постигне решение што ќе биде прифатливо за Парламентот во Лондон, а тоа значи дека би можело да има , ако не преговори, а она барем преразгледување на договорот од ноември.

Шефот на британската дипломатија Џереми Хант, во изјава за Би-Би-Си не зборува за тоа, но за прв пат, споменува можност за поместување на Брегзит , доколку преговорите се уште траат. „ Технички е тешко  да се подготват сите работи, ако со преговорите навлеземе во март и ако разговорите се развлечат“ – рекол Хант. Ако е така, тогаш останува нејасно – доколку никој не попушти – како во следните три недели  да се задоволи условот- да нема цврста граница во Ирска- а во исто време , Британија да биде надвор од царинската унија на ЕУ, како што инсистираат десничарите кај конзервативците. Не е јасно ниту како тоа премиерот Меј , која пред две недели го бранеше договорот што таа го има постигнато како „ незаменлив и најдоброто за Британија“ сега да дојде во Брисел и да бара, за него одново да се преговара, затоа што „ договорот повеќе не е она најдоброто“ !?

„Молтхауз компромис“

Лондонските медиуми споменуваат некаков „ план Ц“ познат и како „ Молтхауз компромис“ според неговиот предлагач и посредник меѓу раскараните ториевци , пратеникот Кит Молтхауз. Главното од планот е – нови разговори околу „ ирската граница“ , иако е јасно дека тие не може да се водат без целината на ноемврискиот договор , што ЕУ  одбива да го направи. Суштината на „ Молтхауз компромисот“ е продолжување на периодот на транзицијата ( наместо крајот на 2020 , до декември 2021 година) , потоа  гарантирање на сите права на граѓаните на ЕУ во Британија, кои сега ги имаат , продолжање на британските уплати во европскиот буџет , како и  покорување на правилата на Унијата. Британија би останала на легалниот дел од веќе постигнатиот договор кој не би се менувал и во билатералната соработка околу безбедносните прашања, иако уплатите во буџетот на ЕУ, сепак, би биле ревидирани, колку за да се задоволат минималните меѓународни стандарди.

Очигледно е дека станува збор за очајнички обид на британската страна да се избегне „ развод“ без да се постигне договор со Брисел . Таквиот Брегзит, поради тешките последици,  повеќе не ги плаши само бизнисот и обичните Британци, туку сега и политичарите, бидејќи доколку  тоа би се случило, ризикуваат гневните гласачи- како и да се определиле на референдумот во јуни 2016 година- да ги казнат на првите следни избори за кризата која би настанала. Останува уште да се види конечниот одговор на ЕУ.

(Д.Л.)

Допис од Лондон

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе