Поврзете се со нас

Skopje Global

ПМ 2,5 штетни и во „безбедните“ граници

Здравје

ПМ 2,5 штетни и во „безбедните“ граници

Sushytska/Bigstock.com

ПМ 2,5 штетни и во „безбедните“ граници

Научниците во светот  доаѓаат до показатели дека не постои безбедно ниво на изложеност на загаден воздух. Многу здравствени проблеми, меѓу кои астма, алергии, когнитивни нарушувања, застој во развојот или предвремено породување се сметаат за подмолни но трајни последици од загадениот воздух. Таквите здравствени состојби можат да придонесат и за скратување на животниот век, а во некои случаи и до нагла смрт. Земјите, вклучувајќи ги и САД, се служат со стандарди за квалитетот на воздухот, како појдовна точка во напорите да спречат сериозни отстапувања и здравствени последици. Но најновите научни истражувања покажуваат дека некаде и пониски дози од дозволените, од отровните честички присутни во воздухот, предизвикуваат тешки последици. Односно не секогаш воздухот кој се смета за „безбеден“ според националните ограничувања, е навистина таков.

Една од научните студии, објавена на 26 декември во Journal of the American Medical Association (JAMA), укажува дека меѓу Американците кои во текот на летните месеци дишеле воздух кој не ги надминувал одобрените национални стандарди за загаденост, сепак имало пораст на предвремените смртни случаи. За потребите на студијата биле анализирани 22 милиони смртни случаи, регистрирани во податоците на  Medicare, на лица постари од 65 години, во период од 13 години, од 2000 до 2012 година. Во анализата биле  земени предвид и податоците за степенот на загаденост на воздухот од Агенцијата за заштита на животната средина на САД, како и други извори на загадување, сите обработени на таков начин за да гопокажат најблиското можно ниво на концентрации на штетни честички во воздухот, на простор од „ 1 км × 1 км во континенталните делови на САД, вклучувајќи и локации без бази за мониторинг.“

Поголемо загадување, поголема смртност

“Утврдивме дека стапката на морталитет се зголемува речиси линеарно со зголемувањето на загаденоста на воздухот”, вели Франческа Доминичи, професор по биостатистика во одделот за јавно здравје на Харвард и еден од авторите на трудот. Иако студијата се фокусира на САД, нејзиниот основен заклучок во голема мера се однесува и на други места, односно сугерира дека тоа што според националните гранични вредности се смета за “безбедно” ниво на изложеност на штетни материи, всушност е далеку од безбедно. “Нивото на загадување на воздухот, без разлика колку е ниско, е штетно за здравјето на луѓето”, вели Доминичи.

Во САД, загадувањето на воздухот се смета дека на различен начин влијае врз одделни демографски групи. Истражувачите утврдиле дека луѓето со ниски примања имаат за 225 насто повисок ризик од смртност при изложеност на воздух дури и со малку покачени вредности за присуство на PM2.5 честички, во споредба со побогатите. Поради тоа оваа категорија луѓе здравствениот систем го смета за помалку подобни за лечење. Генерално, ризикот од смрт кај жените бил повисок за 25 насто отколку кај мажите, и покрај еднаквата изложеност на загаден воздух. Истражувачите шпекулираат дека “сиромаштијата, нездравиот начин на живот, слабиот пристап до здравствена заштита и други фактори може да ги направат некои демографски подгрупи поподложни на последиците од загаден воздух”, иако студијата ги нема детално истражено причините за овие разлики.

Во САД, изложеноста на многу малите честички во воздухот, познати како PM2.5,  според Американската агенција за заштита на животната средина и пропишаните национални стандарди за квалитет на амбиентниот воздух,  се смета за безбедна доколку човек дневно дише во просек 12 микрограми на кубен метар воздух (μg / m3 ) или помалку, во период од една година. На краток рок, пак, за безбедно се смета доколку дневното ниво на PM2.5 честички не надминува 35 μg / m3. Со други зборови, неколку дена со повисоки вредности на PM2.5 е прифатливо.

Но, истражувачите од Харвард во својата судија откриле дека со секои 10 μg/m3 пораст на дневната експонираност на PM2.5 ( и натаму во рамките на дозволената  граница од 35 μg/ m3) во текот на едно лето, дневната стапка на смртност кај возрасните лица, над 65 години и постари, се зголемува за нешто повеќе од 1 насто. Кога станува збор за озонот, дозволеното ниво на изложеност во САД е 70 делови на милијарда во осумчасовен период, но истражувачите откриле дека секое зголемување на дневната доза озон во летните месеци од 1 ппб (повторно, на ниво кое е под границата од 70 ппб) го зголемува ризикот од смрт за 0,5 насто.

Опасни честички и во „безбедните“ граници

Можеби ваквите зголемувања изгледаат мали, но гледано на долг рок секое покачување од 1 μg/m3 на PM2.5 честичките во воздухот, во текот на едно лето, значи нови 550 прерани смртни случаи од вкупното население на САД. Кога станува збор за озонот, секој 1 милијардити дел повеќе од дневно дозволените количества, во текот на едно лето, доведува до 250 дополнителни смртни случаи годишно.
Научната студија сугерира дека повеќегодишната изложеност на загадување на воздухот, дури и кога се работи за „безбедни“ нивоа според американските здравствени власти, значително го зголемува бројот на предвремени  смртни случаи во земјата. Аналогно на тоа, истражувањето сугерира дека доколку нивото на PM2.5 честичките може да се намали за само 1 μg  на кубен метар, на национално ниво, тоа би помогнало да се спречат дури 12.000 предвремени смртни случаи годишно. Дополнителни 1900 животи би биле спасени доколку се намали нивото на озонот присутен во воздухот, и тоа за само 1 милијардити дел.

Стандардите за квалитет на воздухот во САД формално се ревидираат на секои пет години, а периодично се ажурираат. Последните гранични вредности за PM2.5 и озон се објавени во 2012 и 2015 година. Но истражувачите од Харвард велат дека при следното ревидирање официјалните претставници ќе ги имаат на ум наодите од нивната научна студија, затоа што дури и  кога се смета воздухот за „безбедно“ загаден последиците врз човековото здравје се многу сериозни.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе