Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Елизабета во „егзил“ ако има немири по Брегзит

Magdalena Strakova/Bigstock.com

Елизабета во „егзил“ ако има немири по Брегзит

Британската кралица Елизабета Втора, со членовите на најтесното кралско семејство ќе бидат евакуирани на „ безбедна локација“ доколку во случај на Брегзит без договор и неуредено напуштање на ЕУ , во Британија би избувнале немири кои би прераснале во „ пресметки меѓу  приврзениците за останување и оние кои се за заминување од Унијата“- пишуваат лондонските медиуми повикувајќи се на неидентификувани извори во британската влада.

Станува збор за планови кои се правени уште во времето на „ Студената војна“ но кои сега биле „ преадаптирани“ за актуелните состојби во Обединетото кралство , за една „ не дај боже ситуација“ на која британски безбедносни експерти гледаат како на нешто што би можело да се случи и за што владата би требало да биде подготвена.

Тврдите брегзитери сметаат дека ваквите мерки се „ претерани“ и за тоа ги обвинуваат проевропејците во Британија, за како што велат – „ застрашување на јавност“ а преку тоа и за вршење притисок врз оној дел од домашната политика кој инсистира за излегување од ЕУ „ по секоја цена и без договор“.

Еден од нив , десничарскиот пратеник на Конзервативната партија, Џејкоб Риз Мог изјавил дека праќањето на кралицата во некаков  безбедносен „ егзил“ е правење непотребна паника. Риз Мог кој заговара „ тврд “ Брегзит рекол дека кралското семејство не било евакуирано ниту во текот на Втората светска војна, па не гледа зашто тоа сега би се правело. Полициски експерти, меѓутоа, ги отфрлаат ваквите дисквалификации на владината претпазливост како неодговорност и како неразумност.

„ Доколку би дошло до внатрешни немири, сигурно дека кралицата ( и кралското семејство) би биле сместени на некоја побезбедна локација од Лондон“ – изјавил за медиумите еден од експертите.

Кралицата Елизабета која годинава ќе наполни 93 години, во своето традиционално обраќање минатиот месец им испрати порака на политичарите во земјата да се спогодат околу Брегзит, колку и да таа не се меша во политиката и во политичките состојби, на што ја обврзува британскиот Устав. Реакцијата на кралицата дојде откако Парламентот го одби макотрпно направениот договор на Брисел и Лондон за „ разводот“ на Британија со ЕУ. Премиерот Тереза Меј и после уверливиот пораз во тоа гласање, продолжи да инсистира да се спроведе Брегзит и тоа со некаков компромисен договор, за што, меѓутоа,  не може да постигне согласност , прво, во нејзината Конзервативна партија, врз која од поодамна нема никаква контрола.

Меј , сепак,  настојува Брегзит да има на 29 март, на полноќ, по средноевропско време, во некакви правни рамки, како што тоа е одамна замислено. Затоа најави дека во Парламентот ќе спроведе гласање за напуштање на ЕУ без договор. Тоа би се спровело на 14 февруари, доколку до 13 овој месец, не се постигне некаква согласност за „ алтернативно решение“ за ирската граница, наместо договорениот „ backstop” на што инсистира целата ЕУ.

Без разлика на критиките од страна на тврдите брегзитери за наводното создавање паника, владата од пред повеќе од шест месеци се подготвува со домашниот бизнис за ситуација  -Брегзит без договор – сугерирајќи да се создаваат залихи од храна и лекови и неопходни медицински помагала. Во ситуација на излез без договор, и на Британија и на ЕУ ке им треба време за да се надмине царинскиот застој и долгите и бавни контроли на границите,  па затоа се инсистира да постои  колку- толку уредена ситуација за полесно надминување на недостигот од најнеопходните производи.

Информацијата за засолнување на британската кралица, во случај на внатрешни немири, се појави по експлозијата на автомобил- бомба во Лондондери, во Северна Ирска, каде една недела подоцна беа застрелани две лица во досега неразјаснети околности. Одговорноста за бомбашкиот напад ја презеде некоја од отпадничките групи на паравоената ИРА. Припадниците на групата, во пораката испратена до локалниот весник во градот, најавуваат дека ова би можело да биде само почеток и предупредуваат дека северноирците ( католици) треба да престанат да соработуваат со Британците и со нивните политики.

(Д.Л.)

Допис од Лондон

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе