Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ципрас во Анкара и Истанбул

vverve/Big.stock.com

Ципрас во Анкара и Истанбул

Грчкиот премиер Алексис Ципрас престојува во посета на Турција на средба и разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и со потпретседателот на државата. Ципрас ќе престојува во Анкара и во Истанбул, каде ке има средба со Вселенскиот патријарх, Вартоломеј.

Според медиумите во Атина, главна тема на разговорите меѓу политичките лидери на двете соседни земји ќе биде проблемот со миграцијата. Ципрас , претходно, ја пофали турската влада за нејзината одлука да задржи на турска територија околу четири милиони бегалци , пред се, оние од Сирија, но и од другите земји на Блискиот Исток кои преку Грција настојуваат да се префрлат во некоја од богатите и високо развиени земји од Средна и Западна Европа. Грција , пак, и понатаму ( заедно со Италија) остануваат како своевидни порти на патот кон ЕУ, држејќи кај себе значителен број бегалци и економски мигранти , од Азија и од земји од Африка , недозволувајќи тие да го продолжат патот преку „ балканската траса“ или преку „ јужната страна“ за влез во Унијата.

Втората главна тема, на дијалогот Ципрас- Ердоган се , безмалку вечните, територијални прашања меѓу двата соседа. Претпоставка е дека грчкиот премиер и турскиот претседател ќе го продолжат разговорот што во Атина, во 2017 година, го отвори Ердоган кога беше во грчкиот главен град. Во текот на првата посета на еден турски претседател на Грција, по 65 години, Ердоган го отвори прашањето на т.н. Лозански договор од 1923 година и потребата од негова „ ревизија“.

Со овој договор, освен што е извршена размена на население, дефинирана е граничната линија меѓу Грција и Турција по Првата светска војна, како и прашањето за споровите поврзани со суверенитетот во реонот на Егејското Море. Ердоган тогаш се заложи за „ ажурирање“ на овој договор , што веднаш предизвика остра реакција на официјална Атина, но реагираше и Бугарија која тогаш предупреди дека секоја ревизија на веќе зацртаните гранични линии претставува закана по безбедноста и мирот во поширокиот регион на Југоисточна Европа.

„Сакаме продолжување на тешкиот, но искрен дијалог ( со Турција) што го започнавме во 2017 година“ – рекол Ципрас во интервју за турската телевизија.

Многу е веројатно дека грчкиот премиер и турскиот претседател ќе разговараат и за ситуацијата со поделениот Кипар, кој уште од 1974 година е разделен на јужен ( грчки) и северен (турски) дел од островот. Во северниот дел што меѓународната зедница го третира како окупирана територија, Анкара создаде „ независна држава“ Северен Кипар која никој освен Турција ја нема признаено. Јужниот дел од островот, Република Кипар,  од мај 2004 година, е дел од ЕУ.

Обидите и со посредство на Обединетите нации да се постигне решение за повторното обединување на островот не успеаја, најмногу поради спротивставувањето на кипарските Грци. Алексис Ципрас пред патувањето во Турција се има сретнато и  со кипарскиот претседател. Владата во Никозија во меѓувреме,  го поздрави како историско постигнување , Преспанскиот договор и неговата ратификација и во двете земји.

Турската страна, засега, се знае само дека е лута на Атина поради , како што се вели во Анкара, одбивањето на Грција да ги испорача осумтемина турски војнци кои побегнаа на грчка територија по неуспешниот воен удар од јули 2016 година.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе