Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија на улици

NorthfotoBP/Bigstock.com

Србија на улици

Десета недела по ред, илјадници граѓани на Белград и на десетина градови во внатрешноста на Србија, како и во Војводина, па дури и во северниот дел од Косовска Митровица, излегуваат на улиците протестирајќи против актуелната власт во државата, владеачката Српска напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ.

Во исто време додека траат протестите на кои демонстрантите бараат оставка на Вучиќ,  опозициските партии, собрани во новоформираниот Сојуз за Србија, почнаа со бојкот на работата на српскиот Парламент, изразувајќи недоверба кон владата, но и продлабочувајќи ја политичката криза во земјата.

Критичарите тврдат дека целата ситуација во Србија е максимално искомпликувана и за тоа ја обвинуваат власта. Премиер на земјата е Ана Брнабиќ, но спротивно на Уставот, целата власт, вклучувајќи и многу овластувања и работи во доменот на премиерот сега се во рацете на претседателот на државата, иако неговата функција би требало , главно, да биде протоколарна, како што е тоа во сите земји од Балканот и во цела Европа, освен во Франција, каде функционира претседателски систем.

Игри и пазарења

Србија има отворено дури дваесетина поглавја во преговорите со ЕУ за влез во Унијата, но ниту едно нема затворено. Белград тврди дека е цврсто определен на европскиот курс, но и натаму сака да води некаква „ неутрална надворешна и безбедносна политика“ имајќи ја Русија за свој стратешки партнер. Токму преку Србија , Москва се има сместено во регионот на Западен Балкан, мешајќи се во земјите од српското соседство и блокирајќи решение за Косово.

Официјален Белград тврди дека сака  затворање на косовското прашање, но во истовреме ( по совет, или налог) на Русија, се уште зборува за почитување на резолуцијата на ОН за Косово, каде оваа , сега независна држава, се води како автономен дел од српската териториј. Заедно со Москва, работи за блокирање на обидите на власта во Приштина за меѓународна афирмација на Косово, на што владата во Приштина одговори со воведување  екстра такси за внесените српски ( и босанско-херцеговски) производи, што српската страна го искористи за да одбива обнова на дијалогот со косовските Албанци на кој инсистираат ЕУ и САД.

Аналитичарите во Србија сметаат дека иако зборува за решение, на косовскиот чвор, Вучиќ знае дека тоа може да го урниса неговиот сегашен  (висок ) рејтинг во домашната јавност, а пред се, во онаа која се означува како националистичка и русофилска. Лугето кои излегуваат на улиците, пак , обвинуваат дека нивната земја е под контролата на само една партија  (владеачката) и во рацете на еден човек –  претседателот Вучиќ , што , според нив,  придонесува Србија да се претвора во авторитарна држава.

Во исто време, опозицијата чија најголема болка е нејзината разединетост и меѓусебната недоверба, обвинува дека власта прави се што може за да ја изолира секоја критика на опозицијата, а партиите од тој блок да ги маргинализира. Според  лидерите на опозицијата, тие се постојано изложени на јавна дисквалификација и на закани, а не ретко и на директни физички напади. Најтешка, сепак, се смета дека е состојбата со медиумите и со медиумските слободи. Весниците и телевизиите сите, освен во исклучителни случи, се под контролата на власта и им служат на интересите на владеачката СНС- најчесто за пресметка со опозициските политичари.

„Еден од пет милиони“

„ Улицата“ ја означува власта  како „ арогантна“ и се истакнува една изјава на Вучиќ, дадена уште на почетокот од уличните протести, во која тој им порача на демонстрантите дека може да се соберат и пет милиони, но тој, сепак,  нема да исполни ниту едно нивно барање. Од тогаш, на челото на секоја демонстрација се носи транспарент на кој пишува – еден од пет милони. Претседателот на сличен начин реагираше и на бојкот на опозицијата на работата на Парламентот, изјавувајќи дека „ ништо и никој нема да го натера да се сретне и да разговара со опозицијата“.

Во услови на ваква полтичка криза, власта почна да зборува дека се испитува можноста за ( уште едни) предвремени избори. Меѓутоа, сите во Србија  знаат дека тие ништо нема да променат во земјата, освен дека СНС и нивниот лидер Вучиќ , многу веројатно, би добиле уште еден мандат. Претседателот,  затоа се определи, наместо за организирање контра митинзи, самиот да тргне низ Србија, посетувајќи ги сите 29 околии во државата. Во секоја од нив се среќава само со приврзеници на неговата партија и со гласачи за неговата партија, каде добива силна подршка за политиката што ја води , па ваквото негово патување во јавност се толкува  како предизборна кампања за незакажани избори.

Опозициските партии , од своја страна, и во овој случај делуваат неподготвени и неединствени. Едни сметат дека треба да се прифати предизвикот на власта. Но, повеќето најавуваат бојкот, објаснувајќи дека изборите што би се одржале во сегашните политички услови и во сегашната ситуација на непостоењето медиумски и судски слободи, би претставувале  „самоубиство“ и дека на нив опозицијата би биле само „ топовско месо“ за власта. Истражување на белградската агенција „ Фактор-плус“ покажува дека СНС на српскиот претседател би освоила 54 отсто, додека Сојузот за Србија само 14 отсто од гласовите.

 

(Д.С.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе