Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп: Европа да си ги прибере “своите” џихадисти

bangkoker; ivicaNS; palinchak/BigStock.com

Трамп: Европа да си ги прибере “своите” џихадисти

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од европските сојузнички држави да ги земат назад џихадистите-припадници на Исламска држава (ИД) – кои сега се заробени во Сирија и потоа да им судат за она што имаат направено. Во изјавата ги повикува, пред се, Британија, Франција и Германија, но и другите во Европа, да си ги приберат џихадистите кои потекнуваат, или заминале на сирискиот фронт од нивната територија, за да војуваат со ИД, и да не одлагаат со ова. Трамп притоа и предупредил дека во спротивно Американците ќе мораат да ги ослободат од заробеништвото, по американското повлекување од Сирија.

“САД не сакаат да гледаат како џихадистите од сирискиот фронт се шетаат по земјите од ЕУ/Европа, каде се очекува тие да се упатат“

Доналд Трамп

Според него, калифатот е пред пропаст. Алтернативата за која станува збор не е добра, но САД ќе мора да ги пушти сите нив, кога американските војници ќе заминат од Сирија, по “стопостотната победа” над калифатот, па затоа треба да се преземат потребни мерки за да не се рашетаат низ европскиот континент.

Британските медиуми проценуваат дека станува збор за 800 џихадисти.

Стравување за сириските Курди

Барањето на Доналд Трамп, доаѓа откако американскиот потпретседател Мајк Пенс, веќе ги има повикано европските сојузници тие да ја преземат иницијативата во Сирија, по заминувањето на САД. Кога Вашингтон во декември соопшти дека ќе ги повлече своите две илјади војници од Сирија, објаснувајќи го тоа дека “непријателот е поразен“ предизвика бурна реакција со противење во САД, а потоа и во Европа, меѓу сојузничките држави.

Американски безбедносни експерти и воени стратези го означија таквото решение како избрзано и преурането. Нивната проценка беше дека Американците треба и натаму да останат на сирискиот фронт, затоа што ИД не е целосно поразена, бидејќи иако сега територијата што ја контролираат џихадистите е минимална, тие остануваат закана, затоа што не мал број од нив стојат прикриени, чекајќи да видат како ќе се развиваат работите во Сирија и околу неа.

Последица на гневната реакција на јавноста на одлуката на Белата куќа, беше американскиот секретар за одбрана Џим Матис кој демонстративно поднесе оставка, спротивставувајќи се на повлекувањето и предупредувајќи дека на тој начин се “остават на цедило сојузниците на САД“ во пресметката со џихадистите на ИД.

Станува збор, пред се, за проамериканските Сириски демократски сили (SDF) во кои доминираат сириските Курди, кои во меѓувреме и самите предупредија дека Исламска држава не е победена. Безбедносните проценки се дека курдските борци многу тешко, самите, без американската поддршка, би можеле да се справат со џихадистите, уште и конечно, да се пресметаат со нив.

Посебно се стравува дека Курдите во Сирија, би можело да станат главната жртва на навестената воена интервенција на Турција, за која во Анкара се вели дека би можела да отпочне секој момент. Турците за кои се верува дека треба да ги заменат Американците, тврдат дека тие би интервенирале за “конечна пресметка со терористите“ но за нив терористи не се само припадниците на ИД и на разни исламистички и фундаменталистички групи, туку и сириските курдски милиции, собрани во Курдската единица за народна заштита (YPG).

Властите во Анкара тврдат дека тие не се ништо друго, туку само “филијала“ на курдската сепаратистичка Работничка партија (ПКК) која неколку децении настојува да се избори за автономија во рамките на турската држава. Сириските Курди ги отфрлаат обвинувањата, но за турските власти, тие се “терористи“ како и оние од ПКК.

Загриженост на Европа

Користејќи ја настаната ситуација, се огласи и сирискиот претседател Башар ал Асад кој во обраќање преку државната телевизија во Дамаск ги повика домашните Курди и нивните вооружени групации да не чекаат спасување и заштита од Американците. “САД ќе ве остават, нема да ве заштитат, па затоа знајте дека нема кој друг да ве брани, освен вашата држава (Сирија)“ – порачал Асад, повикувајќи ги да се подготват да ја бранат својата земја, за да не се претворат во робови на Турција.

Медиумите тврдат дека сириските Курди исплашени дека би можеле да бидат “жртви на пазарлакот“ на САД и Турција, ги обновиле преговорите со Дамаск и со Русија за да го заштитат подрачјето во кое тие се мнозинското население.

Повлекувањето на САД од сирискиот фронт, за кое Трамп тврди дека ништо не може да го спречи, предизвика загриженост на европските земји, а пред се на оние кои важат за најголемите сојузници на Американците. Официјален Париз, како и Берлин на неколкупати предупредија на безбедносниот вакуум што би настанал без Американците, како и на тоа дека Москва, на крајот, ќе остане како големиот победник.

Одговорот од Вашингтон го соопштија Трамп и Пенс – барајќи од Европејците да преземат дел одговорноста и обврските во финишот на пресметката со калифатот на ИД, како и со прибирањето на џихадистите, кои од муслиманските заедници во земјите на ЕУ/Европа заминаа да се борат за фундаменталистичката кауза.

Случајот Бегум

Една од земјите која има “испратено“ најмногу џихадисти во Сирија, а пред тоа и на фронтот во Ирак, е Велика Британија. Иако целосно заробен со Брегзит, официјален Лондон сега се соочува со враќањето на борците на ИД, па тамошното контраразузнавање МИ5 веќе предупреди на “џихадистичкиот бран“ и на можноста од одмазднички акции на добро обучените исламисти на европското копно и посебно во Британија.

Во таквата атмосфера, медиумите го отворија случајот на Шамина Бегум (19) која како 15 годишна тинејџерка заминала со уште две свои другарки, од муслиманската заедница во Британија, преку Турција, на фронтот во Сирија, приклучувајќи им се на ИД. Таа е сега во заробенички камп, па преку лондонските медиуми побарала да се врати, како што вели дома, сега со своето новородено бебе.

Бегум која избегала како модерна млада девојка, сега сака да се врати изменета и целосно забрадена, уште самоуверено изјавувајќи дека Британците треба да сочувствуваат со неа, после се она што го има преживеано. За телевизија Скај рекла дека веднаш по приклучувањето на џихадистите, била омажена за еден од припадниците на ИД и дека родила две деца кои во меѓувреме починале.

Британската јавност е поделена околу тоа дали да и се дозволи враќање, но во изјава за лондонски “Тајмс” таа не покажува ниту малку каење, ниту пак жали за тоа што го има напуштено родителскиот дом за да стане припадничка на џихадистите од ИД. Во разговорот за весникот рекла дека во сирискиот град Рака (центарот на калифатот на ИД) се живеело сосема нормално. “Ќе паднеше по некоја бомба, но се друго беше само пропаганда“ – вели сега Бегум, студено признавајќи дека “воопшто не ја шокирала сликата на отсечената глава на непријателски борец, фрлена на ѓубриштето“.

(Д.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе