Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Расцеп меѓу британските лабуристи

c_73/BigStock.com

Расцеп меѓу британските лабуристи

Седуммина истакнати членови на британската Лабуристичка партија и пратеници, ја напуштија најголемата опозициска партија и одлучија во иднина да дејствуваат како независна пратеничка група.

Овие седуммина пратеници се огорчени и поради раширениот антисемитизам во редовите на партијата

Во изјавата за јавноста, својата (не)очекувана одлука седумтемина ја објаснуваат со несогласувањето со лидерот на партијата, левичарот Џереми Корбин околу тоа како да се дејствува во сегашната длабока политичка криза во Британија, предизвикана со хаосот во кој се наоѓа земјата поради Брегзит, немоќта на владата да обезбеди уредно и регулирано излегување од ЕУ, а кога станува збор за лабуристите, овие седуммина пратеници се огорчени и поради раширениот антисемитизам во редовите на партијата, за што како виновник го посочуваат Корбин.

Заминувањето на седумтемина лабуристи доаѓа само неколку денови откако британската полиција отвори формална истрага во врска со обвинувањата за антисемитизам, по неколкугодишните критики во домашната јавност, насочени кон целата партија, но и кон нејзиниот лидер. Во британската јавност тој е обвинуван дека не презема ништо за да не се валка угледот на сите лабуристи и дека со своето однесување само го поттикнува антисемитизмот меѓу партиското членство.

Кризата во главната опозициска партија доаѓа и на само пет недели до определениот датум за излегување на Британија во ЕУ, што се заедно, може и онака заплетканата политичка состојба во земјата, да ја направи уште покомпликувана

Седумтемина за нов референдум

Групата нема предводник за да може да се определат идните нејзини потези, но како најугледен меѓу седумтемина незадоволници се истакнува Чука Умуна, растечка политичка ѕвезда во лабуристичките редови. Тој во одреден период беше и член на лабуристичката влада во сенка, а некои медиуми го споменуваа и како потенцијален иден партиски лидер, прв од редовите на малцинските групи. Неговото приклучување на групата, затоа, се оценува како сериозна закана за Корбин и за неговото старомодно левичарење кое може да и наштети на партијата.

Она што ги обединува, а што изминатите недели Умуна дискретно го навестуваше е потребата од кризата околу Брегзит да се излезе со одлука за втор референдум. Неговото определување за ваквата опција ја објаснуваше со резултатите од најновите анкети, според кои лабуристичкото гласачко тело, како и дел од проевропските ториевци и британската јавност, се согласуваат со второ изјаснување на Британците. За една ваква опција се определија уште од порано и поранешниот лабуристички лидер и премиер Тони Блер, како и неговиот претходник, ториевецот Џон Мејџор.

Нивната заедничка заложба е дека ако веќе нема можност во Парламентот во Лондон да биде ратификуван договорот што премиерот Тереза Меј го постигна со ЕУ за Брегзит уште во ноември, а ниту една друга алтернатива што ја понудија пратениците групи не може да добие мнозинство, тогаш спас од целосната политичка блокада од Брегзит без договор со ЕУ, како и од хаосот во економијата и државата, може да биде само организирањето нов референдум. Без разлика дали тој ќе се однесува на новото изјаснување на гласачите за идниот статус на Британија во Европа, или за веќе постигнатиот договор за излез од Унијата.

Левичарењето на Корбин

Седумтемина сметаат дека Корбин не сака да прифати ваква опција која, инаку, би можела да и донесе успех на партијата на подолг рок, затоа што и самиот е дел од крајно-левичарско крило кај лабуристите. Тие продолжуваат да тврдат дека Брегзит требало да се спроведе затоа што така гласаа Британците, а меѓу нив се и лабуристичките гласачи од делови од Велс и од североисточна Англија.

Според Корбин, она што треба да направи владата е да се обезбеди уредено излегување од ЕУ, со договор со Брисел, без тврда граница на ирскиот остров и со гарантирани права за работниците, што наводно, сега низ политиката на глобализација што ја води ЕУ, тие ги немаат, или им се под постојана закана.

Во основата на корбиновата политика, меѓутоа, е политикантската игра на еден традиционален левичар, кој долго беше на маргините на партијата. Беше противник на новите лабуристи на Блер (и Гордон Браун) и заговорник за враќање на корените на оваа работничка партија, а сакаше да се изгласа Брегзит, зашто на идеолошка основа е против ЕУ.

Тој и натаму верува дека преку игрите што ги води со своите истомисленици ќе може да ги порази конзервативците, прикажувајќи ги како главни виновници за целиот хаос во земјата, за да тој би можел да стане премиер.

Со ваквата своја политика, меѓутоа, досега само им помагаше на конзервативците и на владата на Меј да останат на власт и покрај бројните порази во Парламентот и неуспешните варијанти за уреден Брегзит.

Групата може да стане и партија

Умуна затоа на своето прво обраќање пред домашната јавност појасни дека тој и другите, не можеле повеќе да се согласуваат со една ваква политика на нивната партија, која ја оценуваат како штетна и за лабуристите и за земјата. Седуммината, засега, ќе дејствуваат само како група, која е без лидер, но тој не ја отфрлил можноста од неа да се изроди и партија, особено откако повика да им се приклучат и други лабуристи.

„Ова е само нашиот прв чекор“ – изјави во Лондон, барајќи притоа и пратеници од другите партии да им се придружат за, како што објасни, заедничка изградба на една нова (британска) политика.

Засега не е јасно како натаму ќе се развиваат работите, но во опозициските редови расцепот е примен со одобрување. “Ова е добар знак дека нешто може да се постигне и работите да се поместат од сегашното место” – рече лидерот на Либералдемократската партија Винс Кејбл. Аналитичарите сега очекуваат до расцеп да дојде и во Конзервативната партија, каде крајната десница и тврдите брегзитери би се одделиле од ториевското јадро, но повеќето од нив сметаат дека седумтемина “бегалци” од лабуристичките редови, сепак, не ќе можат, да изменат ништо позначајно на британската политичка сцена.

Овој раскол потсетува на настаните од 1981 година, кога тогаш четворица угледни лабуристи и пратеници ја напуштија партијата (и тие) незадоволни од левичарењето на остарениот тогашен лидер Мајкл Фут и раководството околу него. Пред безмалку три децении – Рој Џенкинс, Дејвид Овен, Ширли Вилијамс и Бил Роџерс – беа нарекувани “четворочлената банда”, а тие во есента таа година веќе формираа нова партија – Социјалдемократска (СДП) – која се позиционираше политички во левиот центар. Привлекоа кај себе 28 други лабуристички пратеници, па дури и еден конзервативец, а на изборите во 1983 година, во коалиција со либералите, освоија 25 отсто од гласовите, а лабуристите на Фут доживеаја тежок пораз. Во 1988 година, СДП и Либералната партија, се договорија да се обединат во она што денес се британските либералдемократи.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе