Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Балканот – полигон за руските интереси

Фото: BalkansCat/BigStock.com & vverve/BigStock.com

Балканот – полигон за руските интереси

Едно време ќе се зборува за словенството и православието, наспроти “неверниците“ (османлиите), па потоа, за “реалниот социјализам“ и советскиот модел контра самоуправувањето и “титоизмот“ а сега ќе се подгреваат национализмот, патриотизмот и меѓунационалните тензии, но секогаш користено како орудие, измислено и создадено во различни времиња и во различни услови, за да се користи Балканот како полигон на државните интереси на Русија.

Тоа се случуваше во времето на царска Русија и нејзините империјални амбиции, тоа го имаше во времето на Советскиот Сојуз и комунизмот, како тоа Москва го имаше замислено, но се повторуваше и во годините на посткомунизмот и времето кога светот веруваше дека и во оваа голема земја може да дојде до вистинска демократска преобразба.

Тогашниот руски претседател Борис Елцин, се обиде во деведесеттите години на 20 век, да ја искористи европската неснаодливост со (не)очекуваниот пад на Берлинскиот ѕид, на “Железната завеса“ и на советскиот комунизам, со нудењето некаква христијанск0-словенска-православна варијанта за обединување на делови од Источна Европа, под водството на Русија, како некаква замена за пропаднатиот советски воено-политички блок, што на Москва ќе и овозможеше да остане на континентот и посебно на Балканот.

Тоа тогаш не помина, можеби и затоа што ниту Москва самата не знаеше на која страна ќе тргне државата, но и затоа што земјите кои се ослободуваа од советската превласт, не сакаа да избрзаат со определувањето, а посебно не, одново да се врзуваат за Русија. Особено што сите знаеја дека и во царско време и во времето на комунизмот, Москва редовно го користеше национализмот за да создаде криза и недоверба, што посебно добро и одеше на Балканот, за да се појави како “медијатор и смирувач“ иако всушност стануваше збор за политика преку која овој регион можеше да се контролира.

Признанието на Громико

Кога станува збор за Македонија, во минатото, преку Софија, или Белград, зависи кого користеше Русија во битката со Западот, Москва ги влечеше конците за сметка на македонските национални и политички интереси. Во времето на поделена Европа и комунизмот, беше користен бугарскиот национализам врз антимакедонска основа, за пресметка со Тито и со југословенскиот модел на социјализам, што за советската страна беше “ревизионизам“.

Долгогодишниот советски министер за надворешни работи, Андреј Громико, пред својата смрт има изјавено – секогаш кога Москва и Белград се караа, Софија добиваше налог да го покрене македонското прашање

Кога се распадна Југославија и Македонија стана целосно независна држава, се покрена уште едно “историско“ прашање – статусот на Македонската црква – која од 1967 година бара да го добие својот независен статус, посебно, сега кога и државата веќе не е дел од југословенската федерација. Руската црква се појави како “посредник“ но стана јасно дека таа ги брани само интересите на српската црква, заговарајќи враќање на МПЦ под јурисдикција на СПЦ и нудејќи само автономен статус. Така беше во времето на Југославија, така беше кога Елцин беше во Кремљ, а така е и сега со Владимир Путин како руски претседател. И порано и сега, Руската црква и Кремљ имале заеднички цели, а тоа секогаш биле руските политички интереси, посебно на балканскиот регион.

Не изненадува, затоа, што Москва ги приграби амбициите на поранешниот македонски премиер, сега осуденик и бегалец, да владее “султански“ со земјата, како сака и до кога сака, виде дека за поддршката што ќе му ја даде ќе може да ја земе Македонија (покрај Србија) во руската политичко-безбедносна зона. За возврат, лажниот патриот требаше да му сврти грб на Западот, да ги остави настрана одамна декларираните амбиции на државата за влез во НАТО и за членство во ЕУ, за добрососедство и за активна меѓународна политика, а не за изолација (како белоруската).

Тој можеше да прави пари од државата, да продава “патриотизам“ со преправање на историјата, со провоцирање на најблиските соседи, со менување на македонскиот словенски идентитет за лажниот грчко-антички, откажувајќи се од црковната независност и подметнувајќи и на сопствената држава знамиња и симболи кои таа никогаш ги немала.

Мешање во внатрешните работи

Русија за возврат, доби право да се меша во внатрешните работи на Македонија. Москва отворено се спротивстави на започнатиот процес за елиминирање на режимот кој државата ја претвори во приватно-партиска компанија, а врвот на власта во “семејство“ како она во Кремљ, во времето на Елцин и отворено помагаше на лидерот чии криминали, документирани со снимките од телефонските разговори што режимот наредил да се снимаат, за да знае кој како мисли и кој и колку е лојален, да остане на власт.

За да го одбрани, Москва се обиде да предизвика меѓунационални судир, со осуда и критики (!?) на овдешниот нов закон за јазици, наводно, загрижена за позицијата на македонскиот јазик, иако знаеше дека законот само легализира една одамна воспоставена состојба во државата.

Кога штитеникот, сепак, мораше да падне, Русија се нафрли врз новата власт – настојувајќи по секоја цена да ја дискредитира, понижи, дисквалификува и прикаже како идентична со претходната. Тоа продолжи и до денес, постојано удирајќи по актуелниот македонски премиер, сметајќи го за виновен што веднаш ја врати македонската политика на старите позиции – свртувајќи се кон Западот, каде земјата се има определена набргу по својата независност.

Преку договорот со Бугарија, а потоа и со договорот од Преспа со Грција, земјата, конечно, излезе од блокадите на патот кон евро-атлантските амбиции и за само 1,5 година Македонија, практично стана дел од Алијансата, има отворена врата за старт на преговорите со ЕУ и широко отворен влез за Европа.

Москва беше и останува против ваквата трансформација, изведена на мирен начин, со преговори и со компромиси, а сигурно е дека таа ќе продолжи да дејствува против македонските европски амбиции, само затоа што тие не се во склад со амбициите на Русија, затоа што ја оставаат да се потпира на Балканот само на Србија и делумно на Република Српска, во БиХ.

Тоа е сосема различно од првичниот руски план, да се има и Црна Гора за себе, најмногу за да се излезе на Јадранско Море – амбиција на Русија уште од дамнешните царски, империјални времиња. Црногорското свртување кон Запад, кон НАТО и ЕУ, наместо кон Истокот, ја натера Москва да се обиде дури да помага и пуч во Подгорица (октомври 2016), да дава пари за русофилската (српска) опозиција, за да се сменат работите, но откако Црна Гора стана и формално членка на Алијансата, Москва сега работи за дестабилизирањето на државата, со покренување на црногорско-српските тензии, меѓунационални расправии, или со дисквалификација на власта.

Косово – руски џокер

Според анализите на независни безбедносни и политички експерти, таквиот однос кон Црна Гора (како и кон Македонија) и се потребни на Русија, за да одржува тензии во регионот, затоа што останува за разрешување главниот проблем на Балканот – Косово и неговата независност, што Москва (засега) не го сака.

Рускиот аналитичар-балканист Максим Самориков, по повод јануарската посета на Путин на Белград, има изјавено дека косовското прашање и неговото решавање е…

“многу важен фактор за руското влијание на Балканот, па затоа и беше организирана оваа посета – да се формулира идната руска политика во регионот“

Овој експерт смета дека засега нема некаков напредок, но дека Косово е “главниот руски џокер“ во карташката игра на руско-српските односи. “Ако се реши косовското прашање, тогаш зошто во иднина, на Србија би и била потребна Русија“ – има изјавено Самориков кој смета дека во тој случај би останала енергетската компонента, но тоа сепак нема регионална тежина како Косово.

Она што според московските аналитичари во овој момент е познато, тоа е дека останува инсистирањето – Србија да не влегува во НАТО, јасно да се определи за енергетско врзување со Русија и секоја српска влада да ја има Москва како свој клучен партнер во надворешната политика. Ако е тоа така, тогаш останува да виси прашањето – што е со амбициите на Белград за ЕУ, каде не ке може да се влезе без да го затвори поглавјето 31, што ја определува заедничката (надворешна) политика на земјата – кандидат со онаа на ЕУ.

Москва саботира решение

Џуди Демпси од Карнеги центарот Европа, оценува дека Москва ја користи Србија за засилување на влијанието врз регионот, во исто време кога Русија и Путин го обвинуваат Западот и САД дека низ проширувањето на НАТО се дестабилизирал Западен Балкан. Според Демпси, Русија од секогаш работела на слабеење на НАТО и на трансатлантските врски. Кога станува збор за Србија, никогаш не се знае кон која страна ќе се сврти нејзиниот (актуелен) претседател, но во сегашната ситуација, многу е важно ЕУ задолжително да го измени својот курс кон Западен Балкан, кога веќе се дозволи регионот да стане арена за конфронтација на Истокот и Западот, како и терен на кој се спротивставуваат Русија и Кина.

Московскиот Карнеги центар, пак, како да има поинаков пристап кон руско-српските односи и нивната врзаност за косовската ситуација. Врз основа на анализата изнесена на нивната интернет страница, излегува дека Белград е приморан да има пријателски односи со Москва, затоа што констатацијата на Центарот е дека и покрај поддршката за Србија, руската страна, сепак, пасивно ги саботира настојувањата да се разреши косовскиот чвор.

Во таква ситуација, официјален Белград нема некој маневарски простор за да се ослободи од “руската поддршка“ па српскиот претседател продолжува (јавно) да го фали Путин, иако се обидувал од Кремљ да изнуди разбирање за признавање на косовската независност. Карнеги центарот, меѓутоа, проценува дека Косово, како независна држава на Балканот, би претставувало “удар врз угледот на Русија како голема сила и врз нејзиното влијание во регионот“, па затоа самата одржува тврда позиција, постојано повикувајќи се на резолуцијата на ОН 1244, каде Косово се третира како дел од Србија и бара од официјален Белград да се однесува бескомпромисно кон власта во Приштина.

“Вината”на српските политичари

Во ваквата слика на московскиот Центар не се вклопува она што се случуваше изминатите 18 месеци во кои се покажа дека во српско-косовската комуникација има простор за постигнување компромис. Тоа би значело прифаќање на независноста, во некој облик кој нема да ја натера Србија да објави признавање, а што на Косово нема да му попречува да добие меѓународна афирмација. За времето за правење компромис, неодамна јавно зборуваше и српскиот шеф на дипломатијата, порачувајќи дека без “откажување од нешто“ не може да се достигне европската цел. Иако тој само 24 часови подоцна се демантираше самиот себе си, се потврди дека Белград, сепак, е подготвен да исцрта и нова граница со Косово, за да трајно го разреши ова прашање.

Карнеги центарот- Москва смета дека тоа, во овој момент, тешко може да се покрене. Негови експерти веруваат дека Русија ја блокира сегашната “изразена спремност“ за некакво спогодување (во грчко-македонски стил) меѓу Белград и Приштина, но дека Косово со нерешена ситуација и треба на Москва за да може да се наметне во решавањето на стариот спор, тврдејќи дека Западот (ЕУ), самостојно, за тоа не е способен, па руската страна, за зафаќање со трајното решавање чека на знак од САД, а не од Србија.

Има поделени мислења околу тоа како Србија се најде “заробена“, а едното е дека тамошните политичари брзоплето имаат реагирано, свртувајќи се кон Истокот, кога Западот ја прифати независноста на Косово. Тоа ги обнови старите русофилски чувства во дел од српското општество и ги натера без малку сите локални политичари да се утркуваат кои е поголем патриот, без да размислат дека за обновената љубов (со Москва) ќе треба да се плати.

Сега работата е дојдена до таму што актуелниот српски политички врв мора да се прикажува како патриотски (не помалку од патриотизмот на кој повикува Москва, бранејќи ја својата тврда линија кон Приштина), а да изнајде и решение за проблемот без кој земјата, објективно, не може да напредува – претворајќи се дека е нејзино нешто врз што нема никаква контрола, а што потенцијално може да израсне во конфликт.

Повторување на историјата

Всушност, Белград се соочува со можноста да биде обвинет за “предавство“ од надвор (Русија) ако дојде до признавање на Косово, доколку во тој процес не би била вклучена и Москва, онака како што од таму одвреме, навреме стигнуваат прекори до Скопје. Тие таму тргнуваат од тоа дека било извршено “предавство“ на македонската кауза (така како што тоа го прикажува руското МНР), со историскиот договор со Грција и завршуваат со “ветувањето“ до новокомпонираните македонски русофили, до овдешните националисти и до дежурните критизери, кои се ставаат во руска функција, дека од таму ќе продолжиле да не ословуваат како Република Македонија.

Кога станува збор за Косово, проценката е дека руската страна не сака да подржи решение што нема да и донесе нешто корисно, а тоа е пред се, да го задржи своето влијание на Балканот што особено се засили по март 2014 година, кога руската армија вшета на Крим, а потоа го анектира полуостровот. Српскиот историчар Миливој Бешлин во интервју за една белградска телевизија има речено дека Москва, затоа, сака да се замрзне косовскиот конфликт, бидејќи тоа ја прави потребен играч за неговото решавање и важен партнер (на Западот) сега кога Русија е изложена на санкции за украинските случувања.

“За Русија е поважно, а и полесно овде, на Балканот, во Србија да има отворено, конфликтно прашање наместо на нејзините граници, во Украина или во Грузија“

…рекол овој историчар.

Тој уште смета дека се повторува историјата, па тврди дека Русија (уште еднаш) го користи овој регион само како “монета за поткусурување и како полигон за пресметката со другите големи сили“. Како пример за тоа Бешлин го користи Санстефанскиот договор од 1878 година, изработен од руската дипломатија, со кој е формирана „Голема Бугарија “ од Црно Море до Охрид и Јадранот, само за империјалните цели на Русија.

Една вазалска држава, каква требало да биде тогашна Бугарија, штотуку ослободена од отоманското ропство со помош на руската армија, требало да и овозможи на руската политика да го блокира Западот од тоа време и целосно да г0 тргне од Балканот. Таквата “голема бугарска држава“ остана само на хартија, неколку месеци, но потребата да се има “клучен партнер” или партнери во регионот, за свои потреби, во Москва и сега не се напушта.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе