Поврзете се со нас

Skopje Global

Нова војна за Кашмир

Свет

Нова војна за Кашмир

zanskar/BigStock.com

Нова војна за Кашмир

Последната недела од февруари измина во уште една опасна криза на индискиот потконтинент, меѓу Индија и Пакистан, околу регионот Кашмир, па во еден момент изгледаше дека светот ќе биде сведок на нова војна меѓу овие две земји. Нивните војски, стационирани во регионот разменија (а велат, продолжуваат да го прават тоа и понатаму) силен артилериски оган. Армиите во чии арсенали има и нуклеарно оружје, овој пат употребија и воени авиони, што се случува за прв пат по 1971 година, при што индиските сили загубија два, а пакистанските еден борбен авион, но впечаток е дека меѓународната заедница како премногу да не се возбудува од судирањата под Хималаите, без разлика што САД, ЕУ, Кина и Русија ги повикаа и двете страни да се воздржат од ескалација на кризата.

Објаснувањето, веројатно, треба да се бара во постојаноста на кризата и на индиско-пакистанските тензии во и околу Кашмир кои траат веќе 72 години, уште од времето на деколонизацијата, повлекувањето на Британија од индискиот потконтинент и создавањето на двете независни држави – хиндуистичката Индија и муслиманскиот Пакистан. Во текот на долгото британско владеење со целиот тој дел од Азија, кашмирскиот регион беше само периферен дел од империјата и за него никој не водеше сметка, а уште помалку се обидуваше да војува, но проблемите настанаа во 1947 година кога при поделбата на територијата на потконтинентот, двете нови, независни држави веднаш се раскараа кому да му припадне Кашмир.

Стари недоразбирања

Станува збор за доминантно муслимански регион, па затоа Пакистан веднаш има побарано тој целосно да се вклопи во оваа држава, уште повеќе, што по својата географска поставеност, во северо-западниот дел од некогашниот индиски потконтинент, регионот е повеќе поврзан со пакистанската територија. При конечната распределба, меѓутоа, Пакистан доби една третина, додека другите две третина и припаднаа на Индија. И од тој момент се создаде кризна ситуација, која трае до денес.

Пакистан и локалните муслимански групи кои најчесто се милитантни и насилнички, бараат Кашмир да биде целосно пакистански, објаснувајќи дека хиндуистичкото население кои го има во индискиот сектор, сепак, и таму е помалубројно од муслиманското. Индија, пак, одбива и да разговара за ова и тврди дека таа е страната што загубила со поделбата, бидејќи Кашмир од секогаш бил врзан за индиската целина во некогашната британска империја во Азија.

Во својот дел, владата во Њу Делхи создаде уште една индиска сојузна држава – Џаму и Кашмир на која и беше определена внатрешна автономија. При крајот на деведесетите години на 20 век, меѓутоа, избувна нова и сериозна криза, откако индиската влада одлучи да ја укине претходно доделената локална самоуправа, па со оваа сојузна држава почна самата да управува, директно од индискиот главен град. Тоа ги покрена и онака незадоволните муслимански групи на протести и на бунт, што пакистанската влада ги подржуваше. Индиската страна, ја обвини владата во Исламабад дека поттикнува сецесионизам, па во средината на 1999 година избувнаа двомесечни воени судири меѓу двете соседни држави – означени како дотогаш најголеми. Вооружените муслимански милитанти, помогнати од Пакистанците, тогаш успеаја да навлезат и да го заземат индискиот дел од Кашмир, но по интервенција на САД, тогашниот претседател Бил Клинтон успеа да го убеди Пакистан да се повлече и да се прогласи прекин на огнот. Беше уредена линија на раздвојување на двете војски, што денес, практично, е пакистанско- индиска граница која ја чуваат бројни вооружени сили од двете страни.

Индија ги обвинува исламистите

Од тогаш, не ретко има вооружени инциденти, проследени со меѓусебните обвинувања. Њу Делхи, меѓутоа, останува доследен на својата позиција и на тврдењето дека вината за постојаната криза лежи во муслиманските, милитантни и радикални групи кои преку терористички акции се обидуваат да ја приграбат целата територија на Кашмир, обвинувајќи ги пакистанските власти дека наместо да го елиминираат проблемот, ги подржуваат радикалите, помагајќи ги со оружје и пари и обезбедувајќи им засолниште и обука на пакистанската државна територија. Владата во Њу Делхи посебно ја обвинува исламистичката група ЏеМ (Џаис-е-Мохамед) која со повремени терористички напади го одржува децениското непријателство во подхималајскиот регион.

Токму припадниците на оваа исламистичка група беа повод и за сегашната криза, откако ЏеМ призна дека групата е одговорна за последниот терористички напад во Кашмир од пред две недели. Во самоубиствениот бомбашки напад врз индиските војници, беа убиени најмалку 40 припадници на армиските сили, а стотина други беа ранети. Властите во Њу Делхи најавија одмазда, па покрај обновениот артилериски оган, испратија воени авиони над пакистанскиот дел од поделениот регион, за да ги нападнат камповите на милитантните исламисти. Индиската страна тврди дека при тоа биле уништени логорите и биле убиени 300 терористи, но од Пакистан таквите изјави беа отфрлени. Од таму велат дека во “непредизвиканиот напад“ немало жртви, но затоа испратија свои авиони на индиската страна. Кога на 27 февруари Индија возврати со два други свои авиони, пакистанските сили ги соборија индиските “мигови“ и заробија еден пилот. Остана нејасно каде е вториот “соборен“ Миг-21 и посебно, што е со вториот пилот, што првично се споменуваа, но тоа веќе стана небитно, во ескалацијата на непријателствата и на воената пропаганда.

Трипати во војна

Во Исламабад ја обвинија Индија дека извршила воздушен напад врз “пакистанската територија“ и дека тамошните сили морале да реагираат. “Тоа (соборување на авионите) не беше никаква одмаздничка акција, туку само порака до другата страна дека ние (Пакистан) сме подготвени да реагираме“ – објаснил портпаролот на пакистанската војска. Од таму, меѓутоа, преку изјава на премиерот Имран Кан, на Индија и беше испратена порака за потребата од смирување на ситуацијата и за разговори околу сегашната криза и вкупните проблеми во односите.

“Ние не сакаме војна“ – изјави Кан во обраќањето пред пакистанската јавност, но од Њу Делхи, барем јавно, засега нема никаква реакција на ваквата порака. Од таму само се разбра дека индиските сили продолжиле со прогонувањето на исламистите во индискиот дел од Кашмир, како и дека земјата се подготвува за војна, па се тврди дека забрзано се градат дури 14 илјади бетонски засолништа за цивилите и дека се размислува за нивно евакуирање од “опасната зона“.

Двете земји досега на три пати имаат водено војни за Кашмир. Треба да му се верува на Имран Кан дека Пакистан не сака и четврта војна, особено откако до неа не дојде во 2002 година, кога вооружените исламисти од Кашмир го нападнаа Парламентот на Индија, а неколку години подоцна извршија напади врз Мумбај (Бомбај) главниот индиски финансиски центар, убивајќи стотина цивили. Сигурно е дека ниту индиската страна не би сакала да влезе во воен конфликт за еден стар спор, за кој двете страни знаат дека не може да се разреши онака како што и едните и другите би посакале – да го имаат Кашмир само за себе.

Сегашната ескалација, затоа, колку и да е се има разбирање за гневот на Њу Делхи по нападот и убиството на војниците, сепак, се оценува како непотребна и штетна по односите меѓу соседите и за регионот, па единственото објаснување непристрасните аналитичари го бараат само во претстојните парламентарни избори во Индија, во мај. Премиерот Наренда Моди и неговата националистичка Џаната партија се единствените кои може политички да профитираат од сегашната војна, или само од воената реторика за Кашмир- бранејќи ги границите, интересите и луѓето на Индија – како што тоа го има речено во едно негово емотивно обраќање, веднаш по извршениот терористички напад.

(И.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе