Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ќерката на портпаролот на Кремљ во Брисел

Дмитри Песков. Фото: Pics Factory/BigStock.com & Kremlin.ru

Ќерката на портпаролот на Кремљ во Брисел

Ќерката на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков работи во Европскиот Парламент, во канцеларијата на десничарскиот европарламентарец и француски политичар Емерик Шопрад, јавуваат западноевропските медиуми, покренувајќи притоа и мала безбедносна тревога во дел од институциите на ЕУ во Брисел.

Елисавета Пескова (21) студирала право во Франција, а сега работи како “специјализант” на обука во Парламентот на ЕУ и месечно добива по илјада евра, надоместок што вообичаено им се дава и на сите други млади кои се обучуваат во европските институции.

Не се открива како била избрана токму ќерката на долгогодишниот, влијателен и лојален советник на рускиот претседател Владимир Путин, таа да се вклучи во европарламентот и тоа во кабинетот на Шопрад, но се претпоставува дека за работата кај овој француски политичар, одлучила неговата блискост со Русија и истоветноста на неговите гледања со ставовите на Москва по низа политички прашања.

Шопрад е член на групата европратеници за соработка ЕУ-Русија. Во пролетта 2014 година престојувал на Крим, како странски посматрач за време на набрзина организираниот референдум на полуостровот, откако во март, пред пет години, беше заземен без борба од руските армиски сили, а потоа и бесправно анектиран. Референдумот требаше да и послужи на Москва за да ја легализира новата ситуација и одземањето на Крим од Украина.

Како тогаш, така и сега, тој не ја крие својата поддршка на руската анексија на полуостровот, иако таа е спротивна на меѓународното право.

“Мислам дека Крим, историски гледано е руска територија, па затоа и луѓето таму, така гласаа на референдумот“

Шопрад

Според неговото објаснување, ќерката на портпаролот на Путин, работи во неговата канцеларија од ноември 2018 година, како што рекол “само на обучување“ и тврди дека Пескова нема никаков пристап до било која доверлива информација. Европратеникот објаснил дека таа е далеку и од европските теми и дека е вклучена во програма за африканската земја Сенегал, па дека затоа “непотребно била подигната прашина“ околу Русинката. Тој уште рекол дека нема намера да ја отпушти од работа.

Портпаролот на Европскиот Парламент само потврдил дека Елисавета Пескова е дел од канцеларијата на еден од европските пратеници, но дека таа нема достапност до чувствителни документи на ЕУ. Од Москва реагирал и нејзиниот татко кој кусо рекол дека во Брисел таа е “само на специјализација “, а дека тоа нема никаква врска со неговата работа во Кремљ.

Во Брисел, меѓутоа, сите не мислат така, особено што медиумите потсетуваат дека Емерик Шопрад е поранешен советник за политички прашања на лидерот на францускиот крајно-десничарски Национален Фронт, Марин Ле Пен. Позната е нејзината блискост со рускиот претседател и се знае за средбите што таа ги имала со него. Западните весници многу пишуваа за тоа дека Ле Пен има добиено финансиска помош за партијата од Русија преку една од руските банки – (велат и за едни избори) – што е спротивно на француските и европските закони за непримање странски пари за изборни кампањи.

Во Европа не е тајна дека таа и Путин имаат мошне блиски гледања околу ЕУ. Едно време таа заговараше излез од Унијата, а Кремљ подолго време работи против единството на ЕУ, настојувајќи да ја ослаби од внатре, помагајќи ги материјално, крајно-десничарските, евроскептични партии во Унијата и поттикнувајќи го национализмот и популизмот. Ле Пен и нејзината партија, како и другите десничари и националисти во земјите од ЕУ, бараат од Брисел да се укинат санкциите кон Москва (за Крим и Украина) и да се обноват сега замрзнатите односи.

Шопрад, пак, уверува дека тој веќе не е со Ле Пен, откако уште во 2014 година, политички се разделил со лидерот на Националниот фронт, па дека сега во Европарламентот дејствува како партиски неврзан пратеник.

Случајот околу ќерката на советникот на Путин во Брисел, покрена тревога затоа што доаѓа две недели по откритието на германскиот весник “Ди Велт“. Повикувајќи се на сознанијата на ЕЕАС (Одделението за внатрешна безбедност на европските служби), весникот откри дека само во Брисел дејствуваат околу 200 руски и приближно 250 кинески разузнавачи од различен профил. Според “Ди Велт“, службата ги има предупредено европските дипломати да одбегнуваат посети на популарни ресторани и кафулиња кои се во близината на зградата на Европската комисија и на ЕЕАС. За разузнавачите се тврди дека работат во дипломатските мисии и трговските претставништва на Русија и на Кина.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе