Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нетанијаху “брка” мандат и бега од суд

palinchak/BigStock.com & vladek/BigStock.com

Нетанијаху “брка” мандат и бега од суд

Бенјамин Нетанијаху на почетокот од оваа година се најде во една за него необична ситуација – да мора да организира предвремени парламентарни избори и да се бори за да не ги загуби, а во исто време, пред правосудните власти во Израел, да докажува дека не е виновен за обвинувањата со кои се соочува.

Владата на премиерот Нетанијаху, предводена од десноцентристичката Ликуд во широка коалиција од неколку други партии, главно од крајната десница и од ортодоксниот еврејски религиозен блок, не можеше повеќе да опстојува, откако еден од коалиционите партнери одлучи да го напушти владиниот состав. Нетанијаху немаше друг избор, освен да повика на нови избори, што треба да се одржат на 9 април. На изборите тој ќе се обиде да обезбеди уште една победа за неговата партија Ликуд, што пак, нему би му овозможило да дојде до петтиот премиерски мандат.

“Вечниот Биби“ како што го нарекуваат неговите поддржувачи и луѓето од владејачката партија, е уверен дека ќе успее во тоа. Самоуверено им порачува на своите гласачи дека „уште долги години “ планира да ја предводи израелската влада.

Анкетите за расположението на израелската јавност покажуваат дека Нетанијаху, со неговата Ликуд и со партиите кои и досега беа во владината коалиција, можат заедно, одново да обезбедат мнозинство за да формираат влада.

„Биби“ на два фронта

Но, во текот на веќе започнатата предизборна кампања, овој пат, мора да се бори на два фронта – против силната опозиција на израелската левица и на центристичките партии кои ги предводат лидерот на Лабуристите Јаир Лапид и се популарниот лидер на новосоздадената Сино-бела партија на центарот Бени Ганц, како и против државниот обвинител Авихаи Меделблит.

Обвинителот го товари актуелниот премиер за корупција, измама и за злоупотреба на довербата. Тој јавно соопшти дека подготвува и формално обвинување против Нетанијаху и дека тоа многу бргу ќе биде обелоденето.

Тоа би било прв таков случај во израелската политичка историја, да биде подигнато обвинување против еден премиер додека тој се уште е на функцијата.

Според израелските закони, дури и да се случи тоа, нема правна основа да му се забрани на Нетанијаху да учествува во изборната трка, па неговата прва реакција беше во стилот на политичката борба и за потребите на кампањата за изборите, дека станува збор за “лов на вештерки“ и за “заговор“ против неговата партија, но дека целата таа “клеветничка кампања“ ќе пропадне и дека на крајот од неа нема ништо да остане.

Станува збор за типична реакција на секој политичар, посебно на некој на неговата позиција, кога по правило, осомничениот го дисквалификуваат правниот систем на земјата, прогласувајќи се себе си за невин, а целата постапка прикажувајќи ја како “политички обоена„.

Вакви “аргументи“ имаат одбрано за да се бранат премиери и претседатели на држави на разни земји, на сите континенти.

Случајот Олмерт

Пред десет години, поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, исто така беше обвинет за злоупотреба на службената должност и за земање поткуп при доделување локации за градба, некои уште додека бил градоначалник на Ерусалим. А на почетокот од неговиот случај и тој се бранеше со “политички мотиви за неговото обвинување“. Подоцна, поднесе оставка на премиерската функција, по силниот притисок во јавноста на тогашниот лидер на опозицијата – истиот овој Нетанијаху. Неговиот претходник, Олмерт беше формално обвинет, изведен на суд и осуден на затворска казна, која на крајот се сведе на 1,5 години.

Актуелната израелска опозиција, сега бара од “Биби“ да го следи однесувањето на неговиот претходник – да биде достоинствен околу потребата да поднесе оставка, како што тоа го бараше за Олмерт, пред и самиот да се соочи со обвинителството и со евентуалното судење. Тој ја отфрла таквата можност, па опозицијата, се одлучи да ја потсети домашната јавност и реагираше со објавување плакати на кои го потсетува на неговото однесување во 2009 година и на случајот со поранешниот премиер.

Како и да е, Нетанијаху продолжува со досегашната тактика за одбрана – тврдејќи дека сите обвинувања се само дел од предизборна кампања на опозицијата за негова дисквалификација како политичар и лидер на Ликуд. Израелските медиуми, сепак, открија дека неговите самоуверени настапи во јавност се само за изборни потреби, а дека во основа тој е за прв пат сериозно загрижен.

Токму затоа, одлучил да ја прекине неодамнешната посета на Русија и важните разговори што ги имаше со Владимир Путин, околу Сирија и вкупните блиско-источни состојби, откако дознал дека државниот обвинител најавил поднесување формално обвинување.

Подароци за медиумите

На страната на Нетанијаху се најде американскиот претседател Доналд Трамп кој во Вашингтон ја има истакнато неговата голема улога како израелски премиер. Неговиот изборен штаб го искористи тоа за да постави големи постери во Тел Авив и во Ерусалим на кои се гледаат тој и Трамп и изјавата на американскиот претседател дека “Нетанијаху е (политичар) од поинаква лига“.

На домашната политичка сцена, меѓутоа, работите се поинакви, бидејќи „вечниот Биби“ и несовладливиот лидер, овојпат за противник го има Ганц, а за овој доскорешен војник и од скоро политичар, тамошните весници пишуваат како за неговиот досега најсилен противник.

Ганц е поранешен главен командант на израелските армиски сили, популарен е во јавноста, а како политичар навестува дека доколку добие доверба од гласачите ќе ја “прочисти владината администрација“. За Нетанијаху вели дека треба да поднесе оставка како обвинет политичар, а не да учествува во изборна кампања, дека треба да покаже “барем малку одговорност“ и навестува дека тој под никакви услови не би учествувал во влада во која би бил и сегашниот премиер и лидер на Ликуд.

Весникот “Хаарец“ анализирајќи ја целата ситуација, има напишано дека Нетанијаху, за прв пат, покажува дека е под притисок, па затоа и реагира импулсивно и настојува да се расправа на јавната сцена. Испитувањето на рејтингот на секоја од партиите открива дека (прв пат по подолго време) една партија, онаа на Бени Ганц, е пред Ликуд.

Медиумите откриваат дека долгото, десетгодишно управување со владата, го има направено да биде арогантен, но и да уживаа да живее на “висока нога“ и во висок стил, што порано и се припишуваше само на неговата сопруга, што пак не е својствено за израелската политика и за тамошните политичари.

Во обвинувањето на државното обвинителство, Бенјамин Нетанијаху се товари за примање подароци од богати деловни луѓе, но и дека самиот им делел подароци на медиумите за да пишуваат добро за него, за да ја фалат и да ја подржуваат неговата политика и да ги истакнуваат неговите и владините успеси. Обвинителот Меделблит, затоа, во својата изјава го обвинува премиерот дека со своите постапки и “наштетил на сликата за државната администрација и на довербата што јавноста ја има кон неа“.

(И.Д. )

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе