Поврзете се со нас

Skopje Global

„Ариевската“ држава на Виктор Орбан

Европа/ЕУ

„Ариевската“ држава на Виктор Орбан

Katacarix/Bigstock.com

„Ариевската“ држава на Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој се повеќе се заглавува во својот судир со сите – со ЕУ, со Европската комисија во Брисел , со групата на Европските народни партии  и ,  пред се , со европските стандарди за вистинска демократија , на европските либерални вредности им испорача уште еден предизвик – неговиот контроверзен план за зголемување на наталитетот во Унгарија.

Системот мерки што ги предлага владата на владеачката , националистичка партија Фидес , на еден подолг рок би требало да го запре сегашното постојано намалување на населението во оваа средноевропска држава . Според последните статистички испитувања , во Унгарија живеат околу 9,5 милиони луѓе , додека во 1980 година , во времето на комунизмот , во земјата имало 10,7 милиони. Оваа бројка во 2017 година се намалила на 9,7 милиони . Секоја година , Унгарија губи по 32 илјади свои граѓани.

Статистичарите имаат пресметано дека околу 700 илјади лица заминале од земјата во  период од десет години , за кои никој не верува дека ќе се вратат назад . Најчесто заминуваат во другите , побогати и поразвиени земји од ЕУ ,  но и во САД , Канада и Австралија , повлечени од миграциските процеси со кои  се соочуваат сите европски држави . Селењето , посебно на младите, во други земји и на други континенти , е состојба која трае подолго време . Таа има глобални размери , не е предизвикана само од социјално-економските причини  и никако не е само унгарски проблем , зашто со неа се соочуваат и најбогатите и најразвиените држави .

Најнизок наталитет во ЕУ

Проблемот, според Орбан , е во тоа што бегството на Унгарците во другите земји , е проследено со забрзаното стареење на населението, а тоа може да предизвика оваа земја да се претвори во некаков „ пензионерски клуб“  – во држава на возрасни и стари луѓе . Како причина за тоа , владата во Будимпешта го посочува исклучително нискиот наталитет во Унгарија – најнизок во целата ЕУ. Во нормални прилики , неговата влада би требало , прво , да ги утврди причините  зашто Унгарките не сакаат да имаат деца , а цели семејства да имаат најмногу по едно дете. Наместо за тоа,  Орбан се има определено ваквата  ситуација да ја решава на нему својствен начин – со популистички методи , завиени во неговиот тврд национализам што само уште повеќе ја истакнува сликата за сегашна Унгарија , како за најнационалистичката држава во ЕУ.

„ На Унгарија и се потребни унгарски деца , а не странски“ – ќе рече Виктор Орбан и со тоа , во неколку зборови ќе ја открие целата вистина за себе и за вистинските причини за покренувањето на кампањата за зголемување на наталитетот во неговата држава.

Суштината на неговиот план  е во тоа да им доделува пари на потенцијалните мајки , за да ги потикне да раѓаат три- четири деца . Планот предвидува можност – секоја Унгарка , помлада од 40 години , кога прв пат ќе се омажи , да може да аплицира и да земе кредит до 36 илјади евра . Една третина од долгот ќе и биде опростен , доколку во меѓувреме роди две деца . Ако пак стане мајка на три или на четири деца – ќе биде наградена со опростување на целиот долг. Мајките со четири ( или повеќе деца) освен тоа , ќе имаат екстра бонус , а тоа е,  до крајот на животот  да не и плаќаат данок на државата .

Унгарски деца

Мерките , меѓутоа,  предвидуваат дека жената што земала кредит останува должник и ке мора да ги врати парите доколку не стане мајка , но оваа одредба во владините план не добива гласност во силно распалената кампања за популаризација на планот што , како што се вели, би требало да и обезеди иднина на земјата. Унгарскиот премиер , исто така , и не помислува на реално можната варијанта – еднаш да ги загуби изборите , а новата влада да не сака да продолжи со овие мерки за зголемување на унгарскиот наталитет, или пак , едноставно, да не може да обезбеди пари за финансирање на орбановиот проект.

Таа можност ја истакнуваат противниците на ваквото решавање на проблемот со нискиот наталитет. „ Не е се во тоа да им дадете кредит на младите брачни двојки и да чекате тие да создаваат  и да подигнуваат деца – за тоа се потребни и повеќе други работи. Добро државно образование , квалитетна социјална заштита и над се  , обезбеден стандард , високи плати  на мајките и на татковците, за да може да  создаваат семејство со повеќе деца “ – велат Унгарките кои не прифаќаат да бидат модел според Орбан. За западните медиуми тие имаат речено дека „ ова не е грижа за семејството , туку повеќе производна програма за бебиња“ .

Премиерот , според она што го зборува,  покажува дека не размислува на тој начин . Нему му е најбитно ,  децата да бидат унгарски, во националната смисла на тој збор. Промовирајќи го својот план, тој  тоа го потврдил велејќи – „ Западот проблемите со наталитетот ги решава со имиграцијата ( што ќе рече , тие создаваат деца и семејства со повеќе деца) , додека Унгарија се определува да дејствуа поинаку – да го зголеми наталитетот преку Унгарците и Унгарките “ .

Национално „ чиста “ држава

Со неговиот план, треба да се зголеми процентот на деца  по жена , а тоа значи , сегашниот низок просек од само 1,2 деца по една Унгарка ,  во периодот на нејзиниот фертилитет , до 2030 година , да се покачи на 2,1 дете. Сегашниот просек во ЕУ изнесува  1,58 , додека во Франција , која е прва во рамкте на Унијата , таквиот просек изнесува 1,92 дете по жена. Некои млади жени во Будимпешта  остро реагирале на ваквите владини математики за наталитетот . Спротивставувајќи се , изјавиле дека сето ова е крајно навредливо и понижувачко – жените да се третираат како производни машини , па дека тие немаат намера да бидат дел од ваквите планови на Орбан.

Критичарите , меѓутоа,  во него гледаат и нешто друго, кое како што велат , е многу поопасно за земјата и за целиот европски проект . Според нив , зад грижата за наталитетот, унгарскиот премиер „ само сака да го покрие и да го оправда својот план за некаква „ одбрана“ на Унгарија“ од странците – мигранти, а посебно од муслиманите –  за да , ако треба , земјата се претвори во  единствената „ национално чиста“ држава во ЕУ –  како држава ( само) за Унгарците “ .

-Изјавата за тоа дека „ нам ни требаат само унгарски деца“ делува застрашувачки , бидејќи неверојатно многу потсетува на политиката за креирање на чиста, ариевска Германија во времето на нацизмот во текот на Втората светска војна , кога Третиот рајх на Адолф Хитлер беше брутално  исчистен од негерманското население  – велат домашните критичари и сите европски аналитичари на состојбите во Унгарија.

„Чувар“ на христијанските вредности

За нив , планот на Орбан, затоа,  претставува  само оправдување за неговата груба пресметка со ЕУ , во времето на големата мигрантска криза во 2015 година. Тогаш , не само што одби да покаже солидарност со земјите чланки на Унијата, а пред се , со Грција и Италија , кои беа први на ударот на напливот мигранти од Блискиот и Средниот Исток, од Африка и од зоните зафатени со воени судири, туку буквално ја запечати државата .

Постави жичана ограда на јужната граница ( кон Србија и Хрватска ) , а  го прогласи илегалното влегување во Унгарија за кривично дело , исто онака како што потоа ,  кривично дело стана и криењето и помагањето на странци- мигранти за да влезат на унгарска територија, па макар и само за да поминат низ неа. Уште позагрижувачко стана тоа што одбивајќи да прифти минимална група мигранти, како солидарна квота за да се распределат триесетина илјади азиланти кои беа на територијата на ЕУ , што беше привремена мерка , Орбан почна да зборува за себе како за единствениот од ЕУ  кој ги чува Европа и нејзините христијански вредности од напливот на нехристијаните – муслимани .

Таа определба  многумина европски либерални политичари ја оквалификуваа  како “ расистичка“ , но таа беше и останува , како сериозно предупредување за она што сега се случува во некои од земјите од централниот дел на ЕУ , зафатени со болеста на национализмот  . Овие поранешни комунистички држави и сојузници на тогашниот СССР ,  како „ Вишеградска четворка“ ( со нив е и Унгарија)  беа предводници на транзицијата во некогашна советска Источна Европа , први прифаќајки ги западните вредности на граѓанската и либералната демократија . Во времето на поделена Европа, токму државите против кои сега војува Орбан, беа оние кои им пружија подршка и уточиште , тогаш кога им требаше , на илјадници дисиденти и бегалци од репресијата ,  не само од Унгарија , туку и од другите источноевропски држави  .

Актуелниот унгарски премиер и самиот еден од тие кои помогнат материјално од Џорџ Сорос , се има префрлено на Запад , на дошколување во Британија ,  сега грубо се пресметува со западните вредности и со принципите на ЕУ кои неговата земја ги има прифатено при влегувањето во Унијата . Како што забележуваат неговите критичари – нискиот наталитет е стар проблем на Унгарија и нормално е што во Будимпешта се настојува тој да се разреши , но тоа никако не може да се прави со „ ариевските„ методи од триесетите години на 20 век.

(У.Б.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе