Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

MMR вакцината не предизвикува аутизам

Rido81/BigStock.com

MMR вакцината не предизвикува аутизам

Најновата анализа за тоа дали MMR вакцината е опасна за здравјето на децата, овој пат ја имаат направено експерти во Данска кои (одново) докажале дека оваа вакцина не предизвикува аутизам. Опсежното истражување, за што детално известува специјализираното списание “Аналс оф интернал медсин“, во кое биле опфатени повеќе од 657 илјади деца, покажало дека вакцината ниту го зголемува ризикот од аутизам, а ниту предизвикува аутизам кај деца кои спаѓаат во ризичната група.

Испитувањето било вршено врз деца родени меѓу 1999 и 2010 година, а нивната здравствена состојба била надгледувана се до крајот на август 2013 година. Сите случаи на аутизам кај децата кои биле под надзор, биле мошне прецизно и детално документирани, вклучувајќи ги и сите ризични фактори како што се староста (возраста) на родителите, аутизмот кај браќа и сестри, прераното раѓање.

Над 95 отсто од сите овие деца врз кои се правело истражувањето добиле вакцина. Од нив само кај 6517 (0.99%) се појавил аутизам, што според данскиот експертски тим е доказ дека ММR вакцината не го зголемила ризикот од аутизам кај надгледуваните деца.

Ризик од невакцинирање

Данскиот експерт Андерс Хвид од Институтот Статенс Серум, инаку предводник на истражувачкиот тим, признал дека идејата да се поврзува оваа вакцина со аутизмот, се уште е присутна и дека се уште постои во јавноста.

“Тоа е посебно забележливо на интернет и на социјалните мрежи, па затоа со ова истражување сакавме да дојдеме до било каков конкретен показател што тоа и ќе го потврдеше“

Андерс Хвид

Директорот на Центарот за вакцини при детската болница во Филаделфија (САД), Пол Офит не учествувал во данското истражување, но тој изјавил дека наодите на Данците, најпосле, ќе можат да ги уверат родителите на децата кои се во ризичната група, дека вакцината не е опасна. Офит открива дека се направени дури 17 студии за ова, изработени врз истражувањето со неколку стотици илјади деца, во седум држави, на три континенти од што, најпосле, се појави вистината, а таа е дека – родителите мора да разберат дека невакцинирањето не е без ризик.

“Напротив, тогаш ризикот е поголем, а лекарите во светот се соочуваат постојано со тој ризик“.

Противниците на вакцинирањето со оваа вакцина, меѓутоа, продолжуваат и понатаму (иако изгледа во помал број) да се повикуваат на едно, сега веќе дамнешно и отфрлено тврдење на еден британски лекар, продолжувајќи да го шират преку интернет. Во 1998 година, Британецот Ендру Вејкфилд, во специјализираното списание „Лансет” објави своја студија во која тврдеше дека аутизмот се јавува како последица на давањето на оваа вакцина на децата.

Редакцијата се огради од студијата, кога се откри дека Вејкфилд ги менувал податоците за 12 деца кои биле опфатени со неговата студија. Во 2010 година, британската лекарска комора му ја одзеде лиценцата да биде лекар.

Десетици лекари и експерти, потоа, во разни истражувања се обидувале да ги докажат наодите од неговата студија, но ниту едно испитување не успеало да најде доказ за поврзаноста на ММR вакцината со аутизмот. Па, сепак, противниците на вакцината продолжуваат повеќе да веруваат во пропаднатиот наод од пред 20 години, отколку на сите испитувања направени во изминатите години, а особено во последните неколку годни, откако светот, а посебно Европа, се соочија со враќањето на опасните морбили.

“Интернет доктори“

За експертите нема никаква дилема дека причината за тоа е невакцинирањето од оваа заразна болест која е опасна и за децата и за возрасните, а од која последиците се смртоносни. Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот од оваа година предупреди дека “одбивањето вакцинирање на децата е една од десетте најголеми закани за здравјето на луѓето во светот“.

Југот на Европа, посебно Балканот се наоѓаат во зоната на регионите каде отпорот против давањето на оваа вакцина, а често и на вакцинирањето, е далеку најголем, па затоа и бројот на заболените (од морбили) и смртноста овде се меѓу најголемите. Според СЗО, соседна Србија е шестата земја во светот според бројот на заболените.

Како најголем виновник за ваквата состојба се посочува интернетот, како и “интернет докторите“ – сите медицински нестручни, но полни со разни контроверзни сознанија присобрани на социјалните мрежи на кои им се верува повеќе, отколку на стручноста и доказите на бројните светски истражувања. Вина за ваквата состојба на балканските простори им се припишува и на стручни медицински лица, пред се, на определени педијатри.

Тие ги убедуваат родителите да не веруваат премногу во она што им се зборува околу тезите на отфрлениот Вејкфилд, или барем да не брзаат, па да ги вакцинираат децата дури кога ќе наполнат три години. Ризикуваат така со здравјето на своите деца, но и со здравјето на сите други деца и на вкупното население.

(Б.Џ.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе