Поврзете се со нас

Skopje Global

Тијани: Само краткотрајно одлагање на Брегзит

Европа/ЕУ

Тијани: Само краткотрајно одлагање на Брегзит

palinchak/BigStock.com & Veneratio/BigStock.com

Тијани: Само краткотрајно одлагање на Брегзит

Претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тијани изјави дека Британија може да го одложи Брегзит (формалното напуштање на ЕУ), но само за кратко време, од најмногу неколку недели и тоа доколку постојат посебни причини за еден таков чекор. Според Тијани, одлагањето на Брегзит би требало да се оправда, на пример, со одржување избори.

Ваквото толкување на претседателот на Европскиот Парламент доаѓа откако, претходно, германските медиуми открија дека тамошни правни експерти и доставиле толкување на владата во Берлин, околу ситуацијата со британското излегување од Унијата. Во него се вели дека Британците мора да ги средат сите работи (со Брегзит) до одржувањето на европските избори, на почетокот на мај. Во толкувањето се посочува дека е спротивно на европските закони, една земја членка (а, Британија формално тоа би била, доколку се одложи Брегзит) да биде дел од Унијата, а нејзини пратеници да нема во Парламентот на ЕУ.

Први мај – краен рок

Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март, на полноќ по средноевропско време (23 часот по британско), но во сегашното хаотично британско излегување се уште не се знае како сето тоа ќе биде изведено. Доколку се случи Лондон да се одлучи за одлагање, според стручното толкување, тоа би можело да се случи само до 1 мај, или до една недела пред европските избори. Спротивната варијанта е Британија, сепак, да учествува и овој пат на изборите за Парламентот во Стразбур, но во тоа никој (во Лондон) не сака да верува.

Британски дипломати за “Скопје/Глобал“ имаат речено дека на само три недели до официјалниот датум за Брегзит, никој не знае што ќе се случи, иако пред почетокот на преговорите меѓу Лондон и Брисел, токму британската влада инсистираше на “правно регулирано и уредно“ напуштање на Унијата, онака како што тоа и доликува на Велика Британија.

Сегашната ситуација, меѓутоа, повеќе наликува на хаотична и крајно неуредено, отколку на регуларно заминување од ЕУ, после 45 години членство. Во текот на неделата што следи, британскиот Парламент на три пати ќе се обиде, низ неколку гласања, да дојде до мнозинство гласови за уреден Брегзит.

Во вторник, пратениците уште еднаш треба да гласаат за договорот што премиерот Тереза Меј го постигна со ЕУ, а што Унијата веднаш го има усвоено, или пак за нов референдум. Доколку пратениците (одново) го отфрлат договорот на Меј, следниот ден, во среда, би се гласало за тоа дали Британија од ЕУ да излезе без договор. Ако, пак, и тоа не помине, тогаш е предвидено, во четвртокот пратениците да гласаат за одлагање на Брегзит. Никој не зборува за тоа – на колку време.

На повидок – No Deal

Аналитичарите во Лондон проценуваат дека земјата, заглавена во политиканството на двете главни партии и во игрите за собирање политички поени кај нивните гласачи, при што целосно ги имаат запоставено интересите на државата и на нејзините жители, полека, но сигурно оди кон најлошата варијанта – Брегзит без никаков договор со ЕУ.

Министер во владата на Меј овој викенд ја “искара ЕУ “ дека Британија нема да дозволи поради Брегзит “земјата да се прекрши“ мислејќи притоа на предлогот од Брисел – Британија да излезе од заедничкиот пазар и од царинската унија на ЕУ, но во неа и натаму да остане Северна Ирска. Ваквата состојба би била привремена, додека Британија и ЕУ не склучат договор за меѓусебна трговија. Предлогот на Брисел е даден само за да се спречи повторното поставување цврста граница на ирскиот остров, британската влада, по којзнае кој пат, топката (и вината доколку ништо не се постигне) уште еднаш ја префрла на 27- те членки на Унијата.

Тијани инсистира дека хаотичното излегување на Британија тешко ќе го погоди, пред се, британското стопанство, но признава дека ќе има последици и врз ЕУ.

“Унијата, сепак, не може да го менува договорот што е веќе постигнат, само за да им удоволи на британските парламентарци, да го ратифицираат она што е договорено пред 4,5 месеци “

…рекол претседателот на Европскиот Парламент.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе