Поврзете се со нас

Skopje Global

Блага казна за екс соработникот на Трамп

Свет

Блага казна за екс соработникот на Трамп

jgroup/BigStock.com

Блага казна за екс соработникот на Трамп

Пол Манафорт, поранешен близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп и шеф на неговата изборна кампања за изборите во САД во 2016 година, конечно, е осуден – на вкупно 47 месеци затвор, или на четири години без еден месец, што се смета за невообичаено ниска казна за она за што беше обвинет.

Манафорт (69) е осуден за финансиска измама, за прикривање данок, за банкарска измама и за непријавување сметка во странска банка. Измамата беше откриена во текот на истрагата на специјалниот иследник Роберт Малер кој ја истражува улогата на Русија во претседателските избори во 2016 година. Манафорт беше прогласен за виновен од поротата и осуден уште во август 2018 година, но пресудата дури сега му беше изречена.

За ваквите кривични дела, обвинителството, обично, бара казна затвор меѓу 15 и 24 години. Обвинителот во овој случај нема предложено висина на казната, а судијата во окружниот суд во градот Александрија, во близината на главниот град Вашингтон, при изрекувањето на пресудата рекол дека таквата определба (на обвинителството) е претерана. Судијата уште инсистирал дека во случајот на Манафорт, не му се судело дека бил во било каква врска со Русија, за изборите во 2016 година.

Правни експерти, сепак, тврдат дека какво и да е толкувањето на судијата, станува збор за блага казна и дека за сето она за што Манафорт беше прогласен за виновен, требало да добие поголема казна. Таа е пониска дури од казната што ја имаат понудени адвокатите од неговиот тим за одбрана, кои сугерирале нивниот штитеник да добие казна – не поголема од 63 месеци, или од пет години и три месеци.

Манафорт ќе треба да плати и казна од 50 илјади долари, како и да и врати на државата 24 милиони долари.

Американските аналитичари се согласуваат дека ваквата казна за екс соработникот на Трамп, всушност, претставува “шлаканица за Малер и за целата негова истрага“. Според нивното толкување, Манафорт е првиот кој одговара за тоа дека во текот на предизборната кампања, во штабот на тогашниот републикански претседателски претендент, биле правени договори со Русија за да му се наштети на демократскиот кандидат на изборите и да му се помогне на Трамп да победи и да стане претседател.

Финалниот извештај на специјалниот иследник Малер е готов и според медиумите во САД тој треба наскоро да биде публикуван. Меѓутоа, не се знае каква ќе биде одговорноста на Пол Манафорт во извештајот, ниту пак кој и како ќе биде оценет во случајот “руска врска“, па според тоа и потенцијално обвинет. Оваа истрага трае повеќе од две години и исто толку време ја држи во неизвесност американската политика, предизвикувајќи силна нервоза која се граничи со нетрпеливост, во односите меѓу (републиканската) Бела куќа и претседателот на САД, од една и демократите од друга страна. Нивните односи, како ретко кога досега се на најниското ниво, додека политичката јавност во земјата е длабоко поделена.

Претседателот Доналд Трамп, од почетокот на истрагата на Малер ги отфрла сите обвинувања, тврдејќи дека тие се “политички мотивирани“ за да им послужат на демократите како оправдување за изборниот пораз. Тој и неговите најблиски соработници тврдат дека долгата истрага само му штети на угледот на САД во светот и има за цел да го дисквалификува претседателот. Демократите, пак, инсистираат дека веќе има низа докази за тоа дека “руската врска“ постоела и била користена во изборната трка, како и дека Трамп и повеќе негови сегашни и бивши соработници биле фатени како постојани ги менуваат своите искази.

За осудувањето на Манафорт, претседателот Трамп изјави дека го сожалува за се она што му се случува.

(Н.Ј.)

Photo credits:
1. Donald Trump speaking at the 2013 Conservative Political Action Conference (CPAC) in National Harbor, Maryland by Gage Skidmore (CC BY-SA 2.0). Taken from https://www.flickr.com/photos/gageskidmore/8567828196.
2. Paul Manafort’s mugshot after being booked into the Alexandria detention center by Alexandria Sheriff’s Office.
3. The White House in Washington DC on a partly cloudy afternoon in spring. (c) jgroup/BigStock.com.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе