Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Масакр во безбедната земја

tupungato/Bigstock.com

Масакр во безбедната земја

Крајстчрч (Christchurch) е третиот по големина град во Нов Зеланд, сместен на пацифичкиот брег од Јужниот остров на оваа островска земја. Важи за мирен град,  во кој, како што обично објаснуваат некои негови жители, луѓето се населуваат за да живеат „мирно и нормално“. Целиот град, велат, одвај има околу илјада полицајци кои со себе не носат оружје, одржувајќи го редот и мирот.

„Кивијанците“, како популарно ги нарекуваат новозеланѓаните, објаснуваат дека нема ништо чудно во  ваквото опишување на атмосферата во градот, тврдејќи дека таа важи за целата држава. „Нов Зеланд е бескрајно либерална и безбедна земја“ – велат неговите жители и светот им верува во тоа, рангирајќи ја високо или на самиот врв по низа параметри за квалитетно и мирно живеење, со мошне низок процент на криминал или вооружени напади. Затоа, од секогаш, и покрај одалеченста, како што се вели „на другиот крај од светот“ оваа островска држава е популарна дестинација за имигранти и доселеници од целиот свет – од Америка, преку Европа, до земјите од централна Азија и азискиот Далечен Исток.

„Обичен белец “ и ултрадесничар

Целата таа безмалку идилична слика , меѓутоа, во петокот , на 15 март , беше темелно потресена , кога еден расист , самопрогласен фашист и терорист , вооружен до заби , во две локални џамии во Крајстчрч уби 49 верници, дојдени во џамиите на редовните петочни молитви . Педесетина други лица , сите локални муслимани , беа ранети , некои мошне тешко и се уште се борат за своите животи .

Масовниот убиец е Брентон Тарант (28) , Австралијанец кој живее во Нов Зеланд, во градот Данадин , уште појужно од градот во кој го изврши масакрот . Полицијата за него нема никакво криминално досие. Безбедносните служби и на Австралија и новозеландската , немаат никакви  сознанија за него како за потенцијлен терорист  , иако и двете сега велат дека станува збор за ултрадесничарски екстремист и насилник . Тој самиот , за себе има речено дека е „ обичен белец“ од семејство со низок имотен статус , што само одново потврдува дека личната фрустрација која овој масовен убиец не ја сокрива , го има претворено во расист , во  националист и во човек кој мрази .

Облечен во маскирна облека , вооружен со полуавтоматско оружје и опремен со  мала камера , прикачена на него , преку која на Фејсбук вршел директен пренос од убивањето на невини луѓе , тој само кусо ќе рече – Нека почне забавата – и ќе отвори оган врз верниците . Притоа ќе зборува дека тоа е „ одмазда за смрта на илјадници луге , убиени од странци “ и ќе ги споменува нападите врз џамии во Италија и во Канада . Пукајќи во се што се движело , терористот ќе испука дури 100 куршуми . Веднаш потоа ќе избега од едната џамија и возејќи се своето возило ќе се префрли до другата џамија , за да ја доврши крвавата работа . Во меѓувреме ќе ја остави камерата да работи, па така ќе остане  забележано дека по пат , терористот ќе се забавува ( или ќе се храбри  ) , слушајќи српски четнички и националистички песни , меѓу кои и песната испеана во војните во деведесетите години од 20 век  во БиХ – „Караџиќу води Србе своје…“

Најцрниот ден за Нов Зеланд

Кога и на втората локација ќе убие уште неколкумина муслимански верници , ќе се обиде да се сокрие , но полицијата , помогната со војската , ќе го најде и ќе го уапси . На оружјето со кое беа убиени толку многу луѓе полицијата ќе забележи имиња и настани од европската подалечна и поблиска историјата, во кои христијани убивале муслимани и биле во судир со нив. Таму се запишани имињата на српскиот средновековен кнез Лазар , на Милош Обилиќ од косовската битка , на српски и црногорски војводи од времето на борбите против османското ропство , на борбата на преминот Шипка ( во Бугарија) во руско-турската војна од 1877-1878 година , на унгарски и германски личности од војните за запирање на походите на Сулејман  Величествениот во Европа….

Петочниот масакр во „безбедната земја “ ги шокира Новозеланѓаните и го остави светот вчудоневиден , затоа што расизмот и бруталното насилство ,  тероризмот и екстремниот национализам се отидени толку далеку , дури до оваа земја во далечната Океанија , која е населена и  создадена од доселеници – имигранти од Европа и од разни страни на светот кои со себе ја имаат донесено својата култура и религија и се имаат измешано со староседелците Маорите.

Премиерот на Нов Зеланд Јасинда Ардерн , во својата прва реакција по шокантните вести од Крајстчрч само ќе рече дека станува збор за „ најцрнот ден за земјата и за еден од нејзините најтешки моменти “ , неможејќи да прифати бела и христијанска супремација , омраза кон доселеници кога сите жители на земјата се доселиле на островите –  некои порано, други подоцна .

Случајот од пред 30 години

Таа следниот ден , со црна марама на главата , ќе им се придружи на муслиманте во Крајстчрч во нивното тагување по жртвите во масакрот – сите доселеници од Пакистан, Индија , Малезија , Индонезија , Турција, Јордан , Сомалија и Авганистан – но , за владата , за безбедносните служби и за сите во Нов Зеланд останува да се залечат раните што останаа во општеството , а пред се, да се најде одговор на прашањето – како воопшто можеше ова да им го направи еден Австралијанец .

Првата реакција тргна од тоа дека кога земја е „ бескрајно либерална “  таа не ретко станува ранлива и идеална за екстремистите . По ваквото првично толкување , домашните медиуми потсетија на настаните од 1989 година , токму во градот каде Тарант ја покажа својата бесна омраза кон муслиманите и кон странците , воопшто , кога за него се зборувало како за  легло на т.н. бели супремацисти и на екстремни националистички групи кои тие години имаат извршено повеќе насилнички и крвави напади .

Белците , дојдени главно од британските острови , најчесто Англичани по потекло , уште и тогаш не може да го прифатат надоаѓањето на другите мигранти , од други земји и континенти и посебно од друга раса , па како и Тарант кој иако и самиот е од доселеничко потекло и во родната Австралија  и  е дојденец  во Нов Зеланд , биле исполнети е со болна омраза кон “странците“ како ги нарекува имигрантите  .

„Манифест“ за омраза

Својата болна состојба , овој човек ќе се обиде да ја „ објасни“ во едно писание , без автор  , што тој ќе го стави на интернет непосредно пред да почне да убива , нарекувајќи го „ манифест“ . На над 60 страници нема ништо друго освен болна омраза кон муслиманите и исламот и за нивната „ инвазија“ кон христијанскиот свет .Ова  е многу блиску до тезите и до изјавите на актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан и неговите повеќепати повторени зборови дека тој е оној што ја чува ( христијанска)  ЕУ/Европа од муслиманскиот наплив и дека  „ без христијанството , нема да ја има ниту Европа“ .

Во „ манифестот“ се споменува  „ белата цивилизација“  за која се вели дека мора да доминира во западниот свет , за потребата од некакви нови темплари и витези-крстоносци , како и дека сето тоа ќе мора да заврши со судир на цивилизациите.

За „ новите “ крстоносци и за борбата против нив збруваат и џихадистите од Исламска држава ( ИД) , па излегува дека терористот од Крајстчрч и водачот на џихадистите од Блискиот Исток , Ал Багдади , се на истата бранова должина и меѓусебно се разбираат и надополнуваат . Но , меѓу сите жртви во двете џамии нема „  џихадисти “ туку само обични луге и сите од земји кои се далеку од лажниот „ калифат“ на ИД , па затоа новозеланскиот експерт за одбранбени и безбедносни студии  Џон Батерсби , смета дека масакрот во Крајстчрч и не е некое големо изненадување .

Тој  посочува на неколку работи и состојби кои имаат придонесено за засилување на десничарењето , расизмот и екстремизмот . На прво место го става  интернетот , на кој како што вели , екстремисти од разни бои ( буквално ) разменуваат ставови за меѓусебни пресметки , а сите другите слободно го голтаат екстремизот , национализмот и омразата, што спротивставените страни го пропагираат . Овој експерт уште смета дека  Нов Зеланд се нема подготвено за да реагира на растечкиот глобален екстремизам , а посебно , на напливот од национализам и ултра-десничарење во Европа , како и на новата политика на десен  популизам од САД .

„Христијански тероризам“

Еден друг домашен експерт , д-р Пол Стонам , пак , го гледа насилството од петокот низ растечкиот национализам ( во Нов Зеланд ) . Според изјавата во локалните медиуми , тој потсетил на случувањата во Крајстчрч во 1989 година кога „ десничарите биле посебно атрактивни и тоа за младите и за мажите од работничката класа“ . Стонам тоа го објаснува со фрустрацијата на овие групи од општството кои почнале да чувствуваат дека ја губат позицијата пред надоаѓањето на други национални групи  , па почнале  да му се спротивставуваат на мултикултурализмот , затоа што сметале  дека нивната нација ( а тие се сите со англосаксонски корен ) наводно , се потиснува .

Во таквата клима , десницата ја раширува  идејата дека нивната , домицилна , култура е загрозена , дека новите староседелци ( не Маорите)  го губат ( или може да го загубат) идентитетот , па кога на тоа ќе се додадат приказните за тоа дека дојденците , тие се сега муслиманите ,  напаѓаат ( низ светот) , се создава сила за потребата да им се возврати – со насилство. Стонам , затоа, смета дека на Нов Зеланд сега му претстои многу повеќе работа во општеството за градењето кохезија , која “мора да се исправи како брана пред растечкото десничарење и екстремизмот “ во земјата, во последните години .

Универзитетскиот професор од Окланд , Даглас Прат кој е експерт за религиозниот тероризам , го анализирал  јазикот во т.н. „ манифест“, па проценува дека тој отворено укажува  на формата од христијански тероризам . „ Од она што може да се прочита, очигледно е дека во писанието не станува збор за никаква политика , туку за длабоко вкоренет религиски екстремизам “ – рекол Прат за новозеландските медиуми .

Според мислењето на овој професор , кој и да го има направено „ манифестот“ , тој е создаден за да промовира „ бела супремација“ и за да креира омраза преку одржувањето на  митот според кој „ исламот се врзува за тероризмот“ ,  што Даглас Прат го смета сосема погрешно и неточно тврдење .

(С.С.Г.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе