Поврзете се со нас

Skopje Global

Дали Хрвати би живееле на Куба?

Брифинг/Weekly

Дали Хрвати би живееле на Куба?

demerzel21/BigStock.com & Kamira/BigStock.com

Дали Хрвати би живееле на Куба?

Во дебатата во хрватскиот Парламент, посветена на ратификацијата на договорот за врски на ЕУ со Куба, била покрената необична дискусија околу тоа какви се стандардите за живеење во Хрватска и на овој најголем остров на Карибите, еден од неколкуте последни бастиони на комунизмот во светот, како и за тоа каде би им било подобро на хрватските граѓани.

Еден од пратениците на опозицијата, рекол дека Куба веќе ја има надминато Хрватска, кога се во прашање образованието, или здравството.

“Образованието на Куба е бесплатно до стекнувањето докторска титула. Оброците во училиштата се, исто така, бесплатни. Таму има само 0,2 отсто неписмени (во Хрватска 0,8 отсто) “ – рекол овој пратеник.

Тој уште објаснил дека дури 98 отсто од кубанските деца одат во градинка, додека во Хрватска тој процент се уште не може да достигне ниту 50 отсто. Во кубанските училишта има само по 20 деца во клас, а во средните учат само по 15 деца, наставата е едносмерна, а часовите траат по 30 минути, податоци што според овој пратеник, хрватскиот образовен и училишен систем нема да може да ги постигне ниту во следните неколку години.

Пратеникот го пофалил и кубанскиот здравствен систем, означувајќи го како “совршен“, користејќи ја за тоа оценката на Светската здравствена организација (СЗО), на што пратениците од власта реприцирале со прашањето – а зашто тогаш Хрватите не одат на Куба да живеат и да работат и зашто Кубанците бегаат од Куба, гледајќи на било кој начин да стигнат до бреговите на САД и да се населат во Флорида.

Во дебатата останало без одговор прашањето – дали Хрватите би живееле на островот со кој браќата Кастро владеат уште од 1959 година – но, расправата завршила со разумната констатацијата дека за Хрватска е подобро и многу покорисно да се угледа на здравствениот систем во Данска, или на образованието во Финска, отколку на кубанскиот модел.

За САД – Голан е израелска територија

Американската администрација, за прв пат годинава, во редовниот годишен извештај на Стејт департментот за човековите права, ја означи Голанската висорамнина како дел од израелската територија. Во сите досегашни извештаи, оваа блискоисточна висорамнина, за САД и за меѓународната заедница беше окупирана територија.

Според израелските медиуми, во годинешниов извештај, нити за Западниот Брег, а ниту за појасот Газа, не се користи терминот окупирани територии.

Голанската висорамнина (во Сирија), Западниот Брег (во Јордан) и Газа (како дел од Египет), беа освоени од израелската армија во текот на шестдневната војна, во јуни 1967 година. Во 2005 година, Израелците самите целосно се повлекоа од Газа, извлекувајќи ги од таму и сите израелски доселеници и оставајќи го целиот појас под палестинска контрола. После договорот со Јордан, Западниот Брег остана под израелска воена контрола, додека во 1981 година, Израел ја анектираше Голанската висорамнина.

“Грда за да биде силувана“

Италијанската јавност остана шокирана откако се разбра за една одлука на тамошниот Апелациски суд кој им ја поништил затворската казна на двајца мажи – едниот за силување, а другиот за помагање при сексуалното насилство – и ги ослободил, со образложение дека силуваната жена “била премногу мажествена за да биде силувана“!?

Италијанските медиуми откриваат дека толкувањето дека жртвата била “грда“, било дадено од Судот во Анкона, во жалбена постапка, од три жени- судии. Во образложението тие напишале дека сведочењето на жената (жртва) не можело “да се смета за сигурно, затоа што осудените не ја сметале за многу привлечна, за да ја нападнат“.

Во одлуката на Апелацискиот суд уште се изразува и сомнеж дека силуваната е таа која ја уредила средбата со двајцата мажи, затоа што познавала еден од силувачите.

Случајот е уште од 2015 година, кога врз основа на обвинувањето, двајцата мажи биле осудени на пет, односно на три години затвор. Обајцата се жалеле и во 2017 година, жалбениот суд ги ослободил. Дури сега, јавноста во Италија разбра со какво образложение силувачите се нашле на слобода.

За судијките во жалбениот процес не биле битни лекарските наоди дека несреќната жена била силувана и дека имала 14 повреди на женските органи и на телото.

Реагираше и италијанскиот премиер осудувајќи го “застареното толкување на силувањето“, додека организациите за човекови права се појавиле со неверојатната констатација дека во Италија „се уште им се суди на силуваните, а не на силувачите“.

Полски свештеници силувале 382 деца

Истражувањето на Католичката црква во Полска покажало дека во периодот од 1990 до 2018 година, или во последниве 28 години, свештениците во оваа силно католичка земја, извршиле силување и сексуално насилство врз 382 деца.

“Ова е болно и трагично прашање, затоа што станува збор за дела на свештеници кои инаку својот живот му го имаат посветено за да им служат на црквата и на луѓето“

…изјавил за локалните медиуми полскиот надбискуп Марек Једрашевски, по откривањето на резултатите од долгата истрага на црквата.

Дури 198 од овие сексуално злоупотребени деца, жртви на перверзијата на свештениците, биле помали од 15 години.

Истрагата во Полска е покрената откако Ватикан почна да го менува својот однос кон сексуалното насилство извршено од свештени лица, што започна со отворање на случаите во САД и тамошната Католичка црква, па се до последниот таков случај кога еден граѓански суд (во Австралија) осуди поранешен кардинал (Пел) за силување малолетници.

Жртвите на ваквото насилство – сега возрасни мажи и жени – бараат од црквата, но и од властите во државите, каде имало вакви случаи да се продолжи со откривањето на злосторствата на свештениците и со судењето на сторителите.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе