Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

“Бритиш Ервејз” слета во Единбург наместо во Диселдорф

Anton27/BigStock.com

“Бритиш Ервејз” слета во Единбург наместо во Диселдорф

Авионот на британската компанија “Бритиш Ервејз“ кој полета од лондонскиот аеродром Сити, на својот лет за германскиот град Диселдорф, слета на аеродромот во Единбург, во Шкотска – по ГРЕШКА.

Овој крајно необичен и колку што се знае, досега нерегистриран инцидент во цивилната авијација, помина без било какви проблеми за патниците, освен што на својата крајна дестинација во Германија, наместо за 1,5 час колку што нормално трае летот, стигнале за четири часови. Покрената е истрага за тоа како се случило авионот, кој од Лондон требало да полета кон исток, а тој да се упати на север, но според првите анализи за инцидентот, станува збор за “погрешно поднесен план за летање“.

Никој од патниците не утврдил каде лета авионот. Не реагирале ниту тогаш кога побрзо од очекувањето, авионот слетал на аеродромската писта, но сите се вчудоневиделе кога стјуардесата се огласила со – “добредојдовте во Единбург“. Не помислиле дека авионот е можеби киднапиран, туку почнале да ја прашуваат посадата дали можеби се шегуваат со нив.
Тогаш се појавил пилотот и ги прашал за каде требало да патуваат, а кога сите му изјавиле дека имаат карти за Диселдорф и дека таму требало да слетаат, тогаш сфатил дека авионот на “Бритиш Ервејз“ со кој управувал, всушност, летал во сосема погрешна насока. Во изјави за медиумите, патниците рекле дека пилотот останал збунет од она што се случило и само рекол – “Па, ова досега никогаш се нема случено“!

Цели два часа луѓето останале во авионската кабина, чекајќи да се разјасни смешно-тажната ситуација, еден ваков инцидент да се случи во држава каква е Велика Британија, со силно развиен и разгранет авионски сообраќај, од еден од петте фреквентни лондонски аеродроми.

Подоцна, луѓето со истиот авион, заминале од Единбург кон Диселдорф, каде безбедно слетале.

Со овој лет ( од аеродромот Сити) управувала компанијата “WDL Aviation”, преку спогодбата за лизинг што “Бритиш Ервејз“ ја има со неа. Никој во двете фирми не знае како можело да се случи ваква грешка.

На Назарбаев му здосадило да владее?

Претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, неочекувано, како за домашната, така и за меѓународната јавност, соопшти дека поднесува оставка. Изненадувањето доаѓа затоа што немало никакви навестувања дека тоа би можело да се случи, особено што сите веруваа дека тој ќе владее со земјата до својата смрт, а нема информации дека овој 79 годишен политичар има проблеми со здравјето.

Со Казахстан тој управуваше 30 години, уште од времето на Советскиот Сојуз, кога оваа голема земја, беше една од советските социјалистички републики, откако беше поставен за лидер на локалната комунистичка партија. По распадот на СССР, тој стана претседател на сега независната држава, владеејќи со неа како и во времето на поранешниот комунистички Советски Сојуз и одржувајќи тесни врски со Москва.

Во текот на своето владеење, тој го пресели главниот град на државата од Алма Ата, во новоизградената Астана, која меѓутоа, само 24 часови по неговата оставка, беше преименувана во Нурсултан, како што е и името на досегашниот претседател.

Во оваа авторитарна држава во која опозицијата е “само на хартија” какви што се и демократијата и човековите слободи, се верува дека Назарбаев и натаму ќе ја води државата како и досега, останувајќи неприкосновен лидер на Казахстан и претседател на семоќната владејачка партија, која е на власт исто така 30 години.

За нов претседател, втор од осамостојувањето, е назначен Касим Жомарт Токаев, досега претседател на Парламентот. На неговото место е именувана ќерката на Назарбаев.

Руски војници во Венецуела

Два воени руски авиони слетале во Каракас, во главниот град на Венецуела – носејќи со себе околу 200 војници и 35 тони воена опрема и материјал, јавуваат локалните, проопозициски интернет медиуми кои прикажуваат и фотографии од авионите. Со еден од авионите слетал и рускиот генерал Василиј Тонкошкуров.
Авионите на летот од Русија до Венецуела, претходно слетале во Сирија, во тамошната руска воена база.

Веста за префрлањето руска воена помош за режимот на Николас Мадуро, доаѓа само три месеци по одржаните заеднички воени вежби на Венецуела и Русија во оваа јужноамериканска земја. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш изјави дека кога станува збор за ситуацијата во Венецуела, сите опции за разрешување на кризата и понатаму се во игра. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, ги обвини САД дека подготвуваат државен удар во земјата.

Веста за двата воени руски авиони, меѓутоа, не ги имаат коментирано ниту Москва, а ниту Каракас.

САД воведоа остри санкции во нафтениот сектор на Венецуела, засилувајќи го притисокот врз власта во Каракас. Русија во меѓувреме, има испратени околу 300 тони “хуманитарна помош“ а Мадуро сега уверува дека од Москва треба да пристигнат и лекови и медицинска опрема. Не се знае дали станува збор за помош, или за руски државен заем.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео им порача и на двете страни дека САД “нема мирно да седат и да гледаат како Москва ја потхранува напнатоста во Венецуела“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе