Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Кина сака „обединета и просперитетна ЕУ“

Pavel3d/BigStock.com

Кина сака „обединета и просперитетна ЕУ“

Кинескиот претседател Си Џингпинг изјави деновиве во Париз дека Кина сака “обединета и просперитетна ЕУ„ објаснувајќи го тоа со, како што има речено, кинеската визија за мултиполарниот свет.

“Кина секогаш ќе ги подржува европските интеграции и развојот на ЕУ”

…рекол кинескиот претседател по средбата и разговорот што ја имаше со својот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон.

Внимателно срочената изјава на Џинпинг треба да претставува смирувачки одговор на официјален Пекинг на стравувањата, искажани од низа европски политичари, за “кинеското навлегување во ЕУ“ и на предупредувањата од европски и американски безбедносни експерти и аналитичари за заканата од стратегијата на Кина – својата инвестициона активност да ја врзе за нејзините државни интереси.

Патот на свилата

Ваквите стравувања во Европа се однесуваат, пред се, на контроверзниот кинески инвестиционен проект “Белт енд Роуд“ (Belt and Road) популарно познат и како новиот “пат на свилата“ преку кој Пекинг финансира изградба на патишта, на патна и железничка мрежа и на изградбата на нови комуникациски коридори и на поморски врски, во десетина земји членки на ЕУ, главно од поранешниот европски комунистички Исток, како и од Западен Балкан, сите со аспирација да бидат дел од Унијата.

Целиот овој проект од неколку десетици милијарди долари, Кинезите го објаснуваат со потребата од поттикнување на трговијата во светот, која не може да се развива и унапредува без развиена и брза мрежа на сообраќајни комуникации.

Ова толкување, меѓутоа, малкумина во ЕУ го прифаќаат како здраво- за готово. Оние попретпазливите, кои не веруваат во самаријанството во денешниот свет, на “Патот на свилата “ гледаат како на закана за единството, па и за иднината на Унијата, безмалку иста онаква, каква е заканата што доаѓа од Русија.

Всушност, на ова се гледа само како на промоција на политичките интереси на Кина, а не на интересите на државите вклучени во проектот “Белт енд Роуд“, каде веќе се изведуваат поголеми, или помали инвестициски зафати.

Стравувањата тргнуваат од тоа дека зад обемните и скапи инвестиции не стои финансиската добивка, што би требало нормално да биде примарна, туку политичкиот интерес на Пекинг, за да биде присутен на европскиот континент и посебно во државите од ЕУ.

Инвестиции и политика

За оваа состојба стана збор и на годинешниот, јануарски Економски форум во Давос, на кој американскиот милијардер и финансиер Џорџ Сорос, целото свое обраќање го посвети на, како што има речено, заканата од Кина со која се соочува Европа. Според него, проблемот се усложнува затоа што Кина не нуди грантови, туку заеми и на тој начин ги врзува за себе и на подолг рок земјите кои добиле заем, особено што станува збор за пари на државата, или за средства зад кои таа стои.

Освен тоа, во многу случаи, кинеските инвестициски проекти навлегуваат со поткупување на локалните политичари и одговорни функционери кои потоа, треба да го обезбедат навлегувањето на Кина во нивната држава и нејзиното задржување, на еден подолг рок.

Искуството од Африка и тамошното кинеско навлегување покажува дека не ретко преку инвестициите, Пекинг настојува да влијае и врз домашната политика, а не ретко и врз политичката ориентација на земјата, доколку таа може да го доведе во прашање нивното присуство во земјата, или во регионот.

Нешто слично имаше и во Македонија, кога снимените телефонски разговори, направени по налог на претходната власт, на тогашниот премиер, сега осуденик и бегалец, со еден од неговите министри, недвосмислено покажува дека тие се договарале за процентот за поткуп што ќе им го бараат на Кинезите, за да влезат во инвестициски проекти за изградба на неколку патни правци.

Кина контра Русија

За разлика од Русија која настојува да ја разнебити ЕУ, затоа што во неа гледа закана за руските интереси, пред се, во политиката и безбедноста, бидејќи Москва Унијата ја врзува за НАТО, со обидите да го растури единството во ЕУ, со хранење на евроскептицизмот и со поттикнување на европските деструктивни сили од крајната десница, која ја помага и подржува на разни начини, Пекинг на европскиот континент и посебно во Унијата настапува со друга тактика.

Таа во основа изгледа сосема безопасна – се доделуваат државни кредити за разни проекти, под релативно поволни услови, иако цените што кинеските фирми ги определуваат (и ги наметнуваат) се нереално високи, но проценката е дека кинеската тактика (како и руската) има иста цел – да се дејствува во просторот на ЕУ.

Кинеското навлегување, затоа, исто така се гледа со скепса и загриженост.

Германскиот канцелар Ангела Меркел минатата есен во неколку прилики има зборувано околу тоа, дури ова прашање го има поставено и во средбите со кинеското државно раководство.

Други европски политичари имаат речено дека Кина (како и Русија) ги користат внатрешните проблеми што ги имаше Унијата и со кои и сега се соочува, за забрзано навлегување во ЕУ, а особено во земјите кои се подготвуваат да влезат во полноправно членство, преку кои, подоцна, кинескиот капитал ( а тоа значи и кинеското влијание ), на европскиот простор уште повеќе ќе се зголемат.

На веќе споменатиот Форум во Давос зборуваше и Меркел која, одново, се осврна на пенетрацијата од надвор во ЕУ, на разни начини, па таму таа се заложи за потребата од итни мерки за реформирање и за подготвување на Унијата за одговор на новите предизвици.

Гледано од овој агол, станува поразбирлива пораката на кинескиот претседател до ЕУ, изречена во Париз, со која тој настојува да ја увери европската политичка јавност дека Кина не е Русија, односно дека таа не сака да ја растура и да ја ослабнува, поткопувајќи го единството на ЕУ.

“Француска формула“

Интересно е што на таквото уверување од Си Џингпинг, францускиот претседател реагираше со помирлива изјава за тоа дека Франција и Кина “ќе соработуваат во областа на конкретни инвестициски проекти во државите каде Пекинг е присутен во рамките на проектот “Патот на свилата“.

Уште повеќе што по билатералната француско-кинеска средба на врвот, следниот ден се сретнаа и заеднички разговараа Макрон и Меркел, со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со кинескиот претседател. Темата сигурно било кинеското забрзано инвестициско (и политичко) навлегување на европскиот простор и стравувањето на ЕУ од проектот “Белт енд Роуд“.

Претходно, во Брисел, по последниот Самит на ЕУ за Брегзит, Јункер најави дека европските 27 ќе расправаат и за односите со Кина, што според начинот на кој тоа им го соопшти на новинарите претседателот на Европската комисија, излезе дека тоа прашање, за Унијата и за нејзината иднина, Брисел го смета за поважно од британското хаотично напуштање на ЕУ.

И сосема е разбирливо што е тоа така, бидејќи Британците до 12 април, или до крајот на јуни – со договор, или тотално неуредено – ќе бидат надвор од Унијата. Тие уште од сега прават планови, практично, како да им станат конкурент на ЕУ во трговските пакети што планираат да ги прават низ светот, како “независна“ држава, па во тие рамки и со Кина.

Во една таква ситуација, ЕУ навистина треба добро да се подготви за предизвиците со кои ќе се соочува, како што тоа во Давос го рече Меркел, веројатно, имајќи го на ум и британскиот Брегзит.

Останува уште нејасно – што европската “тројка“ (Макрон, Меркел, Јункер) во името на сите другите во ЕУ, побарале и евентуално добиле од претседателот на Кина – како и тоа дали “француската формула“ што ја спомена претседателот на Франција, по разговорите со Џингпинг, би можела да стане и формула на ЕУ.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе