Поврзете се со нас

Skopje Global

Економски ветер за „Преспа“

Македонија

Економски ветер за „Преспа“

vverve/Big.stock.com

Економски ветер за „Преспа“

Седум месеци интензивна работа беа потребни за да се стигне до македонско-грчкиот договор за разликите околу името на нашата држава ,  кои повеќе од четврт век ја држеа земјата блокирана и изолорана. Целата меѓународна заедница го означи договорот од Преспа  како историско постигнување за двете соседни земји, но и како пример за поширокиот регион  и успех за ЕУ и Европа.

Уште толку време двете земји потрошија , секоја соочувајќи се со својата националистичка  опозиција , за да го ратификуваат договорот. Со него,  Република Македонија на своето име му ја додаде додавката „ северна“ , додека Република Грција  , за прв пат во историјата , официјално  прифати дека државата на нејзината северна граница  не е ФИРОМ во која живее национално недефиниран народ, туку Република Северна Македонија ( на грчки – Вориа Македониа), во која мнозинскиот народ, национално, се словенски Македонци, а дека нивниот јазик е македонски.

Историско селфи

Грчкиот премиер во таа прилика им порача на Грците дека не може да им се забрани на соседите да се нарекуваат и да се чувствуваат како Македонци , ако тие така се чувствуваат и остро ги прекори сите свои домашни политички противници кои патетично го обвинуваа за „предавство на грчките национални интереси“  дека со „Преспа“  всушност, се става крај на една тридецениска хипокризија.

А , само два месеци по завршувањето на сите работи околу  ратификацијата , во Скопје  престојуваше грчкиот премиер Алексис Ципрас, правејќи уште еден историски чекор и за него и за неговата земја , но и за домаќините. Тој е првиот премиер на соседна Грција кој воопшто престојувал во официјална посета на Македонија –  прво, уште додека таа беше дел од поранешна Југославија, од 1945 година, а потоа и како независна држава од 1991 година .  И со својот домаќин , македонскиот премиер Зоран Заев,  тие веќе  разговараа како рамноправни политички партнери  за идната соработка на двете земји, на економски и безбедносен план, како сојузници во НАТО и како идни партнери во ЕУ.

Сите европски медиуми ја објавија фотографијата од пред зградата на македонската влада , како двајцата премиери прават заедничко селфи , нешто што тешко можеше и да се замисли , а не да се види до пред година и половина, истакнувајќи го како исклучително постигнување тоа што премиерите на земјите што доскоро сите ги гледаа како непријатели , завадени околу историјата и националистичките заблуди, сега се фотографираат заедно за да стават точка на непријателствата и омразата.

Мостови, а не ѕидови

И во Скопје и во Атина, се согласуваат дека посетата на Ципрас и неговата средба со Заев, како и разговорите што тие ги водеа, претставува сатавање  печат врз преспанскиот договор. Од тука , па натаму „ Преспа“  добива една сосема друга димензија . Од политички документ , договорот станува покренувачка сила и своевиден ветер за економијата и за развојот , што  треба да и донесат  добро и на едната и на другата земја, сега и  двете растоварени од споровите кои ги држеа приковани во ровови.

Ципрас ке рече дека новото се гледа и со тоа што за прв пат , со службениот авион , не морал како досега да ја заобиколува македонската државна територија , туку долетал брзо и едноставно , од Атина до Скопје , без правење кругови околу Балканот .

„ Овде сме за да градиме мостови , а не да поставуваме ѕидови , па затоа мојата посета е историска и за Балканот и за Европа . Двете соседски земји загубија многу време , па сега мораме да брзаме , или ако сакате да трчаме за да го надоместиме пропуштеното “ – ќе им изјави грчкиот премиер на новинарите по разговорите со својот домаќин . Во сличен тон беше и изјавата на Заев кој „ Преспа“ и градењето македонско-грчко пријателство ги става како пример за уредувањето на еден нов Балкан . „ Кога ќе погледнете во минатото , гледате само пропуштени можности , а кога гледате напред , во иднината , пред вас се отвораат можностите и заедничките интереси “ – ќе рече македонскиот премиер .

Чување на небото

Од Атина , со Ципрас  допатуваа дури десет тамошни министри од разни сектори , како и бројна екипа од 140 грчки бизнисмени од стотина најразлични компании . Се одржа и првиот бизнис форум на кои беа и двајцата премиери . Договорена е соработка во енергетиката , обнова на нафтоводот , во сообраќајот – преку изградбата на брза пруга , по сосема нова траса на линијата Солун- Скопје – Табановци ( македонско-српска граница) , изградба на нови патни правци и засилена грчка помош во процесот на влегување на Северна Македонија во ЕУ  , како и воена соработка на неколку полиња . Договорена е соработка во воената обука , во одбранбената индустрија , во сајбер одбраната , соработка ќе има и меѓу воените разузнавачки служби и во т.н. воена одбранбена политика .

За српските медиуми , најважното излезе дека е откритието на Ципрас дека авионите на грчкото воено воздухопловство ќе го чуваат македонското небо и воздушниот простор над државата . Македонија  влегува во НАТО , па сојузничката помош за земја која нема сопствени воздушни сили , како што немаат ниту балтичките држави , Исланд или Луксембург , а сите се членки на Алијансата , не е ништо необично и не претставува закана за оние кои не се дел од одбранбениот сојуз на НАТО. Според објаснувањето на грчкиот премиер , овој договор е дел од пакетот врзан за Алијансата , но е и билатерален и за тоа Македонија нема ништо да и надоместува на својата соседка .

-Бесплатен е овој наш ( грчки ) ангажман , затоа што за Грција најзначајната цена е стабилноста на соседната земја и на регионот – рече Ципрас.

Кинески фактор

Во секој случај , намерата на двете страни е да се забрза развојот на Македонија и да се унапреди економијата на Грција , така што „ Преспа“ ќе добие една трајна вредност , со економски бенефит и за двете соседни земји . Грчкиот премиер во Скопје го истакна Берлинскиот процес , за кои постојат издвоени финансиски средства за поинтензивен развој на целиот Западен Балкан , а Атина сега ветува дека таа во ЕУ ќе притиска да и се  овозможи на Македонија побрз и поголем пристап до овие европски фондови . Во целата работа , грчката страна гледа голема шанса и за себе , за интензивирањето на својата економија , уназадена безмалку една деценија поради финансиската и должничкта криза , како  и за излегување на Грција во регионот и во Европа , низ повеќе крупни проекти во кои ( прв пат од нашето осамостојување ) е вклучена и Македонија .

Посредна улога за забрзаноста на процесот за давање нова димензија на „ Преспа“ има и Кина , преку  нејзините веќе направени , или планрани значајни инвестициски проекти на грчката територија  , а преку неа и во регионот . Еден од главните фактори е кинескиот капитал во двете главни грчки пристаништа – Атина ( Пиреја) и Солун , чии големи делови беа купени од Кинезите во времето на избувнувањето на грчката криза . И за двете зони  во овие пристаништа кои се под кинеска контрола , Пекинг и тамошните инвеститори бараат тие да бидат поврзани со брзи железници до пазарот во земјите од Средна Европа . Од грчката страна се бара таа брзо да се поврзе со своите соседи , со изградба на железничка линија по нова траса преку северот на Грција , преку македонската државна територија , до Србија и од таму до Европа , затоа што во спротивност , грчките пристаништа го губат своето економско значење .

Италијанска конкуренција

Од грчки извори „Скопје/Глобал„ дознава дека Атина веќе е предупредена дека доколку Грција ( од разни политички причини) отежнува со реализацијата на ваквите големи проекти, Кина би можела да се префрли во соседна Италија , каде веќе е присутна во тамошните пристаништа Неапол и Џенова , од каде се префрла во западниот дел на Европа . Според атински медиуми , за тоа , наводно, станало збор за време на посетата на кинескиот претседател на Италија , што беше организирана една недела пред доаѓањето на Ципрас во Скопје.

После таа посета , во Рим беше соопштено дека Италијанците се приклучуваат на групацијата К+16 земји, која наскоро во Дубровник ќе ја одржи својата годишна конференција . Кинескиот претседател потоа се префрли во Париз , а таму по разговорите , од францускиот претседател се слушна една нова идеја – Франција да се вклучи како партнер на кинеските  (државни ) инвестиции  во проектите во Европа/ЕУ – наместо да настојува да ги блокира . Идејата доби на тежина , откако ден подоцна, по француско-кинескиот Самит , за идната стратегија на ЕУ кон Кина ,  со кинескиот претседател , во францускиот главен град,  разговараа Макрон, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и германскиот канцелар Ангела Меркел која претходно , на неколкупати , изразуваше загриженост од напливот на кинеските инвестиции на тлото на ЕУ .

Националистички закани

Од ова излегува дека Преспанскиот договор нема само билатерално и политички значење , туку и силно еконономско- финансиско , уривајќи го „ ѕидот“ што постоеше на правецеот Југ-Север со изградбата на мост преку кој се отвара преспективата за силна инвестициска и развојна програма , за која и Атина и Скопје велат дека доцни , а за чие забрзување зборуваат и оние од страна .

Но , освен економската перспектива и ползата што треба да ја имаат и двете страни , економскиот ветер за „ Преспа“ што сега почнува да дува , треба да ги оддува противниците на договорот и во двете држави . Тие и натаму настојуваат да ја залажуваат јавноста со лажниот патриотизам , со национализмот и со наводнта „ штета“ за државите и националнте интереси , што биле претрпени од додавката „ северна “ и од „ продавањето“ на името Македонија на „ скопјаните“ .

Претседателскиот кандидат на националистите во Македонија се заканува дека ќе ја тера политиката на назадување и практично на антимакедонство , што ја водеше се уште актуелниот претседател , служејќи му верно на осудениот бегалец , поранешен македонски премиер – што ќе рече – ќе го поништела преспанскиот документ . Во Грција , пак, каде претстојат европски и локални избори , националистичката опозиција собрана околу Нова Демократија , се заканува дека ако на есен ја освојат власта на парламентарните избори – ке ја блокираат „Преспа“ и ќе го блокирала влегувањето на Македонија во ЕУ .

Аеродромот „ Микра“

Изворите на „ Скопје/Глобал “ меѓутоа , тврдат дека станува збор за „ празна слама“ и за празни закани , бидејќи токму таа партија и сите националисти сега се растоварени од еден голем проблем во грчките надворешни работи во регионот кој ја туркаше Атина на периферијата на Европа , од каде таа постојано сака да побегне , за да стане регионален фактор . Од друга страна , договорот е меѓународен , па затоа никој не може да го поништува туку така , а не ке можат ниту да го блокираат македонското навлегување во ЕУ . Едно , поради политиката на самата Унија , а второ , поради веќе споменатото кинеско предупредување – дека Грција може да загуби многу , ако ги блокира и не ги реализира проектите што и носат на земјата и пари и развој и вработувања . Доколку Киријакос Мицотакис се обиде да ги изневери инвеститорите , тогаш брзо ќе ја загуби власта , доколку воопшто и ја добие – велат нашите извори .

Она што од страната на грчките анти-Преспа кругови можеше да се направи по успешната посета на Скопје, беше да му се подметне на Ципрас дека во македонскиот главен град  „најавил менување на името на солунскиот аеродром“ .

Зборувајќи за грчката помош во контролата на небото , преку нивниот моќен и софостициран радар и радарскиот систем на солунскиот аеродром, грчкиот премиер при неговото лоцирање го употребил името „ Микра“, а не официјалното име на солунскиот аеродром „ Македонија“. Низа атински медиуми , на тоа побрзаа да додадат една постара изјава на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис , кој има речено  дека ако грчките националисти зборуваат за иредентизам (од македонска страна),  тогаш така може да се квалификува и сегашното име на солунскиот аеродром, кој до 1992 година го носеше името „ Микра“. На крајот излезе, како што тоа обично и се случува со националистите, дека станува збор за лажна вест – Микра е името на солунскиот воен аеродром , каде и се наоѓа радарот што ќе го надгледува северномакедонското небо.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе