Алијанса за одбрана на демократијата
Во почетокот на април, пред 70 години, неполни четири години по завршувањето на Втората светска војна, 12 демократски држави од Западна Европа, САД и Канада, на конференција во Вашингтон го создадоа НАТО, потпишувајќи ја спогодбата за организацијата на Северноатланската алијанса за колективна одбрана, која не е ограничена со никаков рок.
Земји-основачи и први членки на Алијансата беа Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Велика Британија и САД. Во февруари 1952 година, во организацијата беа примени Грција и Турција, а во мај 1955 година, шест години по создавањето, беше примена и Западна Германија. Проширувањето на НАТО ќе продолжи дури во 1982 година, со приемот на Шпанија, која во 1975 година се ослободи од диктатурата на генералот Франко, кој таа година почина, за да потоа уште седум години помине во транзиција, настојувајќи да ја стабилизира својата млада демократија.
Од шпанското членство ќе се чека да поминат 17 години, падот на комунизмот во Европа и повторното обединување на четири децении поделениот континент, за да Алијансата ги прими првите екс комунистички држави, поранешни советски сателити и членки на Варшавскиот пакт – Чешка, Полска и Унгарија.
Во март 2004 година, во НАТО се зачленија и Бугарија, Естонија, Летонија, Латвија, Романија, Словачка и Словенија.
На 1 април 2009, влегоа Албанија и Хрватска, како дел од т.н. “Јадранска тројка“ на која и припаѓаше и Македонија. Но, нејзиниот влез тогаш го блокираше Грција, користејќи ја како силен изговор тврдата, националистичка политика на претходната македонска влада, која прво вети дека се согласува на “ново“ име, односно на додавка на постојното име на државата, но пред Самитот на НАТО во Букурешт излезе со предлог што одамна беше напуштен, дури и од македонската страна.
Македонија конечно во Европа
На почетокот на јуни 2017 година, Црна Гора стана 29-та членка на Алијансата, откако во јуни 2006 година, прогласи независност и се отцепи од земјата која едно време се нарекуваше Југославија, па потоа Србија и Црна Гора. Веќе во 2010 година, оваа мала поранешна Ју република испрати свои војници во рамките на контингентот на НАТО во Авганистан.
Во февруари оваа година, конечно, и Македонија беше формално поканета да се придружи во НАТО, со потпишување на протоколот со сите сегашни земји-членки, од кога земјата, практично, е и дел од Алијансата.
Досега протоколот го ратификуваа 11 држави (прва Грција), што уследи по промената на власта во Скопје, со новата проевропска, прозападна и продемократска влада, која ги надмина недоразбирањата од минатото со Бугарија и со Грција, го разреши триесет годишниот спор со Атина за разликите околу името Македонија и после безмалку 28 години разни премрежија, ја внесува државата во Европа, на голема врата – прво, како 30-та членка на Алијансата.
Во изминатите децении постоење и делување и самата Организација мораше да се приклонува и да се адаптира на бројни ситуации кои се појавуваа во процесот на проширувањето. Во првата група, во 1949 година, членки станаа и малите Исланд и Луксембург кои и тогаш, а и сега немаат своја војска. Исланѓаните имаат крајбрежна стража, своја полиција и систем за противвоздушна одбрана и доброволни мировни сили.
Инаетењето на Де Гол
Западна Германија која настана на територијата на трите окупациски зони по Втората светска војна, под контрола на САД, Британија и Франција, во 1955 година, во НАТО влезе само со својот западен дел. По обединувањето со Источна Германија, кој беше комунистичка држава, под строга советска контрола до падот на Берлинскиот ѕид, на 3 октомври 1990 година, мораше да го потврди (уште еднаш да се зачлени) сега како обединета Германија.
Во 1966 година, криза во Алијансата предизвика Франција, или попрецизно нејзиниот тогашен претседател Шарл де Гол кој одлучи да се повлече од воените структури на НАТО, објаснувајќи го тоа со потребата за француската воена независност. Всушност, стануваше збор за несогласувањето на остарениот генерал и ветеран од Втората светска војна, САД да ја имаат командната улога во Организацијата и воопшто да бидат присутни во Европа.
Настојувајќи себе си да се промовира како европски лидер, Де Гол самостојно тргна да гради односи со Советскиот Сојуз, промовирајќи ја паролата за Европа од Урал до Атлантикот.
Тоа и се допадна на Москва затоа што во тоа гледаше разбивање на западното единство и рехабилитација на системот што СССР им го наметна на земјите во Источна Европа.
Но, дури и на Париз му беше јасно дека за Европа каква заговараше Де Гол, беше потребна демократизација на комунистичкиот блок, како и на самиот Советски Сојуз, а тоа тогаш изгледаше како чиста утопија.
Во воените структури на НАТО, Франција се врати дури во времето кога претседател беше Никола Саркози.
Песимизмот на Черчил
При влегувањето на земјите од т.н. Вишеградска четворка во НАТО, надвор остана Словачка, поради нејзиниот тогашен антизападен и проруски премиер Владимир Мечијар кој не брзаше со демократските реформи, а самиот имаше автократски амбиции. При приемот на трите балтички држави, пак, сите три поранешни советски републики, беше договорено другите членки на Алијансата, наизменично, да се грижат за чување на нивниот воздушен простор, затоа што ниту една од нив не располага со свое воено воздухопловство.
Приказната за Северноатланската алијанса, практично, би можела да почне уште пред нејзиното создавање, уште во јули 1945 година, на конференцијата во Потсдам, во близината на разурнатиот Берлин и врз урнатините на нацистичкиот Рајх, што насила и со милионски жртви, пред и во текот на војната, го градеше Адолф Хитлер, носен од лудата идеја за континент под германска, ариевска, контрола.
Историчарите велат дека уште во Потсдам станало јасно дека победниците во војната не ќе можат да живеат заедно во мир.
Во првите месеци на поствоена Европа, тогашниот британски премиер Винстон Черчил ќе заговара создавање на некаква Обединета Европа, дури и за нешто што би се нарекувало “Обединети европски држави“, но тие негови визии на повеќето од тогашните политичари им изгледале како нешто премногу далечно и прехрабро за реализација.
Самиот тој, велат, додека со чаша виски и со својата пура во раката чекал да почне конференцијата, веќе бил свесен дека крваво извојуваниот мир, сепак, ќе ги раздели победниците.
Советскиот лидер Сталин веќе ја имал за себе Источна Европа, започнувајќи процес на комунизација на тој простор, па работата врз која Западот целосно ќе се ангажира во годините што ќе следат, ќе биде – како да му се одговори, сега, на предизвикот на Сталин и на “црвената империја“ како што тогашните воени и политички стратези ќе го нарекуваат СССР.
Заштита од Сталин
Сите се согласуваат дека во годините на “Студената војна“ од 1945 до 1989 година, НАТО беше поставен како опозиција и заштита за сочувување на демократскиот свет, спречувајќи прелевање на “комунистичката диктатура“ кон Западот и покрај бројните обиди да се испровоцираат “револуции“ во некои од државите на тој дел од континентот кои излегоа осиромашени и на моменти бесперспективни во бруталната војна меѓу 1939 и 1945 година.
Всушност, НАТО е плод на стравувањата од потенцијалната советска инвазија кон Западна Европа, по избувнувањето на Берлинската криза и блокадата на Берлин (1948-1949) од страна на советските трупи.
Станува збор за реалната закана од сталиновите амбиции да ја комунизира целата Европа, што се виде и со поттикнувањето и поддршката на грчките комунисти да започнат граѓанска војна со монархистите, од 1946 до 1949 година, за да се претвори Грција во комунистичка земја и покрај тоа што на референдумот по Втората светска војна, огромно мнозинство од населението било за зачувување на монархијата и прозападниот карактер на државата.
По колапсот на комунизмот и на Советскиот Сојуз, што започна во 1989 година, НАТО направи темелна ревизија на својата политика и одбранбена стратегија.
Во 1994 година беше промовирана програмата “Партнерство за мир“, повикувајќи ги поранешните членки на Варшавскиот Пакт и екс советски републики да се вклучат во една широко определена воена соработка, вклучувајќи и обуки и вежби заедно со членките на Алијансата, па дури и уредување на заеднички одбранбени планови.
Договарање со Елцин
Прва се приклучи Романија, а во 1996 година “партнерството“ го сочинуваа 27 држави, вклучувајќи 15 (од 16) поранешни советски републики, како и Австрија, Унгарија, Словачка, Бугарија, Малта, Албанија, Чешка, Македонија (единствена од екс Ју), Финска и Шведска.
Следната година, на Самит во Париз во 1997 година, беше создаден и безбедносен пакт меѓу НАТО и Русија, во која тогаш, претседател беше Борис Елцин. Таа година, првите три екс комунистички држави – Полска, Чешка и Унгарија – беа повикани за полноправно членство во Алијансата, а со Русија беше направена спогодба со која на Москва и е ветено дека на територијата на екс источно-европските земји нема да се стационира нуклеарно оружје, ниту да се прават воени бази на Алијансата.
Од тоа време потекнува верзијата за (тајната) “џентлменска“ спогодба на Елцин и Бил Клинтон, за тоа дека трите балтички држави ќе бидат последните поранешни советски републики што ќе влезат во НАТО.
Така или не, работите почнаа да се менуваат кога Владимир Путин го наследи Елцин во Кремљ.
Новиот руски претседател, поранешен висок функционер на КГБ во Источна Германија, многу бргу ќе ја смени позицијата на Москва кон Алијансата, откако ќе навести дека Русија под негово водство ќе се врати на позициите на Советскиот Сојуз како голема сила, а не како еден од партнерите на Запад, вклучувајќи го и односот кон НАТО.
Од договорено партнерство, Путин ќе се врати на позициите на Москва од времето на комунизмот, гледајќи на оваа организација како на непријателска и како закана за руската безбедност. Тој нема да му прости на Елцин за тоа што дозволил цела Источна Европа да влезе во НАТО, без разлика на формалното паѓање на “Железната завеса“, а особено, што трите балтички републики (што Сталин ги има анектирано) станаа дел од Алијансата.
Путин на советските позиции
Од тогаш, Путин и неговата Русија ќе отворат фронт кон Западот, кон НАТО, но и кон ЕУ, што за него е закана за руските интереси во Европа и надвор од неа.
Обидот на Грузија да се извлече од московската “прегратка“ и да биде дел од Алијансата, ќе биде казнето со освојување на Јужна Осетија и со признавање на “независноста“ на оваа грузиска територија и на Абхазија, кои се отцепија од матичната грузиска државна територија.
Кога во Киев ќе биде тргнат прорускиот претседател Виктор Јанукович, Москва ќе изврши инвазија, а потоа и анексија на Крим и ќе поттикне сепаратистички бунт во Источна Украина – во Луганск и Донецк, каде украинската влада нема никаква контрола.
Во својата агресивна политика, Русија ќе се нафрли и врз Западен Балкан, создавајќи криза, поттикнувајќи меѓунационални тензии, користејќи ги своите тајни служби за ширење дезинформации и лажни вести во обидот да се тргнат владите и прозападните политички лидери.
Во Црна Гора, со московска помош и поддршка, како и со користење на српските тајни служби, во октомври 2016 година, беше направен обид за државен удар и тоа за време на парламентарните избори.
Ударот не успеа, Русија (и Србија) се прават дека немале ништо со настаните во Подгорица, но поразот во Црна Гора и неуспехот за излез на “топло море“ – на Јадранот, ја разгневи Москва која русофилски настроената српска политика ја стави под своја контрола, правејќи од Белград “стратешки партнер“ и блокирајќи ја можноста за изнаоѓање компромис за траен мир со Косово.
“Освојување“ на Македонија
Таа руска операција одеше во “пакет“ со преземањето на Македонија, откако поранешниот премиер, осуденик и бегалец, помогнат од тајните служби кои сега роварат низ македонската политика, им ја предаде државата на Русите, согласувајќи се на се што тие побараа – само за да може да остане бескрајно на власт и да “царува“ со земјата како со своја приватна фирма.
Не само што дозволи да се пере дел од сомнителниот руски капитал, туку ја направи главната работа – го блокираше влегувањето на државата во ЕУ и НАТО, ескалирајќи го судирот со Грција.
Наместо со бугарските лавови на неговата партија, како што тоа го правеше неговиот претходник на лидерската позиција на македонските лажни патриоти, екс премиерот – бегалец, почна да мавта со грчкото сонце, нашиот словенски национален идентитет, го замени со грчкиот антички, а статусот на црквата и го препушти на решавање на Руската православна црква, која во Српската гледа свој најлојален и најсигурен сојузник за спроведување на руските интереси на Балканот.
Обидот за пуч (и во Скопје) при насилниот упад во Парламентот, со намера за елиминација на (тогаш) мандатарот за состав на нова влада, со помош на делови од врвот на полицијата и безбедносните органи, како и на претседателот на државата, Москва сакаше да спречи тргање на екс премиерот осуденик – за да не се направи договор со Грција и за да Македонија остане надвор од НАТО/ЕУ.
Проруски кандидат
Кога тоа не успеа, почна силната пропаганда (преку купените македонски медиуми и со некои од НВО) за дисквалификација на новата власт и на новиот премиер, што се уште трае.
Тоа беше мошне силно изразено во текот на преговорите за “Преспа“, па по склучениот историски македонско-грчки договор, а потоа и пред референдумот.
Сега, пред претседателските избори, се повторува истото сценарио, овој пат во настојувањето да се обезбеди еден “свој“ претседател, што ќе остане на истиот проруски курс, како и досегашниот шеф на државата, застапувајќи ги интересите на Москва.
Таков кандидат е побаран и е најден од националистичките редови, кои се дел од новосоздадената руска партија и интелигенција, кои продавајќи лажен патриотизам, настојуваат Македонија да го смени својот прозападен и демократски пат, задоволувајќи ги така руските, а не македонските државни интереси.
На одбележувањето на јубилејот од НАТО, во Вашингтон, на кој прв пат беше и македонскиот шеф на дипломатијата, државниот секретар на САД, Мајк Помпео ги повика сите земји членки и сојузници, заеднички да им се спротивстават на новите предизвици кои доаѓаат од Русија, но и од Кина и од Иран.
Тој изрази надеж дека Алијансата и сега ќе се справи со нив, онака како што тоа го направи во времето на “Студената војна“ и на советската закана.
(С.С.Г.)