Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Четврт век од колежот во Руанда

©ICRC/Benno Neeleman CC BY 2.0

Четврт век од колежот во Руанда

Африка пред се и светот, на почетокот од овој април, се потсетија на еден од најстрашните злосторства извршени на “Црниот континент“ – на геноцидот во Руанда, кога во меѓуплеменските колежи, во организирана кампања беа убиени, заклани и масакрирани 800 илјади луѓе.

Во ужасните настани во 1994 година, за кои светот разбра со задоцнување и бавно реагираше, беше брутално ликвидирана една десетина од тогашното вкупно население на оваа источноафриканска земја!

Најголем дел од несреќните жртви беа луѓето од малцинските Тутси и припадниците на умерените Хутси кои беа брутално убивани, со намера да бидат целосно ликвидирани, од страна на екстремистите на етничкиот народ Хуту.

Критики кон Франција

На комеморацијата во главниот град Кигали, се собраа многу африкански лидери, беше и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, како и белгискиот премиер, а лидерот на Руанда, Пол Кагаме кој пред 25 години, пред и за време на масовните колежи на невините луѓе, беше предводник на бунтот против тогашната власт, палејќи го „вечниот оган“ за жртвите, порача никогаш повеќе да не се случи еден ваков геноцид во Африка и во светот и се заложи – никогаш повеќе луѓето од оваа земја, да не тргнат едни против други.

На одбележувањето на тажната годишнина, не беше францускиот претседател Емануел Макрон, ниту било кој друг висок претставник од Париз, што се смета за нормална реакција, затоа што изминатите години, откако се разбра големината на извршените злосторства, Франција беше критикувана и обвинувана за она што се случи во Руанда.

Тогашната француска влада важеше за близок сојузник на руандските власти од пред четврт век, што ги предводеа Хутите. На официјален Париз, му се замераше што дека уште пред масакрот, биле игнорирани предупредувањата и навестувањата дека тоа може да се случи.

Исто така, француските власти беа обвинувани дека Французите ги имаат обучувано припадниците на милицијата која ги спроведе операциите за убивање на луѓето од другите етнички заедници. Во Кигали немаше претставник ниту од соседна Уганда која беше обвинувана дека ги подржувала силите кои војуваа против Кагаме и неговите бунтовници.

Макрон во меѓувреме, наложи еден специјална панел-истрага од експерти, за да се утврди улогата што ја имала Франција во тоа време во Руанда и специјално, пред започнувањето на меѓуплеменските колежи.

Колеж на Тутсите

Она што, меѓутоа, веќе се знае е дека хаосот во земјата настана откако на 6 април 1994 година, се урна авионот со кој патуваше руандскиот претседател Жувенал Хабиаримане, од редовите на Хуту народот, во кој загинаа и тој и сите кои патуваа со него.

Пред уште и да се утврдат причините за падот, екстремистите од редовите на Хутите веднаш ги обвинија Тутсите и нивните бунтовници дека тие го собориле претседателскиот авион.

Беше покрената добро испланирана и организирана кампања за колеж и ликвидација на припадниците на Тутсите. На разните паравоени и воени милиции властите им делеле листи, на луѓе од ова племе кои требало да бидат најдени и ликвидирани.

Една од милициите кои учествуваа во геноцидот врз другите етнички групи, била и милицијата на младинската организација на тогаш владејачката партија во Руанда. Тие ги блокирале патиштата, за да не можат да избегаат несреќните луѓе, а преку радио станиците под контрола на власта, биле покренати програми за распалување на омразата и за поттикнување на убивањето на сите кои не се од редовите на Хутите.

Убијците најчесто носејќи само мачети, оделе од куќа до куќа, во кои ликвидирале цели семејства и секој што ќе им се најдел на патот.

Меѓународни аналитичари кои сега им посветуваат внимание на случувањата од пред 25 години, се уште не можат да разберат како се случи светот да се однесува толку индиферентно кон масовните колежи во Руанда. Луѓето беа брутално ликвидирани само затоа што беа од друго племе, или од друга етничка група, а задоцнетата реакција уследи кога почнаа да пристигнуваат стравичните слики од улиците низ градовите и селата во оваа земја во Африка, полни со масакрирани лешеви.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе