Еквадор отвора истрага за Асанж
Властите во Еквадор соопштија дека покренуваат своја истрага за основачот на Викиликс и поранешен австралиски хакер, Џулијан Асанж, околу истекувањето на информации за приватниот живот на претседателот на оваа јужноамериканска држава, Ленин Морено, што се појавија на оваа интернет страница.
-Асанж е наш државјанин, па ние можеме да му го продолжиме азилот, или да му го одземеме, ако за тоа се појават законски основи, па затоа имаме и право да покрене истрага за неговите активности, доколку постојат некакви сомнежи – изјавил во Кито, еквадорскиот министер за надворешни работи Хозе Валенсија. Тој меѓутоа ги отрфли најавите дека бегалецот Асанж ќе биде протеран од зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон, како и дека за тоа веќе имало договор со Британците.
Вакви тврдења објави Викиликс минатата недела , потврдувајќи дека Асанж продолжува да работи и од доброволното заточеништво во едно станбено крило на еквадорската амбасада , но се покажа станува збор за лажна вест. Она што е точно е дека владата на Морено, сега сака да го преиспита целиот случај со основачот на оваа интернет страница.
Од минатата година, стана забележливо дека официјален Кито го менува својот досега заштитнички однос кон Асанж , барајќи од него како Еквадорец , да ги почитува интересите на Еквадор, а не неговата „војна“ со светот, главно со САД и на некои западни држави , служејќи им на тој начин на интересите на Русија. Истрагата на Американците за изборите во 2016 година , покажаа дека токму преку Викиликс беше дискредитирана Хилари Клинтон, како противкандидат на Доналд Трамп и преку оваа мрежа се појавуваа доверливите информации за состојбите во водството на Демократската партија . И за едната и за другата информација , има признанија дека биле користени руски извори .
Претседателот Морено , затоа , прво нареди да му се исклучи интернетот на Асанж , го обвини дека со своето дејствување им штети на интересите на Еквадор , а потоа , му беше наложено самиот да си го плаќа здравственото осигурување и да си ги чисти просториите во кои живее .
Асанж побегна во амбасадата на Еквадор , во јуни 2012 година , каде доби азил , откако Врховниот суд на Британија пресуди тој да биде екстрадиран во Шведска , каде е осомничен за силување на една поранешна активистка во Викиликс во Стокхолм .
Обид за киднапирање автобус во Љубљана
Едно лице е убиено во сериозниот безбедносен инцидент во Љубљана , откако убиениот киднапирал автобус на градскиот сообраќај , полн со патници , присилувајќи го возачот да вози надвор од градот .
Со интервенцијата на словенечките безбедносни сили , случајот завршил така што киднаперот бил ликвидиран . Никој од патниците не беше повреден ниту од киднаперот , а ниту при полициската интервенција , но целиот инцидент остана без подетални објаснувања што навистина се случи . Не е јасен мотивот за грабнувањето на градски автобус , како ни тоа дали инцидентот треба да се оквалификува како тероризам , сличен на оние веќе извршени во делови од Европа и низ светот .
Локалните медиуми ја истакнуваа присебноста на возачот кој за да алармира за она што се случува во автобусот , намерно поминал на црвено светло , што било сигнал да се појави полицијата , која дотогаш не знаела што се случува . Некои весници , пак , пишуваа дека полицијата , всушност , ја известиле некои патници кои пратиле СМС пораки за тоа дека се во киднапиран автобус .
Жена прегазена од мал авион !
Словенечкиот пилот-аматер Алојз Шименц (72) со својот мал авион , ја прегазил својата соседка додека се движела по една малечка улица , покрај импровизираната тревната писта , во околината на Љубљана . Жената останала тешко повредена и поминала долго време на лекување и опоравување , а пилотот кој ја прифатил вината за необичниот инцидент, ги платил сите трошоци за нејзиното лекување .
Но судењето за случајот се одржало дури после три години од инцидентот . Љубљанскиот суд имал големо разбирање за страствениот пилот , па го осудил на една година затвор , условно и трајно одземање на летачката дозвола . Во меѓувреме , Шименц , продолжил, без проблеми , да лета со својот авион , па успеал да предизвика уште еден инцидент, по кој неговиот авион се запалил и целосно се уништил .
Оштетената жена најавила дека сега ќе покрена граѓанска парница за наплата на штетата предизвикана од несреќата .
Случајот е од 2016 година , кога Шименц атерирајќи на импровизираната писта , загубил контрола врз леталото , па авионот тргнал кон уличката каде била жената и една нејзина сосетка , удирајќи во тешко повредената . Лекарите рекле дека е добро што останала жива .
Полската влада ги потплатува гласчите – пензионери
Полската влада одлучи на секој од пензионерите во земјата , да им додели , еднократно по 200 евра . Одлуката доаѓа на еден месец пред европските парламентарни избори на кои десничарската , националистичка влада на партијата „ Ред и правда“ настојува да го поправи впечатокот по неуспехот на локалните избори , но опозицијата и бројните демократски и либерални движења остро го осудуваат ваквиот владин потег , означувајќи го како „ поткупување на гласачите“ .
Партијата која и онака својата доминација во Полска ја има во внатрешноста на земјата , меѓу селанството на кое му дели силни субвенции , инаку набавени преку европските фондови на ЕУ , како и меѓу пензионери, сега се обидува и на ваков начин да обезбеди победа на ЕИ изборите, во обидот – крајната десница и националистите да бидат доминантната сила во Европскиот Парламент.
Владата во Варшава против која е покрената постапка од Европската комисија за непочитување на европските принципи во реформата во правосудството, се надева на изменет состав на Парламентот во Стразбур, како и на поинаква Европска комисија, за да спречи казнување на Полска.