Поврзете се со нас

Skopje Global

Нова матна “арапска пролет“

Свет

Нова матна “арапска пролет“

Craitza/BigStock.com

Нова матна “арапска пролет“

Осум години по настаните што го потресоа арапскиот свет, што беа означени како “арапска (политичка) пролет“ поради верувањето дека може да донесат вистинска демократија и почитување на човековите права, во некои од арапските држави (сега само во Северна Африка) се случуваат политички потреси кои, засега, никој не се осмелува да ги оквалификува како “пролет“ која ќе навестува некакво демократско будење, затоа што никој не сака да предвидува што ќе се случува понатаму.

Во Алжир, а потоа и во Судан, беа соборени од власта двајцата “вечни претседатели“ – Абделазис Бутефлика кој со алжирската држава управуваше како да е негова, 20 години и Омар ел Башир кој 30 години брутално и диктаторски, го предводеше Судан, недопирлив за домашната опозиција и за меѓународната јавност.

Речиси во исто време, во Либија, која никако не може да се стабилизира како држава со една, централна власт, по соборувањето на Моамер Гадафи и неговото брутално убиство, генералот Халифа Хафтар чија војска ја има контролата врз Бенгази и целиот Исток и југ на државата, нареди офанзива кон либискиот Запад и освојување на Триполи.

Во тој северозападен од државата и главниот град, делува противничката (исламска) власт, која воено е подржана од неколку на неа лојални вооружени милиции и ОН.

Никој не знае, што може да изроди офанзивата, освен што се стравува дека ќе предизвика ново страдање на цивилите и обнова на граѓанската војна.

Разочарани демонстранти

Тој е поранешен близок сојузник на Гадафи кому му има помогнато во 1969 година, да го собори тогашниот либиски крал Идриз, но подоцна станаа противници, па Хафтар побегна во САД.

Се врати во Либија кога земјата беше во хаосот по соборувањето на режимот на Гадафи и набрзо, на Истокот од земјата, каде се и главните резерви од нафта и гас, стана централната воена и политичка фигура. За формално признатиот либиски премиер, Фајез ал Серај, меѓутоа, она што сега го прави генералот е обид да изврши воен удар за да ја преземе контролата врз целата земја.

Последните вести од теренот се дека Хафтар го запрел своето брзо напредување кон Триполи, додека во алжирскиот главен град и во Картум, луѓето на улиците го слават падот на режимите и во двете земји.

Но, ситуацијата во сите овие три држави не може да се рече дека се стабилизира. Радоста од тргањето на Бутефлика и на Омар, брзо беше заменето со нови изливи на незадоволство и со покренување нови протести, во кои се бара вистинска демократија и цивилна власт.

Меѓу Либијците, пак, повеќето веруваат дека сегашната ескалација на кризата нема да заврши со разговори на спротивставените страни од Бенгази и од Триполи, за договор околу нови избори, како што тоа од порано е предвидено за средината на април.

Бутефлика се повлече на барање на војската

Во Алжир и во Судан состојбата е сосема поинаква. Во февруари Алжирците ги организираа првите демонстрации, откако власта објави дека остарениот и тешко болниот претседател Бутефлика, кој неколку години е прикован за количка и не се појавува во јавноста, одново ќе се кандидира за претседател на Алжир.

Гневот кој се има наталожено од авторитарната, недемократска власт во која тајната полиција (со војската) имаат контрола врз државата и луѓето, недозволувајќи вистинска опозиција, уште повеќе нарасна што еден 82 годишен политичар, со претрпен мозочен удар, по пети пат треба да победи на изборите, уште и додека се наоѓа на лекување во странство.

Власта за прв пат почна да се повлекува, па прво беше соопштено дека ова ќе бил неговиот последен мандат, но откако протестите стануваа се помасовни и се закануваа да се претворат во насилни, кабинетот на Бутефлика соопшти дека тој ја повлекува претседателската кандидатура.

На крајот, по наговор на врвот од војската тој поднесе оставка.

Изборите се одложија за почетокот на јули, а за привремен шеф на државата беше поставен Спикерот на Горниот дом на Парламентот, Абделкадер Бенсалах.

Мирот на улиците траеше кратко, затоа што противниците на режимот не веруваат дека Бенсалех може да спроведе вистинска транзиција во Алжир, затоа што долго време е близок со Бутефлика, бил дел од власта, па дека тој не може да спроведе порадикални реформи во државата како што сега се бараат во оваа северноафриканска држава, во која вистинска демократија немало по ослободувањето од француското колонијално ропство во 1960 година.

Бескрвен пуч во Картум

Во суданскиот случај, работите по малку делуваа набрзина и изненадувачки, откако демонстрантите секој ден почнаа да излегуваат на улиците од Картум, протестирајќи против владата и власта на Омар ел Башир.

Во бруталната интервенција на специјалните сили на режимот имаше десетици убиени лица, но власта очигледно брзо се пресмета дека продолжувајќи со бруталноста и со бранењето на Омар, ризикува се да биде загубено, па врвот на армијата одлучи дека најбезболно е да се тргне од власт диктаторот (како во Алжир), или како во Зимбабве, со тргањето на Роберт Мугабе, па затоа побрзо отколку што се очекуваше – изврши пуч.

Омар и онака е обвинет од Меѓународниот кривичен суд за геноцид, извршен во Дарфур, во кој се верува дека беа убиени над 200 илјади лица, а тој одби да се јави на сослушување Во зло му се припишуваат и судирите во Јужен Судан, пред отцепувањето на тој дел од најголемата по територија држава во Африка, па соборувањето од власта на долгогодишниот диктатор помина бескрвно и без никакви потреси. Веднаш се создаде привремен воен совет со мандат од две години, за колку што војската ветува дека ќе организира избори.

Со Советот раководи началникот на Генералштабот на армијата, а за привремен претседател беше назначен министерот за одбрана, Авед Ибн Оуф.

Воените власти воведоа полициски час и побараа воздржаност од населението, но излезе дека демонстрантите не се задоволни од ваквиот развој на работите, па не почитувајќи го полицискиот час, продолжија со протести. Суданската опозиција смета дека рокот од две години е премногу долг, бараат побрзо враќање на цивилите во органите на власта и стравуваат дека една воена диктатура (онаа на Омар) ќе биде заменета со друга.

Уништувањето на Сирија

Како сега стојат работите, излегува дека промените извршени оваа пролет во некои од муслиманските земји во Африка, се поинакви од оние во пролета 2011 година. Тогаш тие почнаа во Тунис со самозапалување на еден демонстрант, а потоа се раширија во Египет, Либија, Сирија, Бахреин и Кувајт, секаде со различен идентитет.

Имаше обиди за протести и во Алжир, Јордан, Оман, како и во Либан. Надвор од бранот протести, останаа Катар и Обединетите Арапски Емирати и Мароко.

Интензитетот на протестите, во секоја земја беше различен – од улични демонстрации, до брутални пресметки на демонстрантите и полицијата и вистинска граѓанска војна, како во Сирија, чиј крај се уште не може да биде означен.

Последиците од таа т.н. “арапска пролет“ од пред осум години се уште се видливи во целиот арапски и муслимански свет и тие иако го потресоа Блискиот Исток, во основа, ништо ново, напредно и уште помалку, демократски, му донесоа во регионот.

Сирија помина најтешко, иако таму протестите се појавија подоцна. Тргнаа како отпор кон режимот на Башар ал Асад, а крајниот ефект е целосно растурената земја, поделена како никогаш досега на раскараните Суните, Шиити, Курди и христијани.

Внатрешните судири привлекоа странско воено мешање (Русија, Турција, Иран и Западот), огромен број цивилни жртви и милиони раселени лица, како и бран бегалци на Блискиот Исток и кон Европа.

Токму војната во Сирија, ја “роди“ Исламска држава, а таа создаде “калифат“ предизвикувајќи дополнителни човечки жртви низ борбени операции, низ терористички напади и брутални егзекуции на “неверниците“.

Битката на Сунитите и Шиитите

Либија е пример за тоа – како обидот да се извлече земјата од диктатурата, ја претвори во држава без власт, оставена на милост и немилост на разни религиозни паравоени единици и милиции и како територија за трансфер на мигранти во Европа.

Египет, пак, се најде на работ од граѓанска војна меѓу муслиманските браќа и секуларната држава, по падот на режимот на Хосни Мубарак и изборот на претседател од редовите на муслиманските браќа, кои веднаш најавија креирање на еден поинаков Египет од оној што светот го познаваше.

Кризата и длабоката поделеност на народот заврши со тргање на исламистот Мохамед Морси од претседателската функција и со тивок воен удар, по кој целата власт ја презеде поранешниот министер за одбрана Ал Сиси.

Она што “априлската пролет“ од 2011 година го остави во арапскиот свет, на Блискиот и Средниот Исток и му го префрли на светот и по што ќе ја паметат и муслиманите и немуслиманите – е старовековната битка на Сунитите и Шиитите за доминација. Судирот во Сирија, во Кувајт и посебно немирите во Бахреин, беа на таа линија.

Мнозинските Сунити во Сирија, се бунтуваа против превласта на малцинските Шиити (режимот на Асад). Во Бахреин, пак, мнозинските шиити, бараа демократски права за себе против доминацијата на Сунитите кои во оваа мала островска држава се малцинство, но управуваат со државата два века.

Малку е затоа, веројатно дека она што сега се случува во неколку држави од арапскиот свет, може да покрене бран протести како оние пред осум години, особено што на сите во сеќавање им остана сознанието дека освен зацврстувањето на исламизмот, “пролетта“ не ги донесоа посакуваните промени.

( А.С.)

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе