Поврзете се со нас

Skopje Global

Aсанж (конечно) затворен

Свет

Aсанж (конечно) затворен

(c) David G Silvers. Cancillería del Ecuador.

Aсанж (конечно) затворен

Побрзо отколку што се очекуваше, еквадорските власти заклучија дека Џулијан Асанж, еден од основачите на Викиликс повеќе не може да остане сокриен во просториите на амбасадата на Еквадор во Лондон, каде од јуни 2012 година, престојуваше откако им побегна на британските правосудни власти и на полицијата.

Во посебно соопштение, еквадорскиот претседател Ленин Морено изјави дека…

“непристојното и агресивно однесување на Асанж, како и заканувачките декларации на неговата организација против Еквадор, а посебно кршењето на меѓународните спогодби, доведоа до тоа да му се одземе еднаш доделениот азил“.

Откако му го одзеле азилот, што му беше даден пред безмалку седум години, персоналот на амбасадата побарал од него да си замине, а кога тој го одбил тоа, еквадорскиот амбасадор ја повикал британската Метрополитен полиција, која го изнесе на раце бегалецот од зградата на дипломатската мисија, до полициското возило.

Овој поранешен австралиски хакер, во својот добро познат стил, и овој пат ја искористи целата оваа ситуација за да направи претстава за јавноста пред бројните ТВ камери и за да се прикаже себе си како некаква “жртва“, порачувајќи дека сето тоа само покажува дека бил во право кога зборувал дека против него и неговата Викиликс се подготвува заговор.

Лондонската полиција, меѓутоа, дејствуваше врз основа на старата потерница, издадена по бегството во еквадорската мисија, според која без разлика на добиениот азил (од Еквадорците), полицијата беше овластена да го уапси и да го одведе во затвор, во првиот момент кога тој ќе излезеше од зградата на амбасадата.

Подготвување заговор

Тој беше обвинет за бегството од локацијата која му беше определена за престој додека се бранеше од слобода во процесот околу неговата екстрадиција во Шведска, каде го сомничеја за сексуално насилство, како и поради повреда на правилата за условна слобода која му беше дадена по платена кауција на негови поддржувачи, во висина од 250 илјади фунти.

Експресно, општинскиот суд во Вестминстер го прогласи за виновен за овие дела и наложи притвор, до 2 мај.

Тогаш треба да му биде изречена казната за делата кои спаѓаат во доменот на непочитување на судските одлуки и за што максимално може да добие една година затвор.

Од судот во Вестминстер, Асанж беше одведен во затворот Белмарш, во југозападен Лондон, каде е сместен во блокот со висок степен на осигурување.

Таму треба да остане до 12 јуни, кога му претстои првото сослушување за барањето на американските власти тој да биде екстрадиран во САД.

Во минатата година, за прв пат, се разбра дека еден американски суд го обвинил Асанж за ковање заговор, поттикнувајќи го поранешниот припадник на американската војска кој во меѓувреме го смени полот и сега се вика Челси Манинг, да хакира илјадници тајни и доверливи материјали на државата – на Стејт департментот и на Пентагон, за да бидат објавени на страницата на Викиликс.

За ова обвинување, доколку биде екстрадиран, Австралијанецот кој живее во Британија, би можел да добие најмногу пет години затвор.

Различни изјави на Трамп

Неговите адвокати, меѓутоа, како и организацијата Викиликс, која постојано дели соопштенија, инсистирајќи на неговата невиност, прикажувајќи го како новинар (?), борец за човекови права и за правото на слобода на говорот, продолжува да обвинува дека ваквото обвинување, наводно, било само мамка за да се смири јавноста, а дека во САД би можел да биде обвинет за многу посериозни кривични дека за кои следува и многу потешка казна.

Адвокатите најавуваат дека ќе се борат против екстрадицијата, како што се спротивставуваа и на екстрадицијата во Шведска за случаите со сексуално насилство, поради кои Асанж побегна и побара азил од властите во Кито, откако Врховниот суд на Британија пресуди тој да им биде предаден на шведските правосудни власти.

Британскиот премиер Тереза Меј и шефот на дипломатијата Џереми Хант го поздравија апсењето на Асанж и како што рекоа, конечното спроведување на правото и правдата кое “за сите е еднакво”.

Министерот Хант изјави за лондонските медиуми дека Асанж не е никаков херој и тој со години се криеше од вистината и од правдата.

Американската администрација, засега, молчи, но медиумите во САД инсистираат на различниот пристап на претседателот Доналд Трамп кон целиот случај. Пред три години, во екот на предизборната кампаеа за Белата куќа, тој го величаше Викиликс, затоа што тогаш оваа интернет страница водеше кампања против Демократската партија и посебно против демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, меѓу другото, дисквалификувајќи ја за случајот со “приватните мејлови“.

Сега Трамп има изјавено дека “Викиликс не е негова работа, туку на државниот обвинител“.

Само потпретседателот Мајк Пенс има речено дека Асанж бил “вклучен во ширењето на тајни информации, сопственост на американската влада“.

Поддршка од Сноудон и Москва

На страната на Асанж, веднаш се јавија разните левичарски организации и здруженија кои обвинуваат дека неговото апсење било “противправно“, како и дека евентуалното екстрадирање во САД ќе значело “закана за слободата на говорот“.

Поддршка добил од рускиот шпион, Американецот Едвард Сноудон, поранешен ИТ оперативец на НСА кој откако откри државни тајни, побегна преку Кина (Хонг Конг) во Русија, каде сега живее под руска заштита на непозната локација. Поддршка на Асанж му даваат и руското Министерство за надворешни работи и портпаролот на Кремљ, што ќе рече официјална Москва, која инаку во САД беше обвинувана дека токму од Русија, Викиликс ги има добиено материјалите за да се дискредитира Клинтон, како противкандидат на Трамп.

Со критики за актуелните еквадорски власти, се огласи и поранешниот претседател Рафаел Кореа кој го прифати Асанж и му даде политички азил. Неговиот наследник, Ленин Морено, меѓутоа, од почетокот на својот мандат навестуваше преиспитување на статусот на Асанж во лондонската амбасада на Еквадор.

Државата која самата не може да се пофали со слободата на говорот и на медиумите, посебно во времето на Кореа кој има затворено на десетици ТВ и радио станици и интернет изданија кои и припаѓаа на опозицијата, сега открива дека потрошила 6,5 милиони фунти за чување на бегалецот Асанж во инаку малите простории на мисијата во британскиот главен град.

Владата во Кито, ги отфрла критиките и тврди дека Џулијан Асанж станал “неиздржлив “ дека бил во конфликт со персоналот на мисијата, не дозволувајќи тие да влегуваат во “неговите“ простории во кои, се вели, дека инсталирал камери со снимање тон и прислушни апарати.

Правни експерти во Лондон (а и во САД) тврдат дека во целиот случај, сепак, се претерува со тврдењата и обвинувањата дека неговото (конечно) апсење е повреда на човекови права, или уште помалку закана на слободата на говорот.

За него тврдат дека тој не бил новинар, но дека дури и да и припаѓа на оваа професија, како слобода на говорот не може да се третираат украдени (хакирани) државни материјали – тајни и доверливи – за да се објавуваат на интернет страница која преку тоа уште и ќе прави профит.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе