Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Париз без Нотр Дам

Biljana

Париз без Нотр Дам

Најславната катедрала во Франција и една од најпознатите објекти на француската и европската готика, Нотр Дам, беше „проголтана“ од големиот пожар, што ја зафати црквата во понеделникот доцна попладнето. Во еден момент изгледаше дека Париз, Франција, Европа и светот ќе останат без еден од своите највредни споменици, затоа што катедралата одамна  не беше само обична црква, но после петнаесет часовната беспоштедна битка на повеќе од 400 пожарникари – најлошото, сепак, не се случи – францускиот главен град остана без Нотр Дам, каква ја познаваме сите изминати децении и векови, но таа не беше целосно уништена.

„Успеавме да ја сочуваме конструкцијата на катедралата, во целина  – изјави францускиот претседател Емануел Макрон кој цело време бил кај катедралата додека траеше операцијата за локализирање на огнената стихија и за гаснењето на пожарот.

Во првата изјава за новинарите тој најавил покренување широка кампања за прибирање пари за обнова на разурнатите делови од катедралата и за нејзината целосна реставрација, за која париските медиуми најавија дека веќе започнала – од поединечни прилози на француските граѓани кои со насолзени очи гледаа како гори еден од симболите на Париз, до францускиот крупен бизнис, организацијата на ОН – УНЕСКО, преку ЕУ која преку претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск упати повик до сите земји- членки да помогнат во обновата на овој европски споменик. Претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тивијани уште побара – сите европратеници да се откажат од една своја дневница, за да се помогне за побрзото повторното подигнување на Нотр Дам.

Катедралата останува нестабилна

Засега не се знае што е причината за избувнувањето на пожарот. Првите изјави на пожарникарите се дека (најверојатно)  „пожарот е случаен“, но и дека треба да се поврзе со започнатата реконструкција на централниот дел од катедралата, кој е најтешко настрадан.

Првиот повик дека „ нешто гори “ бил пријавен во 18, 20 часот, но тогаш не било ништо откриено . Вториот повик до пожарникарие бил упатен  во 18,45 кога веќе се гледал силен оган, што се ширел со голема брзина. Набргу бил зафатен кровот на катедралата што потоа се урнал, уништувајќи го целиот интериер од дрво, а веднаш потоа се урнала и високата кула, во средината на објектот, што досега доминираше над големата црква.

Пожарникарите ги спасија страничните ѕидови, двете големи кули на предната страна и сето она што тие го имаат, како и зградите од соседството, кои во еден момент изгледаше дека не ке може да се спасат од огнената стихија која никако не можеше да се стави под контрола. Во утринските часови, во вторникот, пожарот бил целосно изгаснат, иако се продолжува со гаснење (ладење ) на одделни „џебови“ за кои се вели дека се уште тлеат. Во тие моменти, се уште не се влегуваше во внатрешноста на она што остана од Нотр Дам, поради стравот од можното уривање на страничната конструкција.

„Основната структура се успеа да се сочува, но целата зграда е се уште нестабилна, затоа што не се знае што се би можело да биде оштетено од големата топлина, предизвикана од огнот“ – изјавил висок функционер на министерството за култура.

Пожарот избувна на почетокот од неделата пред католичкиот и протестантскиот Велигден, што посебно ги има растажено париските и француските верници. На својот профил на Твитер, Макрон доцна синоќа има забележано – Тажен сум вечерва, зашто гори еден дел од нас. За медиумите тој подоцна изјавил дека Франција ќе ја обнови катедралата , најавувајќи го тоа како француски проект во следните години  и порачувајќи дека „тоа го бара и историјата“.

Сведок на историјата

Повеќе од 13 милиони посетители од Франција и Европа , но и од целиот свет, секоја година доаѓаат да ја видат и да ја разгледаат оваа 850 години стара катедрала.

Нотрд Дам е сместена на островот Ил де Сите на Сена , во центарот на Париз. Почнала да се гради во 1163 година , посветена на Марија Богородица, во време на францускиот крал Луј Седми . На почерокот на градењето присуствувал и тогашниот папа Александар Трети . Била целосно завршена дури во 1345 година , а првата поголема реконструкција била извршена меѓу 1844 и 1864 година .

Во својата долга историја , катедралата била средиште на многу настани од историјата . Во 1431 година , таму бил крунисан англискиот крал Хенри Шести , како крал и на Франција . Во 1804 година , Наполеон бил крунисан за император . Јованка Орлеанка таму е прогласена за светица . Во цркавата биле одржани комеморативни миси по повод смрта на двајца француски претседатели – Шарл де Гол и Франсоа Митеран .

Црквата била оштетена во текот на француската револуција во 1790 година , кога биле искршени главите на светците во катедралата. Но останала без оштетувања во време на Париската комуна и на двете светски војни. Своевидна светска слава, оваа готска катедрала има постигнато со помош на еден од најголемите француски писатели , Виктор Иго и неговиот роман „Звонарот на Богородичната црква“.

(Д.Ф.)

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе