Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Моралот на другарката професор

digitalista/Bigstock.com

Моралот на другарката професор

Лицето на една жена, со застрашувачки сериозен поглед,  изминативе неколку недели, гледа од сите агли низ Скопје и низ  македонските градови. Додуша ја нема низ  некои од  западните делови од земјата , иако би требало, како потенцијална „мајка“ на целата држава и таму да ја има, но и без тоа, се среќава на безмалку секоја раскрсница, некаде ставена слика до слика. Таквото изобилство со ова лице е дел од (по правило насилната) кампања и пропаганда на нејзината националистичка партија, која после 11 години поминати на власт, по што Македонија остана целосно урнисана,  сега настојува да протурка уште еден нејзин кандидат да биде избран за нов претседател на државата.

Вториот круг се одржува на 5 мај, па впечаток е дека со приближување на денот на гласањето, бројот на постерите по патиштата и полињата низ државата и ќе се зголемува, случајно да не се остави простор за другиот кандидат, верувајќи дека на тој начин ќе може да се испере мозокот на гласачите (тие што тоа ќе го дозволат) и  во нивната свест да нема ништо друго освен другарката професор Гордана С. Давкова .

Во функција на вмровската партија

Вмровската партија ни ја продава професорката како да е безмалку  од Господ испратена за кандидат,  некаков „спасител“  за државата  и прочистувач на душата на народот. Останува нејасно зашто тие не определија кандидат од своето најтесното партиско опкружување, собрано околу нивнот (привремен) лидер, кога имаше неколкумина претенденти со амбиција да бидат барем кандидати за нов шеф на државата. Зошто се свртеа кон професорката, која изминатиот четврт век од македонската независност ги помина безмалку сите партиски опции, нудејќи им ги своите услуги на сите?

Како и да е, таа е сега тука само за да ги промовира тврдите партиски, антиевропски, антизападни, проруски, па со сето тоа и антимакедонски позиции на сегашната нејзина  партија – и ништо друго. Затоа, таа не е никаков  независен кандидат, како што е погрешно се рекламира, тврдејќи дека е кандидат кој ја сака Македонија и згора на се – патриот. Да беше така, тогаш професорката би требало да биде на другата страна од македонската политичка сцена, меѓу оние кои вистински ја сакаат земјата и кои ја гледаат во иднината, како европска Македонија.

За другата страна, патриотизмот не е е лажен  и не е работа од денес-за утре, заради политикански  цели. Па, еднаш ќе мавтаме со знамиња со бугарски лавови и ќе не уверуваат дека сме „бугари“, а потоа ќе го набркаат дотогашниот лидер, ќе му ја земат партијата и ќе  мавтаат со други знамиња, со  антички (грчки) сонца, тврдејќи дека не сме ниту Словени, туку„ антички македонци- грци“. Погрешно е да се зборува и дека професорката (како можен претседател) ќе биде „вистинскиот глас на народот “, бидејќи од се што зборувааат таа и нејзините, станува јасно дека мислат само на вмровските гласачи и на задоволување на нивните интереси, за да може и натаму да бидат купени, купувани, а потоа и уценувани, како што тоа се случуваше пред референдумот минатиот септември, но и сега, пред првиот круг од претседателските избори. Всушност како што македонските националисти го правеа тоа сите 11 години додека владееја со земјата.

Против македонските интереси

Затоа, гласањето за неа, практично е глас против Македонија и нејзините државни интереси. Против нејзиниот европски курс и  против иднината, а за враќање во авторитарното блиско минато кое не верувам дека е заборавено по само 20 месеци со новата власт. Тоа истото се однесува и за оне кои (секој од свои лични интереси) ги „казнуваат“ новите, затоа што очекувале да добијат (заработат) повеќе отколку во времето на претходните, со тоа што нема да гласаат, оставајќи и на професорката и нејзините да тврдат дека и тие се нивни гласови. И вистина излегува дека се нивни, затоа што, со исклучок на поедини случаи , главнината од незадоволнците делуваат како купени и уценувани души.

Во секој случај, на сите нам, на Македонија, сега ни е потребен НОВ ЧОВЕК. Вистински нов претседател, а не женска професорска копија на професорот кој веќе 10 години, од 12 мај 2009 година, работи против државните интереси, газејќи го Уставот наместо да го чува и одржувајќи ја државата заробена, како што тоа го смисли и го сакаше партијата на избеганиот екс премиер и нејзин лидер (сега од странство). Тој го најде и го постави на претседателската функција шефот на државата во заминување, за да му служи, за да ги брани и подржува сите криминали, сето газење на демократијата, сите  анти- европски решенија и за да ни ја инсталираат Русија како тутор, прв пат во историјата  на македонска територија, во нејзината глобална стратегија за контрола на Балканот.

Од тие причини,  потребен е претседател за сите државјани на Република Северна Македонија, која  веке е во НАТО и која како никогаш до сега, не била на вратата од ЕУ, за старт на преговарачкиот процес.

Купени сродни души

Според тоа, гласот за професорката, всушност е глас против една поинаква Македонија, против нејзиното отворање кон соседите и кон Европа. Гласот за професорката е за враќање назад, како што таа и нејзините газди порачуваат, не кажувајќи каде ќе ја враќаат земјата и од што ќе ја одвраќаат. Определувајќи се против напредокот, гласачите би се определиле за човек на претседателската функција кој ќе шири омраза кон сите кои не се од неговата партија и кој ке ги дели луѓето на „патриоти“ и предавници. Претседател, кој ќе ги блокира Владата и Парламентот, како да е некаков монарх, поставен над Уставот, иако токму Уставот му остава  сосема прецизно определени овластувања и во основа толку ингеренции колку за да не се дезавуира извршната власт и Парламентот, каде што седат народните избраници и каде што е вистинската власт.

Не ни е потребен одново претседател кој ќе дава орден на лидер на држава за која овдешниот суд им  суди на обвинети  дека токму на таа држава и предавале државни и службени тајни (!?). Ниту претседател кој ќе прави аболиции за да ги блокира работата на судот и целиот правен систем, ставен во функција на  „груевизмот“. Кој ќе именува и назначува функционери од неговиот домен на работа, но на десетина денови пред конечното заминување од функцијата,  и тоа лица – фунционери кои се од редовите на националистичката партија на која и служи до последниот момент .

Во тоа нема  морал и ниту малку моралност. Нема во тоа ниту законска, или уставна основа, а токму тоа лажно ветување го продава професорката по митинзите и дебатите, како да заборавивме дека  таа и нејзиното професорско  друштво на купени сродни души, му беа „советниците“ на професорот – претседател на одење. Тие  го уверуваа дека е „легално и законски“ да не му дадеш мандат на мандатор кој успеал да создаде парламентарно мнозинство, со што добива и легитимитет и легитимност за да биде нов премиер.

Растурање на постигнатото

Тоа е демократија и за тоа знаат дури и во најнеразвиените држави , но изгледа дека тоа го „заборавиле “ оние од скопскиот Правен факултет , па затоа со своето „ експертско “ самозадоволство гледаа како шефот на државата, во служба на режимот ,  се изживува со мандатарот , барајќи некакви  екстра гаранции за неговата најлегално  формирана владина коалиција , криејќи се зад лажниот патриотизам и нескриениот национализам и антиалбанството , чекајќи со странска ( разузнавачка )  помош да се „ случи народ“ и разулавената толпа „ уставобрантели “ да помогне  за да се изврши пуч ( на тогашната власт ) против ( тогашната ) опозиција .

И сега , една од тоа и такво друштво „ правници “  продава морал , моралност и законитост .

Уште зборува и за „ победа на Македонија “ , не кажувајќи што тоа воопшто значи . Раскажува приказни дека ќе ги преиспитува сите владини договори, а посебно Преспанскиот , па потоа дека таа ( сепак ) ќе го почитува (?) , откако  Москва го прифати и призна името со додавката  „северна“  . Зборува за право и правда , што во основа треба да значи поништување на пресудите на оние кои го смислија и организираа обидот за пуч и за убиство на тогашниот мандатар , сега премиер , со помилувања , кратење на казните и слични мајмунлаци од арсеналот на актуелниот претседател , за да се дојде до главното – бришење на вината и казната на екс премиерот бегалец. За негова рехабилитација и враќање во Македонија , многу веројатно и со преземање на партијата што им ја остави на чување на сегашните в.д. шефови .

Пресметка со „ комунистите“

Давкова ни зборува дека треба да гласаме за неа за да ги тргнеме „ комунистите “ (!?) што е врв на цинизмот и двојниот морал – на една жена од времето на комунизмот  . Без да се навлегува во приватноста , како професор и другарка , и во секој друг поглед , токму таа е типичен пример за тоа време . Особено , што да е демократ  , тоа не би смеела  ниту да го замисли а не да го зборува јавно , затоа што демократијата – вистинската , а не фингирана , како на нејзините работодавачи – толерира разлики на мислење, на политички уверувања и на идеологии .

И , конечно , ветува дека ќе заговара и предвремени избори за да ја „ спасува “ Македонија – од оние кои силно работат да ја сместат земјата во Европа и во евро-атланските асоцијации. Тоа со изборите ,  не е во нејзина надлежност , освен  што само ја легитимира како човек на националистичката партија  и што  открива за чии интереси од надвор треба да одработи . Но , тоа значи – блокирање на европскиот пат – како што тоа и се случува на Србија , со блокирање на сите проевропски , про-ЕУ реформи , за да се одлага ( одново ) до недоглед македонската државна и национална стратегија. За сета предизборна  кампања да заврши со прикажување на „ современиот дух“ на професорката – со јоги вежби и носење мини здолништа – пред 50 години .

Кандидат без кредибилитет

Според тоа , другарката професор иако многу зборува ,  не одговара на најважните работи – за настаните од крајот на април 2017 година , за организираниот напад ( од нејзината партија ) на Парламентот , за обидот да се предизвика меѓунационален судир , за планот за  воведување вонредна ситуација .

Таа не кажува ништо за вината и одговорноста на организаторите , како и на тепачите . Не зборува за тоа , иако е правник . Можеби дури смета дека сега треба  се да се заборави , да не се санкционира – според она – било , што било . Како што не кажува и дали кога ни зборува за некаков ред , за правда и за морал ,  значи дека сака да се огради од сите тие срамни моменти на газење на демократијата и од самонаречените „ уставобранители“  како насилничка толпа во функција на тогаш владеачката партија ?

Е , Давкова не мисли да се огради од крвавите настани на кои се погази се што значи право и праведност . Да мислеше така , ќе беше на европската страна на македонската успешна приказна  , но таа и како претседателски кандидат , го нема сменето  мислењето . Едноставно ,  нема храброст , или не смее да зборува за тоа , или пак , што најверојатно , таа  мисли како што мисли нејзиниот партиски лидер –  дека немало пуч , туку  се бранело македонството , онака како што тоа го гледаат само луѓето од режимот на премиерот – осуденик и бегалец !

А , како кандидат за претседател  – требаше , прво ,  да се извини за злоделата направени кон државата и кон нејзините витални интереси , со криминалите , со газењето на демократијата , со апсењето без судење и чување во притвор на невини луѓе  и по неколку години , со задушување на медиумите кои не се купени од нејзината партија . И јавно да се огради од најголемиот срам во независна Македонија .

Тогаш и би можело да помислиме дека е независна , дека можеби не е обичен партиски кандидат . Вака , таа е само слика и прилика на сегашниот претседател , обичен прислужник на партијата , која сега и од неа бара да го прави истото . Затоа ,  професорката нема никаков морален кредибилитет  да бара  да ја изберат за претседател на државата . Ниту пак да биде професор .

( Спектатор )

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе