Нема ништо комично во Украина
Кога новоизбраниот претседател на Украина Володимир Зеленски, веднаш по неговата неочекувано уверлива победа на изборите го прашале што ќе прави со рускиот претседател Владимир Путин, тој одговорил – ќе разговарам со него во висината на очите – шеговито потсетувајќи дека тој и претседателот на Русија се речиси со иста височина, за разлика од 185 см. високиот досегашен украински претседател Петро Порошенко и повеќе од 15 см. понискиот Путин.
Шеговитата реакција за најсериозното прашање за новиот шеф на државата, која пет години е распарчена – остана без Крим, откако беше анектиран од Русија, а во двете источни провинции Луганск и Донецк, Киев нема никаква контрола, по сепаратистичкиот бунт што воено, материјално и политички е подржуван од Москва – воопшто не зборува за храброста и одважноста на Зеленски. Таа само покажува кого, всушност, избраа Украинците за да им ја води земјата.
Станува збор за комплетен новајлија во оваа работа, целосно неискусен во политиката и во меѓународните политички и воени односи, досега познат како ТВ комичар и актер во една популарна хумористична серија во која главниот лик, дотогашната своја учителската професија ја заменува за претседателската функција.
Малкумина веруваа дека приказната од смешната ТВ серијаa може да се претвори во украинска политичка реалност, но тоа, сепак, се случи на големо исчудување на странските известувачи од случувањата во земјата.
Декрет на Путин
Најголемиот број од нив и натаму се прашуваат – како стана можно, еден ваков човек да добие толку висока поддршка од гласачите, за да биде претседател на Украина во сегашната исклучително тешка ситуација.
Земјата е на работ од судир со Русија – својот голем источен сосед и долги години патрон, во времето на бившиот Советски Сојуз, каде на украинската територија се сметаше како на некаков “руски двор“, во кој никој друг (од страна) нема право на пристап.
Само три денови по изборите и од шегаџиската изјава на Зеленски, Кремљ му одговори со едно “тврдо добредојде“.
Од таму покажаа дека нема да има попуштање околу тоа кој може да го има главниот збор во односите и да ги поставува услови и уште испорачаа и ново казнувањето на Украинците за “бунтот од Мајдан“ и за свртувањето кон Западот, со декрет на Путин со кој на населението во бунтовничките покраини од Источна Украина, по забрзана постапка ќе им се доделува руско државјанство.
Тоа значи ситуација сосема налик на онаа со Крим, кога по набрзина изведениот “референдум“ во штотуку освоената територија и по извршената анексија, надвор од сите меѓународни норми, Москва веднаш почна да им дели руски пасоши на луѓето од полуостровот кои автоматски стануваа руски државјани.
Според руските закони – оние кои имаат добиено државјанство се обврзани на верност кон Русија.
Држава-агресор
Луганск и Донецк (засега) не се анектирани, но сепаратистите уште минатата година си прогласија своја “Донецка република“ – практично, отцепувајќи се од Украина. Со декретот на Путин се спроведува уште еден напад на Москва врз суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и се открива намерата за натамошна дестабилизација на Украина, уште веднаш по изборот на нов претседател.
Уште повеќе ќе се влошат односите меѓу двете соседни земји, а државата Украина, се повеќе се претвора во нова Грузија, каде властите во Тбилиси немаат никаква контрола врз провинциите Абхазија и Јужна Осетија кои од 2008 година, Москва ги признава како независни држави.
Токму затоа, декретот на Путин, е остро осудуван од ЕУ, од САД и посебно од Германија и Франција, земји-посреднички во мировниот процес во Украина, по руската инвазија во март 2014 година.
Во изјавата на американскиот Стејт департмент, овој потег на Москва се означува како “провокативна акција која го интензивира нападот врз сувереноста и интегритетот на Украина“.
Новоизбраниот претседател Зеленски веќе не прави шеги, па после објавувањето на декретот за делење руско државјанство на луѓето во провинциите кои се под контрола на проруските бунтовници, рекол дека Москва само потврдува оти таа е државата – агресор во судирите во Источна Украина.
Зеленски пред изборите има зборувано дека негова прва задача ќе биде да ги ослободи украинските морнари (и трите заробени бродови) кои минуваа низ Керченскиот премин, што ги поврзува Црно Море со Азовско, како и решавањето на ситуацијата во Источна Украина.
Време за пазарлак
Но по ваквиот „поздрав“ од Москва, она што прво треба да направи е да види каква е вистинската ситуација на теренот, за да се утврди колку е реално, да се очекува напредок во кризата и во “замрзнатата војна“ на источниот фронт.
Втората работа е учење на лекциите од реалната политика, зашто пред воопшто и да се сретне со некого од Русија, тој ќе мора, со владата и со пратениците, да изгради консензус околу тоа што ќе стави на масата за преговори, односно, што е тоа што Украинците би биле спремни да го отстапат, при пазарлакот, што Москва, сигурно, ќе му го наметне на Киев, доколку Украинците се определат за затворање на кризата.
Руската страна е категорично против влезот на Украина во НАТО и во ЕУ, што беше цел на претходниот претседател и на власта создадена по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович, кого Русите го извлекоа од земјата и го префрлија во Москва, пред да може да биде изведен на судење во Киев.
Зеленски, колку што се знае, се нема јавно определено за евроатланските асоцијации (не се знае дали правел вицеви и за ова во ТВ серијата).
Како сега стојат работите, Русија нема да прифати ниту враќање на Крим на Украина, не само поради базите на руската црноморска флота, туку затоа што историски го смета за свој дел, добиен во минатите векови низ војни.
Кримјаните веќе ги интегрира како свои државјани, а изгради и мост преку морскиот теснец, со што полуостровот го поврза за руската територија, заобиколувајќи ја Украина.
Многу е веројатно дека слични планови има и за Луганск и Донецк, иако со нив е полесно, бидејќи тие се наоѓаат на источната украинска граница со Русија.
Но, околу нив, Москва би можела и да се пазари – да останат во составот на Украина, но со сосема поинаков статус од оној пред пролета во 2014 година.
На пример, како автономни покраини со висок степен на самоуправа, модел кој би можел да им се продава и на ЕУ, САД и на меѓународната јавноста, или пак да се бара од Киев да прифати комплетно внатрешно преуредување на државата – во федерација.
Нова политика?
Порошенко и владата досега тоа не го прифаќаа, но Зеленски, сега, треба да изгради свој став околу едно вакво решение кое, инаку, од порано се појавува, од време на време.
Работата е во тоа што Киев со новиот шеф на државата (каков и да е) ќе мора да се појави со нови, или барем видоизменети видувања за сите овие мошне важни прашања за земјата, кога веќе се најде во ситуација на судир и непријателство со една Русија.
Веројатно тоа е и причината што официјална Москва “нема мислење“ за смената во Киев. Едноставно, чека да слушне што Володимир Зеленски ке каже за сите отворени прашања.
До неговото формално преземање на функцијата, во мај, сегашниот парламентарен состав дејствува во духот на политиката на Порошенко – остро со Москва и со инсистирање на украинската посебност и украинскиот идентитет.
Само 24 часови по декретот на Путин, уследи контра-одговор. Во Киев беше усвоен нов закон за задолжителната употреба и користењето на украинскиот јазик во медиумите и во јавната администрација, во држава каква е Украина, каде рускиот јазик на големо се користи.
Прашањето на јазикот
Јазикот стана многу важно прашање во 2014 година, по прорускиот бунт во источните делови од земјата, каде украинскиот јазик многу малку, или воопшто не се употребува. Порошенко кој формално, се уште е претседател, веднаш објави дека ке го потпише новиот закон.
Зеленски кој зборува руски, пак, реагираше малку поинаку. Тој се согласува дека украинскиот јазик треба да биде официјален во земјата, но дека треба да се “поттикнува неговата употреба, а не да се натура, со закон“.
Останува да се види дали во Москва која инаку е мошне чувствителна кога станува збир за рускиот јазик и употребата во поранешните советски републики, ќе ја регистрираат оваа нијанса на новиот претседател. Факт е, меѓутоа, дека станува јасно колку биле очајни Украинците кога својата држава му ја доверуваат на неискусен, новајлија во политиката, чија досегашна работа била да ги засмејува и забавува луѓето.
Сега останува сите – и новиот претседател и гласачите – да се отрезнат и да прифатат дека нема ништо комично во Украина.
(У.К.)