Нова ИРА и убива
Лајра Меки (29) новинар на локалниот весник во Лондондери, во Северна Ирска, стоела во непосредна близина на полициското возило, надгледувајќи го текот на пресметката меѓу милитантите националистички, републикански екстремисти и полицијата, кога од истрел од огнено оружје, испукан врз припадниците на безбедносните сили, била смртоносно погодена.
Веста за убиството во Дери, како што северноирските католици го нарекуваат овој град и таа разлика нема само јазично, туку и политичко значење, предизвика шок во градот и во Северна Ирска, но и во целата Велика Британија. Младата Меки е првиот новинар кој е убиен за време на извршувањето на својата работа, известувајќи од еден настан, на британска почва во изминатите 20 години.
Убиство пред Велики петок
Комеморацијата по повод убиството, одржана во една од католичките цркви во Белфаст, на која се собра политичката елита од Британија и од Република Ирска, предводени од британскиот премиер Тереза Меј, ирскиот премиер Лео Варадкар, претседателот на Ирска Мајкл Хигинс, заедно со претставници на политичките партии од редовите на католиците и протестанти, требаше да значи порака со остра осуда и несогласување со насилството, затоа што тоа, повеќе од три децении, се до пред крајот на 20 век, ја потресуваше Северна Ирска, предизвикувајќи смрт на повеќе од 3500 луѓе и длабоки поделби во општеството.
Особено што младата Лајра Меки беше застрелана на еден ден пред годишнината од историскиот мировен договор за Северна Ирска, потпишан на Велики Петок, во април 1998 година.
Со него се стави крај на непријателствата, се интензивира развојот на оваа британска покраина на ирскиот остров, забрзано се унапредија односите меѓу Лондон и Даблин кои направија низа компромиси при договарањето. А во Белфаст, за прв пат, една заедничка влада создадоа најтврдите унионисти, предводени од милитантниот поранешен протестантски свештеник Ијан Пејсли и партијата на католиците, Шин Феин, поранешно политичко крило на паравоената Ирска републиканска армија (ИРА). Во таквата влада, заменик на Пејсли стана поранешниот командир на ИРА од Дери, Мартин Мекгинис.
Пресметка со „непријателот“
Но, шокот и вознемиреноста го предизвика сознанието дека зад пресметката со силите на безбедноста во градот и зад убиството на Лајра стои (одново) ИРА. По 21 година од договорот од Велики петок “републиканците“ од оваа веќе одамна расформирана и формално разоружена, во напад, со користење на огнено оружје е убиена една новинарка. Станува збор за извесна “нова“ ИРА која се огласи со соопштение во која ја преземаат одговорноста за инцидентот и за смртта на младата жена.
Во соопштението тие уште велат дека се извиниле на семејството на убиената, уверувајќи дека таа не била целта, но дека настрадала “затоа што стоела до позициите на непријателот“, мислејќи на полицијата.
Вакви соопштенија, во кои полицијата (порано и британската војска) се третираа како непријатели против кои војува ИРА, исто како на почетокот од 20 век, во борбата за стекнување на независноста по безмалку 700 години британска доминација во Ирска, од поодамна немало во комуникацијата на милитантите и северноирската јавност, иако во изминатите две децении, повремено имаше инциденти и улично насилство.
Новинарката била блиску до позициите на северноирската полиција, во пресметката не учествувале британски сили (како едно време), но за оваа милитантна група која себе се нарекува нова ИРА, сега и локалните полициски сили, северноирската власт и сите кои се дел од она што и го дава британскиот карактер на оваа провинција на североистокот од островот Ирска, се „непријатели“ и треба да се “казнуваат“ се додека не престанат “да слугуваат“.
Барање за обединување
Тие велат дека нивниот напад нема врска со Брегзит и со целата хаотична ситуација што се создаде околу излегувањето на Британија од ЕУ, најмногу поврзано со статусот на границата меѓу Републиката на југот и Алстер (покраината на северот) од островот.
Според соопштенијата на оваа најнова група, во инаку долгата серија од разни ирски “армии“ на републиканците (католици), нив ги интересира само, како што велат, повторното обединување на Островот, поделен во 1921 година, со договорот на ирските националисти и тогашната британска влада на Дејвид Лојд Џорџ.
Ова не е прво јавување на “новата” ИРА на сцената. Ова беше трет инцидент во изминатите пет-шест месеци што тие го признаваат како свое дело, но е првиот во кој извршија убиство.
Пред божикните празници, зимава во Лондондери, пред зградата на судот, предизвикаа експлозија на автомобил бомба. Никој не настрада, затоа што бомбата беше активирана доцна во ноќта.
Второто огласување беше со испраќањето на пет писма-бомби до главните аеродроми во Лондон и едно во Глазгов. Ова веќе беше сериозна закана и предупредување, иако ниту едно од писмата не предизвикаа некакви последици.
Закана во кризно време
Безбедносни експерти уверуваат дека тоа е мала група на дисиденти на ИРА која целосно ги копира јазикот и потезите на поранешните вакви паравоени групи од времето пред мировниот договор.
Веројатно тоа е така, но групата се појавува во време на најдлабоката криза во Велика Британија во изминатите децении. Во време на длабока поделба на целото општество, какво одамна немало и особено кога Брегзитот, истуркан со тесно мнозинство, само благодарејќи на евроскептицизмот на Англичаните и нивниот национализам, предизвикува остро противење во другите делови на Британија.
Во едно такво време се појавува групата која постојано ја истакнува својата милитантност. Тоа особено беше видливо при последниот инцидент во Дери, град за кој се вели дека е најмногу наклонет на ИРА во Северна Ирска.
Во гласањето за Брегзит, Северноирците, како и Шкотланѓаните, беа во значително мнозинство против британското напуштање на ЕУ. Поранешните премиери (лабуристот Тони Блер и конзервативецот Џон Мејџор) беа против излегувањето од ЕУ, предупредувајќи дека тоа би можело да го стави на испит опстанокот на целовитоста на Обединетото кралство.
И обајцата – и порано и сега – тврдат дека токму мировниот договор од Велики петок може да биде сериозно загрозен, поради непотребниот и штетен Брегзит.
Појавувањето на една “нова“ ИРА ги потврдува нивните стравувања.
(Д.Л.)
Извештај од Лондон